Интервју со пејачката Ивона Јовановиќ: Не дозволувам да ме обзема страв од непознато

ивона јовановиќ
Ивона Јовановиќ / Фото: Приватна архива

Иако завршила средно медицинско училиште, студирала стоматологија, па се префрлила на студии по нутриционизам на ПМФ, како што вели Ивона, отсекогаш знаела дека животот ќе го посвети на музиката.

Ивона Јовановиќ или како што е попозната помеѓу своите обожаватели и пријатели Ивона Јо, е мултиталентирана млада дама, која храбро чекори и создава свое место на македонската музичка сцена.

Поразговаравме со Ивона за љубовта кон пеењето, за нејзините почетоци, приватни предизвици и идни планови.

Која е Ивона Јовановиќ или Ивона Јо?

– Девојка родена во август, која го сака секое годишно време. Девојка што ужива и конечно живее по 25 години животарење низ деновите, месеците, а богами и годините. Девојка што фигурира во оваа време со една цел. Да постои и да пее. Да постои и да ја споделува гласно својата приказна – бидејќи има моќ што вешто ја користи. Девојка со многу голема љубов кон животот и слободата. Вечен трагач по слободното дишење и движење.

ивона јовановиќ
Ивона Јовановиќ / Фото: Приватна архива

Од каде се роди љубовта кон пеењето? Дали се сеќавате на првиот момент кога сфативте дека ќе се занимавате со оваа професија?

– Верувале или не, го знам точно моментот кога првпат се освестив дека знам да пеам. А, најчудно е што тоа беше јавен настан за кој не се спремав. Бев водителка на приредба што ја спремав лично јас за да се испратиме со учителот (четврто одделение). Сите имаа свои интерпретации, а јас ја водев целата програма. Кога заврши програмата, се најавив самата себе како Ивона Јовановиќ, која ќе ја испее Приспивната песна што се наоѓаше на последната страница од музичкиот учебник. Како ми текна дека сакам да пеам и тоа токму таа песна? Не знам. Замижав и почнав. Од тогаш и не престанав. Првата музика што ја слушав беше шпанска од шпанските сапуници. Првиот момент кога сфатив дека ќе се занимавам со оваа професија? Одамна сфатив, можеби уште тогаш на приредбата (бидејќи ја паметам слободата што ја почувствував кога почнав да ја вадам таа музика од мене), но многу години наназад дозволував да ме убедуваат дека музиката не е професија. Ме убедуваа дека морам да завршам факултет, да работам од 8-16 часот, а можеби во слободно време да пеам. Ме убедуваа до пред една година кога застанав и гласно пред себе одлучив која сум и што ќе правам во мојот живот.

ивона јовановиќ
Ивона Јовановиќ / Фото: Приватна архива

Бевте дел од „Македонски идол“, „Сите наши песни“, „Макфест“ како и на српското шоу „Ѕвездите на гранд“. Што значеа за Вас и како гледате на сиве овие натпревари од денешна перспектива?

– Тоа беа натпревари што гордо ги носам со себе во своето портфолио. Натпревари во кои го собрав сето свое искуство, кое денес вешто го репрезентирам на настапите во живо, а и на социјалните мрежи. Благодарение на нив запознав многу луѓе, остварив многу контакти што ме доближија до луѓето со кои работам денес. Натпревари што ми ја покажаа уште како мала реалната слика на шоубизнисот. Беше буквално земи или остави.

ивона јовановиќ
Ивона Јовановиќ / Фото: Приватна архива

Кои се Вашите најголеми учители? Од кого се инспирирате?

– Клише или не, учам од секој човек во мојот живот. Гледам сè повеќе да сум присутна во моментот и да чекорам свесно на планетата Земја. Да земам сè што е пред мене сервирано, затоа што тоа е мое и е пратено да научам нешто. Откога почнав со вакво размислување, сите „тешки“ ситуации во мојот живот ги поминувам низ смеа и лагодност, затоа што знам дека се тука да ме научат нешто. Животни лекции слушам и верувам на Седгуру, Екарт Тол, Парамханса Јогананда. Спиритуални учители што ми помогнале многу низ моето будење. Музички најголеми учители? Својата основа ја земав слушајќи ја Калиопи, Маја Оџаклиевска, Јелена Томашевиќ и Марија Шерифовиќ. Мораме да признаеме – цврста и добра основа.

ивона јовановиќ
Ивона Јовановиќ / Фото: Приватна архива

Честите настапи пред публика дури и за најискусните артисти честопати знаат да предизвикаат нелагодност. Дали и Вас некогаш Ве обзема тоа чувство на несигурност/трема и како се справувате со тоа?

– Ме обзема чувство на нетрпеливост кога не знам какво е местото во кое настапувам. На почетокот кога имав повеќе време, знаев да одам на тонска проба, да го почувствувам просторот во кој ќе настапувам и да си направам комфорно место. Потоа, како што течеа настапите така сè помалку и помалку стигав на тонски проби, но и некако свесно не сакав да одам и да „тонам“ во комфор зоната. Страв од непознато не дозволувам да ме обзема. Одам 10 секунди пред настап, ја примам сцената и почнувам. Трема како трема не постои веќе со години кај мене. Можеби последна трема ми беше првиот настап по операцијата бидејќи не знаев дали физички ќе го издржам настапот.

ивона јовановиќ
Ивона Јовановиќ / Фото: Приватна архива

Неизбежно е прашањето за Вашата телесна трансформација. Раскажете ни накратко за тој процес. Како се чувствувате сега?

– Уф, накратко е многу тешко да се објасни мојата трансформација затоа што тоа е речиси цел мој живот. А и мислам дека многу време се зборуваше за моето слабеење последната година, па ќе се потрудам да бидам кратка и концизна. Тоа е мојот животен пат, кој ме научи на многу лекции. Многу луѓе и ден-денес знаат да дофрлат коментар како сум лажела дека сум се прифаќала самата себе со вишок килограми, како гласно сум зборувала за таа тема и слично. Сите ние кога се наоѓаме во одредена животна моментална фаза, бараме комфор и се тешиме дека тоа е најдоброто што го правиме. И знаете што? Јас во тој период и верував дека се сакам себеси. И најболно од сè е тоа што пред да почнам да „ја лажам“ јавноста, ако воопшто може тоа во лага да се категоризира, сум се лажела себеси. Мислам дека поболно од тоа нема. Како се чувствувам сега? Среќно, исполнето, мирно и едвај чекам да почнам да креирам моја музика за да можам да ја споделам душата што ја носам во мене.

Споделувате многу моменти од целиот процес со Вашите следбеници на социјалните мрежи. Колку тоа Ви помогна или одмогна?

– Ги споделувам само моментите што мислам дека можат да инспирираат луѓе да почнат со самоосвестување. Лично мене? Ми помага да задржам континуитет на социјални мрежи како и да се мотивирам да продолжам да работам на себе.

ивона јовановиќ
Ивона Јовановиќ / Фото: Приватна архива

Препознатлива сте по Вашите преработки на многубројни хитови. Дали размислувате за Вашиот личен авторски проект? Што е следно за Вас?

– Со продукцијата што работи со мене веќе цело лето вредно бараме нешто што ќе е мое, креираме нешто што е за мене. Есента ќе е мое годишно време – кога ќе го пласирам мојот прв проект. Дотогаш вредно работам на настапите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот