Фото: Приватна архива

Интервју со Марија Роглева, моден дизајнер: Во Париз оставив личен печат во естетиката на Пјер Карден  

Покрај првата награда на штипските модни денови, Марија е една од ретките дизајнери која имаше можност да работи со дизајнерскиот тим на брендот „Пјер Карден“ во Париз.

Марија Роглева (22) од Богданци го освои првото место на студентскиот конкурс „Штип фешн дејс“. Таа е студент по моден дизајн на факултетот за Арт и дизајн при Европски универзитет Скопје. Покрај учество на штипските модни денови, Марија е една од ретките дизајнери која имаше можност да работи со дизајнерскиот тим на брендот „Пјер Карден“ во Париз, од каде носи искуство за кое вели дека исклучително значајно за нејзиниот професионален и личен развој.

Какво беше чувството да ја освоиш првата награда на „Штип фешн дејс“ (Shtip Fashion Days 2026) и што значи тоа за твојата кариера?

– Освојувањето на првата награда на „Штип фешн дејс“ беше навистина посебен момент за мене. Тоа е потврда дека мојот трудот, посветената работа и креативната визија се препознаени од страна на јавноста. За мојата кариера, ова претставува силен чекор напред и мотивација да продолжам уште поодлучно да се развивам како дизајнер. Благодарна сум на организаторите што ми ја пружија оваа шанса. И благодарност до мојата фамилија и Европски универзитет за нивната поддршка.

Фото: Славјан Стојанов, ОРО

Каква е победничката креација и која беше главната идеја зад неа?

– Дизајнот е асиметричен со комбинација на остри линии што дават чувство на движење и брзина. На модната креација преовладуваат сиви тонови со црн и црвен акцент што дават еден футуристички изглед. Како моден додаток изработив чанта од тркало со црвени и црни патенти, на којашто се претставени бандажите на автомобилот и логото на брендот. Модел на ревијата за мојата креација бев јас и се потрудив да ја испрезентирам креацијата во најдобро светло.

Колку вакви натпревари ти помагаат да се пробиеш како млад дизајнер на домашната сцена?

– Ваквите натпревари за мене се од огромно значење, бидејќи ми овозможуваат видливост, нови контакти и можности за соработка. На вакви настани, како млад моден дизајнер можам да го покажам својот потенцијал и да добијам вредни признанија, коишто би ми биле предност во мојата кариера.

Колку време ти беше потребно да ја подготвиш колекцијата и како изгледаше целиот процес – од идеја до финална изведба?

– За подготовка на модната креација ми беа потребни две недели. Процесот започна со истражување на автомобилскиот бренд и скицирање. Потоа следеше избор на материјали и дигиталната изработка на дизајнот на текстил којшто подоцна беше испечатен на материјалот. Потоа следеше рачно цртање на шаблони и изработка на прототип, па сè до финалната изведба на фустанот и чантата. Секој чекор бараше внимание на деталите и постојано адаптирање.

Она што е интересно за тебе е и твојата работа на колекцијата за „Пјер Карден“. Кој беше најголемиот предизвик?

– Додека работев на колекцијата за брендот „Пјер Карден“ најголемиот предизвик беше да се задржи нивниот дизајнерски идентитет и прецизност што го бара еден ваков бренд, додека истовремено се внесе личен креативен печат.

Марија Роглева/Фото: Приватна архива

Како успеа да го усогласиш твојот личен стил со естетиката на бренд како „Пјер Карден“?

– Како млад моден дизајнер се обидов да ја пронајдам заедничката точка помеѓу мојот стил и препознатливата естетика на брендот – чисти линии, иновативни форми и современ пристап. Преку тоа, успеав да создадам баланс помеѓу личната експресија и идентитетот на брендот „Пјер Карден.

Што најмногу те изненади од работата со тимот во Париз и што научи од тоа искуство?

– Од работата со тимот од Париз ме изненади нивното ниво на професионалност, организација и посветеност на секој детаљ. Тие беа отворени за развивање на моите идеи и беа полни со совети. Од нив научив колку е важна тимската работа со дизајнери од различни земји низ светот, научив дека дисциплината и јасната визија се клучни за создавање нова модна колекција.

Фото: Приватна архива

Какво искуство носиш од работата во Париз и колку тоа влијаеше врз твојот професионален развој?

– Од работата со дизајнерскиот тим на „Пјер Карден“ носам искуство коешто беше исклучително значајно за мојот професионален и личен развој. Ми помогнаа да ги унапредам моите вештини, да стекнам нова перспектива и да работам во интернационална средина, што дополнително ме мотивира да поставувам повисоки цели. Работејќи во ваква натпреварувачка средина со студенти од цела Европа, мојата дизајнерска визија стана уште по јасна.

Марија Роглева/Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот