Интервју со Љупчо Јолевски, новинар: Ќе барам простор напишаното да биде заокружено во корици
По четири децении новинарска дејност, главно во областа на музиката и (суб)културата, познатиот македонски новинар Љупчо Јолевски неодамна замина во пензија, а овој значаен момент во животот и кариерата беше крунисан со наградата „13 Ноември“.
Препорачано

Како прво, честитки за наградата „13 Ноември“ и по тој повод прашањето: наградата дојде токму откако официјално заминавте во пензија, па дали ја доживувате како награда за животно дело и дали ја очекувавте?
– Благодарам за честитките. Наградата „13 Ноември“ ми се случи во деновите кога по сила на закон станав „пензионер“. Ја очекував колку и секој што долги години работи како што знае и умее и згора ѝ останал верен на професијата. Без калкулации и мисли дека трудот и вербата во вистинските вредности врват и во едни вакви времиња. Оттаму, искрено ми е многу драго што во оваа наша Македонија сепак има луѓе што можат тоа да го препознаат и да ве извадат на виделина. Затоа, им благодарам на предлагачите и на сите оние што таквиот предлог го поддржале при оценувањето на кандидатите за наградата. Уште повеќе, на сите оние творци со кои многу наназад ја имав можноста да соработувам и да пишувам за нив. За македонската култура.
Дали новиот статус на „тазе“ пензионер значи простување од новинарството или Ви овозможува да се посветите на пишувањето книги?
– Ова големо признание го чувствувам и како обврска за себе да ја продолжам таа мисија онолку колку што ќе успевам да си обезбедам простор во медиумите. А, тоа нема да биде баш лесно. Особено во услови во кои на нашиот медиумски простор царува „шапилограф новинарството“ и каде што сопствениците на медиумите за да опстанат, забораваат на јавниот интерес и честопати им подлегнуваат на политичките, односно на партиските притисоци и… тука работите се јасни. Згора, сѐ почесто, за жал, животот, па и информирањето ни се случува на социјалните мрежи и трае во мигот и следните десетина минути. А, да не зборуваме за јазикот и омразата што притоа со кофи се истураат. Инаку, моите книги се плод на она што се исфилтрирало со текот на времето и таа секојдневна трка со настаните и бележаните средби и случувања. И да, се разбира, ќе си се држам до посветеноста и ќе барам простор напишаното да биде заокружено во корици чисто како документ за присутноста на генерациите творци на оваа почва и нивните заложби за културни вишнеења.

Ве нема многу кои пишувате за музиката. Што значи во Македонија да си музички новинар?
– Јас поодамна не сум само „музички новинар“. Не затоа што не сакав, туку едноставно затоа што такви станаа „условите“ во медиумите. Со тоа раскрстив во моментот кога во нив немаше простор да вирее „рецензент“, кога стана побитно кој бил од политичарите на концертот, а не како свирел бендот… и така со ред. Точно е, нема многу новинари кај нас што се занимаваат со музика. И оние што тоа го правеа, се повлекоа, но ме радува една работа – конечно излегоа неколку значајни изданија, книги… кои онака како што доликува, како што светот тоа поодамна го прави, се занимаваат со македонската музика. Со она што претставува наше културно наследство. И, таквата тенденција едноставно треба да биде стимулирана.
За некогашниот „Млад борец“, во кој ја почнавте кариерата, велите дека бил новинарска школа на животот. Можете ли да ни го доловите тоа искуство?
– „Млад борец“, едноставно и не само за мене беше онаа вистинска школа на животот. Засекогаш. Оти таму не само што ги стапнав првите чекори во професијата, туку го имав просторот за изразување на сопствената младешка бунтовност. Каде што почнав како соработник и завршив како уредник на културна рубрика. Во време кога се дружиш со Томислав Османли, Александар Шољаковски, Христо Петревски, Душко Кралевски, Љупчо Поповски, потоа Сашо Орданоски, Александар Дамовски и Панта Џамбазовски, Никола Младенов, Синиша Станковиќ, Зоран Дабиќ… и во редакција ти се присутни и Игор Тошевски, Марјан Камиловски, Александар Поповски, Дарко Митревски… Едноставно со силината на мислата и зборот, во тоа време, „Млад борец“ ја донесе на виделина пролетта на македонската демократија… а тоа навистина е убава страница од нашата национална историја.

Сте соработувале и со повеќе младински весници во целата екс-ЈУ. Конкуренцијата таму беше посилна?
– Новинарите од младинските весници во поранешна Југославија едноставно беа упатени едни на други. Да соработуваат секогаш кога за тоа ќе имаше можност. Тоа беше момент што денес генерациите што дојдоа го нарекуваат „вмрежување“. Притоа, се учевме едни од други. Тогаш родените другарства и по сите премрежиња и војни на Балканот, сѐ уште траат. Инаку, конкуренцијата е убава работа бидејќи бара дополнителен напор да се биде подобар, да се извади максимумот од себе. Патем, јас се обидував да пишувам за македонските музички настани и во другите весници и магазини како „Рок“, „Време“… Тoa го поимав како еден вид обврска за мене лично.
Сте поминале низ сите медиумски изрази – пишуваното, ТВ и радиското, но токму за радиото велите дека инфекцијата со неговата магија трае засекогаш. А пред три години ја издадовте и книгата со едноставен наслов „Радио“.
– Радиото е магија на моментот… се разбира ако овде ги тргнеме настрана снимените емисии. Сам си со микрофонот пред себе и се обидуваш со збор да го обоиш просторот. Да ја фатиш емоцијата на слушателот и да го поведеш на замисленото патување во просторот и времето. Да го натераш да се чувствува убаво од информацијата и музиката што ќе ја слушне. За едно треперење во етерот. Ете затоа е радиомагијата за мене.
Книгата „Радио“ е плод на личната авторска потреба да оставам некаква трага за моето битисување во овој медиум. На она што сум го работел во нешто повеќе од две децении како новинар, како дописник во Радио Слободна Европа на македонски јазик. Интервјуа, средби, разговори, осврти, рецензии… за случувањата во културата во Македонија. Она што вибрирало во етерот да добие поинаква визуелна и пишана форма. Да се обиде да биде сведоштво за потрагите на домашните творци во тој период. Да говори за нас, наспроти сите пизми кон нас и автентичните вишнеења и талкања.

Во неврзан разговор ми спомнавте дека во подготовка е нова книга, но не спомнавте која е темата. На што сте фокусирани во неа и кога да ја очекуваме?
– Книгата деновиве влегува во печат и нејзиниот наслов е „Неправилен ритам“, со поднаслов „Приказни од современата македонска музичка сцена“. Во некаде 700 страници и со многу фотографии, низ осумте глави и текстови публикувани во текот на четириве децении во различни медиуми во земјава и странство, она што сум успеал да го сочувам во архивата, и преку ликовните решенија на Билјана Билбиловска, се обидувам да го донесам моето видување на личностите и настаните од домашната (суп)културна сцена. Да бидам оној што колку што можело ќе ја подотвори вратата за нивен прочит и вовед во поинаквите потраги од генерациите кои допрва доаѓаат и кои треба да ги баталат урнисаните вредности и да го откриваат минато и сегашноста од свој агол. Бунтовно и непомирливо. Онака како што ним ќе им прилега.


