Интервју со Никола Јанков-Коки, музичар: Без да ја гушнам пред спиење, не се разделуваме, Лара е мојата најголема радост
По три децении од култната „Виолина и гитара“, Никола Јанков – Коки повторно застана на сцената на „Макфест“, предизвикувајќи бурни емоции и аплауз што не престануваше. Еден од најпрепознатливите гласови на естрадата успешно ја спојува сцената со професорската катедра, работејќи со младите музичари во Штип и подготвувајќи нов двоен албум и концерт по повод 30 години од легендарниот хит.
Препорачано
Во интервју за „Слободен печат“ Коки зборува за времето на „Дуле и Коки“, за музиката и идните предизвици, но и за својата ќерка Лара, која е негов најголем мотив и радост.
Твојот настап на „Макфест“ не остави никого рамнодушен. „Виолина и гитара“ ја доби најголемата реакција од публиката таа вечер. Како се чувствуваше повторно да се вратиш на таа сцена, со песна што носи толку емоција и лична приказна?
– Беше навистина многу чудно, многу емотивно, сè некако ново… никој не беше рамнодушен, не бев ни јас… не очекував таков аплауз. Стоев на сцената и аплаузот не прекинуваше. Е, поради тоа вреди да се живее, е баш на таа публика се поклонувам до ден-денес, секој викенд. Како да ми падна тешко да се одвојам и да ја напуштам бината. Незаборавно чувство, верувајте. И не со која било песна, туку со „Виолина и гитара“, на исто место како пред 30 години. Многу сум благодарен.
Кои ти се најубавите спомени од времето на „Дуле и Коки“?
– Па не знам дали се тоа спомени или така се нарекува тоа, но знам дека тоа е сè уште дел од мене, дел од мојата потсвест. Случки, места, другари, пријатели, кафеани, девојки, летувања, зимувања, дожд, снег, авиони, патишта… ноќи непроспиени. Сè беше убаво, сè беше толку важно и толку неважно, бидејќи не бевме свесни колку луѓето нè сакаа и доаѓаа на нашите настапи. За нас сè беше тоа некако нормално. Мислевме дека така треба, ама, еве, размислувајќи наназад во тие спомени, не мораше сè така да биде. Можеше и поинаку, дефинитивно.
Има една анегдота, сега ми текнува, од тоа време. Слетуваме од Санкт Петерсбург на скопски аеродром, ова сигурно пред 20 години и повеќе, и седиме надвор, јас пушам цигара и Дуле ми вели: „Што ќе правиме сега во Скопје?“, а имавме пари во нас. И доаѓаме на шалтер, немаше тогаш интернет па да букираш карта, извадивме карти и летнавме за Монте Карло, уште неслетани, пак полетавме. Што се вика, будали деца, но среќни.

Да те вратам малку во 90-тите, оние убави времиња кога беше поинаку да се стане ѕвезда. Што, според тебе, најмногу се промени во музичката сцена денес?
– Едно не е променето – дека треба добра песна. Треба да ти се „позлати“ за да налеташ на добра песна и да ја пеат сите. Друго е многу сменето. И треба да е сменето. До некои работи младите доаѓаат многу лесно и тоа е предност, но за жал, многу од нив чекаат на ред, а дали ќе дојдат на ред, тоа е прашање – многу се. Сменето е што со некаква глупост можеш да направиш голема гледаност, брзо да те дознаат и на шега да заработиш нешто или многу. Јас знам дека треба да работиш, да се трудиш и да сонуваш. Другото – остави го на Господ.
Професор по виолина во Штип. Колку ова те исполнува и дали си строг? И што најмногу се обидуваш да им пренесеш на младите музичари?
– Да сакав да направам комбинација или компромис во музиката, немаше да можам. Но, ете, преку недела сум со колегите од ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип (средно и основно музичко училиште) и со децата. Во викендите сум низ Македонија. Давам сè што знам од себе и сè што сум научил по патот на животот, бидејќи тоа се наши деца. А ги има сè помалку. Ова ни е една од последните шанси, треба да ја искористиме оваа шанса, да ги исправиме на прав пат. Да се чесни, вредни, трудољубиви, да ги научиме да им пее душата, да не се срамат од тоа кои се, каде и да се, да ги почитуваат родителите, да се сеќаваат на нас – професорите.

Твојата ќерка Лара веќе е тинејџерка. Како таа го доживува твојот музички пат и славата што ја имаше во 90-тите?
– Мислам дека сè уште некои работи не ѝ се јасни, а и не ја оптоварувам многу со минатото. Нејзино е да не става сè на срце. Така ја учам. За нејзини 16 години, ја има почувствувано и добрата, а и недобрата страна на нештата. Знае дека треба да се бори и да биде на страната на правдата. Знае дека неправдата е сенка што ги следи луѓето. Тоа значи дека храброста и вербата во Бог се единствениот пат за донесување одлуки. Разговараме за сè.
Дали таа покажува интерес за музика?
– Да, училиштето ѝ оди супер (втора година средно медицинско), а околу музиката се „пали“ на рокенрол. Тоа е добро. Веќе имаме листи, па кога се возиме ми пушта, а јас внатре се топам и се присетувам дека со таа музика растевме и ние. Понекогаш не ја разбирам околу тоа како се изразува, ама ете, сè уште растам со неа. Некои нови клинци. Ме усреќува и ќе биде така сè додека е до мене.

Колку сте блиски и кој кого „учи“ повеќе денес, ти неа за музиката или таа тебе за новите трендови и за животот на генерацијата Зет?
– Вели дека има најдобар татко (ха-ха). Имаме свои шеги и свои шеми на функционирање по дома. Без да ја покријам и гушнам пред спиење (кога сум дома), не се разделуваме. Секое сабајле станувам со неа, појадокот ѝ е ставен во ранец, а за ручек сме седнати заедно. Дома ни е најубаво. Не ѝ е забрането ништо, но имаме принципи и мали правила. Изборот е нејзин. Нека е човек. И на Лара и на сите деца, нека патот им е чист, нека не се предаваат, нека отвораат очи, а срцето нека го чуваат за тој што вистински заслужува.
Едно женско прашање… Како се снаоѓаш во кујната?
– Порано многу повеќе готвев, но тоа беа јадења што бараат време, сега секој ден се трудам да направам нешто, тоа се лесни и брзи јадења, пастите ни се слабост. За нешто посериозно, овде е мајка ми или ќе нарачаме. Сега периодот е таков.

Што те прави среќен, а што те вади од такт?
– Не знам како да се изразам околу прашањето „среќа“. Реално, многу ми е жал за многу работи што се случуваат овде кај нас, разочаран сум. Иако имам малку, но доволно ми е за да сум исполнет. Еве, ја имам Лара – зарем тоа е малку? Зарем не е доволно? Здрави и живи сме и се смееме. Што сакаат луѓето, не ми е јасно, каде „кинисаа“ и дали има крај сето ова што нè задева постојано. Како луѓето не се срамат за лошите работи што ги прават? Искрено, многу блиски луѓе повеќе ги нема. Зарем тоа не е доволно да сфатиш како треба или како не треба. Најверојатно не е доволно, овде на многумина не им е доволно, така излегува на крај. Можам да пишувам сега, ама баш од А до Ш… ќе застанам, не вреди. Дали сум рамнодушен? Не. Дали стануваме? Да.
Подготвуваш двоен албум и концерт за 30 години од „Виолина и гитара“. Што можеме да очекуваме од тие проекти?
– Ми се собра многу материјал, ќе видиме дали е тоа добро или не. „Макфест“ ми даде дополнителна сила, го чувствувам времето што доаѓа. Исто, се надевам до Нова година ќе излезе новиот материјал со видео. Интересна музика со многу емоции, песни, се радувам на периодот што следува.


