Интервју со пејачката Татјана Лазаревска: 51-виот роденден непланирано стана Ивкова слава
Мојот роденден за мене е еден од поважните датуми во годината и секогаш со задоволство си го славам, заедно со сите мои најмили, првенствено со семејството, а и со пријателите. И оваа година неочекувано стана Ивкова слава, три дена, секој ден со гости, со еден куп луѓе…
Фолк-пејачката Татјана Лазаревска неодамна го прослави 51-виот роденден во Австралија, каде што живее со семејството. Роденденот, кој овој пат непланирано станал тридневна Ивкова слава, вели бил полн со радост и гости. Во интервјуто за „Слободен печат“, Татјана зборува за музичката и љубовната атмосфера во семејството, предизвиците што ги носат годините, синовите што тргнале по нивните стапки, како и за радоста од наскоро планираното доаѓање во Македонија.
Препорачано

Неодамна славеше роденден, а твоите родендени се секогаш весела фешта. Како помина овој пат?
– Мојот роденден за мене е еден од поважните датуми во годината и секогаш со задоволство си го славам, заедно со сите мои најмили, првенствено со семејството, а и со пријателите. И оваа година неочекувано стана Ивкова слава, три дена, секој ден со гости, со еден куп луѓе… Свеќичките ги издував, како што е редот и како и секогаш, супер, најсупер си го поминав.
Доби ли некој посебен подарок од најблиските?
– Морам да кажам дека оваа година мојот постар син Петар многу пријатно ме изненади. Вечерта пред роденденот, кога се вратив од работа, во спалната ме чекаше едно црвено цвеќе. За мене подарокот не е толку важен туку вниманието и од кого доаѓа. Тоа ме растопи, ме расплака и за мене тоа беше нешто посебно.
Наполни 51 година… те плашат ли годините? Мислиш ли дека одредени периоди од животот носат свои убавини, особено кога жените влегуваат во позрели години?
– Годините никогаш не ме плашеле, затоа што навистина ги „дувам“ само кога се бројките на тортата, како свеќички. Само тогаш сум свесна за нив. Преку годината си живеам турбо, онака како што чувствувам, онака како што сакам, со полн гас, со многу енергија, со многу љубов. Точно е дека секој период од животот си носи свои убавини. За мене, животот секогаш е момент што го уживам. Секогаш е најубаво. Го сакам минатото, меѓутоа, живеам во сегашноста и не размислувам премногу за иднината.

Во Австралија сега е лето. Како ги поминуваш деновите?
– Летото тука си има своја енергија, своја убавина – зеленило, шаренило, сонце, живот. Иако јас ја сакам зимата, нејзината убавина не ми пречи, дури ми недостасува снегот во Австралија. Која било сезона од годината за мене си има своја убавина, а летото е малку поинтересно затоа што тогаш е Нова година, Свети Никола, Божиќ… и така, обратно од кај нас, малку чудно и необично. Но, веќе 11-та година се навикнуваме и уживаме.
Од една страна имаш работа во градинка, од друга страна настапите. Што те прави посреќна и исполнета?
– Градинката и пеењето – тоа се мои две „професии“ во кои уживам. Не можам да кажам дека ги сакам подеднакво. Музиката е тоа што сум јас последните 30 години, мојата љубов, мојата животна инспирација за сè.
Работењето во градинка навистина ме исполнува донекаде затоа што работам со дечиња, особено бебиња, и тоа е една посебна љубов. Најинтересен момент е кога навистина сум во еден друг свет, што е добро. Меѓутоа, музиката секогаш и засекогаш е со мене, во мене.

Кога бевте во Скопје, имавте настапи заедно со Новица, снимивте песна и се видовте со колеги и роднини – планирате ли повторно да дојдете набрзо?
– Тука имаме настапи заедно со Новица, се дружиме со колегите и сите оние што доаѓаат од Македонија. Со радост и од срце ги пречекуваме и се дружиме. Социјалните мрежи се тука за да го надополнат сето ова и да видиме што се случува. Неколкупати кога се враќаме во Македонија, снимаме песни, настапуваме на фестивали, така што на музички план апсолутно ништо не ни недостасува. Пред неколку денови ја купив картата, па така летово доаѓам во Македонија, на 3 јули и ќе бидам тука до средината на септември. Сè беше непланирано, но на барање на мојата публика од Македонија, решив да дојдам и да отпеам секаде каде што можам, но и да се видам со пријатели и роднини.
Како се Петар и Стефан? Како е да се биде дел од музичко семејство? Колку си блиска со нив и дали ти ги споделуваат своите љубовни проблеми?

– Му благодарам на Господ, Петар и Стефан се добро, здрави, нормални деца што растат во поразлична средина и семејство. До пред неколку години тоа не го сфаќаа, но кога првпат заедно се вративме во Македонија во 2023 година, почувствуваа музичка атмосфера и сфатија кои се нивните родители и што значат за македонската музика. На нивно огромно задоволство, го прифатија тоа и почнаа да ја сакаат нашата музика. Настапуваат, свират тапани и тоа не е случајно, мојот татко беше тапанџија. Во гените имаат ритам и талент. Не ги притискаме, ги оставаме да ги следат своите желби. Се дружат со нашите колеги, што е големо задоволство за нас како родители. Блиски сме затоа што во Австралија имаме време да се посветиме едни на други како семејство. Што се однесува до љубовниот живот на нашите синови, јас, како мајка, сум љубопитна и сакам сè да знам. Ги прашувам, понекогаш ми кажуваат, понекогаш не. Драго ми е што синовите за машките работи имаат своја релација со нивниот татако и се поискрени со него и си разговараат за машки работи. Нашите улоги се поделени, но како родители сме многу задоволни.


