Интервју со Марко Ѓорѓиевски: Вождовац е одличен клуб, само со труд до уште повеќе голови!

Нашиот млад репрезентативец вели дека ќе се бори и во понатамошниот период да придонесува за клубот и биде што почесто во стартниот состав…

Веб изданието на „Слободен печат“ направи интервју со македонскиот фудбалер Марко Ѓорѓиевски кој моментно ги брани боите на Вождовац, кој што настапува во најсилната српска лига.

После паузата поради пандемијата на коронавирус, нашиот млад У21 репрезентативец со својата екипа ги продолжи натпреварите оваа сезона, и тоа со три победи по ред од враќањето на терените, славејќи против Мачва, Напредак и Рад Београд за моментно седмо место што го сместува во погорниот дел од табелата.

Ѓорѓиевски уште во својата прва сезона има важен придонес во игрите на Вождовац, со досега три постигнати голови и две асистенции, за самите услови во новата екипа, очекувањата во понатамошниот период на клупски и репрезентативен план, повеќе прочитајте во продолжение.

По подолга пауза поради пандемијата со Ковид-19, се враќаат фудбалските натпревари, како вие се справувавте со ситуацијата, како ја темпиравте формата пред новите лигашки дуели?

– После паузата со коронавирусот се вративме на 25 април, но по еден, двајца во групи дури на 5 мај почнавме сите заедно. Со таа пауза дојдоа и повреди на повеќе играчи. Продолживме со да кажам прво коло од овие четири натпревари против Мачва, почнав во стартниот состав, а одиграв едно полувреме. А на тој натпревар добив и удар, мала повреда. Следната средба со Напредак бев во состав, но не играв. Против Рад очекував да влезам и чекам да ја продолжам серијата со голови, но најважно е екипата да победува.

Ги браните боите на ФК Вождовац од оваа сезона, колку сте задоволни од настапите, условите за тренинг, има ли простор за уште поголем напредок, развој индивидуално и колективно?

– Условите се одлични во ФК Вождовац, но и за млади играчи е одличен клуб за да се напредува и да се оди уште погоре.

Забележлива е вашата желба да се помогне што повеќе во нападот на Вождовац, а тоа го докажуваат трите голови досегашни против Чукарички, Јавор Ивањица и Пролетер Нови Сад. Верувате ли дека ова е поттик за следната сезона уште подобро да се вметнеш и бориш за место во старниот состав, и со уште поголеми амбиции?

– За минутажата што ја имам до сега, 15 натпревари, но вкупно 650 минути искрено за таа минутажа имам три гола и две асистенции што можам да кажам дека е добро, но очекувам и ќе дадам како и до сега сè од себе за поголема минутажа и да дојдам до уште повеќе голови, добри игри и асистенции за поголеми успеси со клубот, со Господ напред.

Ве очекува и натпреварот со Радник Сурдулица, што очекувате од тој меч, на првиот меѓусебен дуел резултатот заврши 2:2..

– Во четврток ја дочекуваме екипата на Радник Сурдулица, очекувам добар натпревар како што беше во Сурдулица 2:2, примивме два гола во последните пет минути, можам да кажам дека на тој меч го имав првиот учинок за Вождовац со првата асистенција. Во следниот дуел очекуваме добро темпо, но ние ќе дадеме сè од себе да победиме и да отидеме на заслужен одмор.

Како започна љубовта кон фудбалот, од колку години започнавте да тренирате?

– Започнав да тренирам на 7 години, во ФК Драчево, населба Драчево во која јас потекнувам. Од мал бев заљубен во фудбалот…

Бевте меѓу најдобрите стрелци во ФК Борец, споделете ни го тоа искуство во таа екипа?

– Во Борец бев две години, да кажам беше добро во последната полусезона, имав 14 голови во 12 натпревари, но тука треба да им се заблагодарам и на тогашните соиграчи.

Ги браните боите на младата У21 репрезентација, веруваш ли дека би можел да помогнеш и на А селекцијата со своите игри?

– Моментно сум во У21 репрезентацијата, се надевам дека со голем труд дека ќе стигнам до А репрезентација, сон на секој македонски играч. Но, напрвин треба да тренирам уште повеќе и да играм добри игри и да постигнувам голови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот