Интервју со Марија Данева, третопласирана на „Макфест 2021“: И во секојдневието сум полна со истата страст со која зрачам и на сцена

Фото: Приватна архива

Марија годинава првпат настапи на макфестовската сцена и успеа да освои две награди. Растејќи со „Макфест“, уште како дете сонувала за ваква можност и особено ѝ е мило што сонот ѝ се остварил.

На неодамна одржаниот фестивал на забавни мелодии „Макфест 2021“, младата штипјанка Марија Данева ја освои наградата за најдобар сценски настап, но и третото место со песната „Твоја“. Публиката уште ја памети емотивната реакција на Марија. При врачувањето на наградата, преплавена од емоциите Марија заплака на сцената и низ солзи радосници ѝ се заблагодаруваше на публиката.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Marija Daneva (@danevaamarija)


Марија, вие сте единствената која доби две награди на овогодинешниот „Макфест“.  При врачувањето на третата награда, се расплакавте дури и клекнавте на сцената. Какво е чувството и што прво помисливте кога го слушнавте сопственото име, и тоа два пати – за наградата за сценски настап и за третата награда за изведбата на песната „Твоја“?

– Чувството не се опишува со зборови. Наградата за сценски настап нескромно ќе кажам дека ми беше очекувана, но третата награда ме извади од колосек и не можев да поверувам дека го достигнав тој успех на моето прво појавување на макфестовската сцена.

Имате само 21 година и првпат настапувате на сцената на „Макфест“? Од дебинтант до освојувач на две награди. Како дојде до тоа да настапувате на „Макфест“?

– „Макфест“ отсекогаш беше мојот сон. Всушност, моето прво настапување на таа сцена требаше да се случи минатата година, меѓутоа, заради ситуацијата со пандемијата се пролонгираше до оваа година.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Marija Daneva (@danevaamarija)


На макфестовската сцена настапувавте рамо до рамо со веќе познати македонски имиња. Дали чувствувавте трема, но и дали тоа ви беше дополнителна мотивација да дадете сѐ од себе во тој момент?

– Настапувањето со познати и докажани имиња на македонската сцена за мене беше еден голем поттик да дадам сѐ од себе. Тремата секако беше присутна, меѓутоа, мотивацијата преовладуваше.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Marija Daneva (@danevaamarija)


Марија, по освојувањето на две награди на значаен фестивал, сигурно и вашите стремежи, а и очекувањата на публиката се качија на повисока скала. Што да очекуваме следно од вас на музички план?

– Освојувањето на овие две награди го задоволи мојот моментален стремеж, па засега можам да кажам и дека ми е доволен успехот, но во иднина секако нема да запрам и ќе продолжам да чекорам по својот пат кон поголеми успеси.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Marija Daneva (@danevaamarija)


Кога запловивте во музичките води, што ве натера да почнете да се занимавате со музика?

– Моите корени потекнуваат од музичко семејство, па така музиката за мене претставува дел од моето воспитување. Но, конкретно со музика започнав да се занимавам во моите тинејџерски години, најпрво со јавни настапи, подоцна со натпреварувањето во „Ѕвездите на Гранд“, па сѐ до настапот на фестивалот „Макфест“.

Фото: Приватна архива

Сигурно имате и некој музички идол, како од македонската, така и од странската сцена. На која пејачка ѝ се восхитувате?

– Секој човек има свои идоли, а јас од македонската естрада ѝ се восхитувам на Тамара Тодевска и на нејзините гласовни способности, а светски познатата Адел е моја вечна инспирација.

Фото: Приватна архива

Покрај занимавањето со музика, паралелно со што друго се занимавате? Каква е Марија приватно – што најмногу сакате да правите, имате ли некое хоби, дали сте во емотивна врска…?

– Покрај занимавањето со музика, паралелно студирам на Факултетот за образовни науки при УГД. Марија приватно не се разликува од Марија на сцена – и во секојдневието сум полна со истата страст со која зрачам и на сцена. Слободното време го поминувам со семејството и со моите пријатели, како и со мојот партнер со кого сум во долга врска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот