Јордан Митев / Фото: Приватна архива

Интервју со Јордан Митев, фолк-пејач: Имавме долг период со турбуленции, ќерката дојде како светлина на крајот од тунелот

Со години е еден од најпопуларните наши фолк-пејачи, со песни што народот на прва ги засакува. Јордан Митев вели дека не прави музички компромиси и нема рецепт за хит, туку песните ги пишува од срце. Таква е последната, посветена на синот Кристијан, која доаѓа по онаа што ја напиша за ќерката Кристина.

Митев во интервјуто за „Слободен печат“ искрено зборува за здравствените проблеми и за стресот што го претрпел, за долгите години кога тој и сопругата Славица едвај чекале да станат родители, за љубовта кон неа и децата, како и за неговиот трнлив пат до успехот.

Актуелен сте со песната „Сине, сине мој“, посветена на Вашиот син. Во кој момент добивте инспирација за таа песна, како настана?

– Да, песната „Сине, сине мој“ излезе пред Нова година и истата е посветена на мојот син Кристијан. Секој вистински уметник дава дел од себе и од својот живот во својата уметност, така што јас сакав да направам нешто што ќе остане за мене, мојот син, моето семејство и секако мојата публика. Пред две години напишав песна за мојата ќерка, така што по редослед на нештата и како одговорен татко требаше да направам песна и за синот. Инспирацијата ја добив од моментот на неговото раѓање, од првиот плач и таа емоционална поврзаност што се создава помеѓу родителот и детето со секој изминат заеднички  ден.

Синот има неполни четири месеци, како го менаџирате времето со честите настапи и отсуства од дома и како ви изгледа еден обичен ден кога сте дома?

– Па, можам да кажам дека успешно се справуваме со сите обврски и предизвици. Секако јас бев доста зафатен, сега сум уште повеќе, бидејќи кога сум дома, целото мое време е посветено на семејството и на обврските. Напорен период од животот, но во исто време и убав и сладок период, бидејќи љубовта што се возвраќа од страна на детето е неискажлива. Јас сум човек што паралелно може да е активен на повеќе страни, така што не ми се проблем фамилијарните обврски, напротив со задоволство ги исполнувам, бидејќи човек е успешен, среќен, голем и исполнет кога и семејството е дел од успехот на самата личност.

Како Вашата сопруга Славица се снаоѓа со ќерката што има две и пол години и со бебето, колку успевате да ѝ помогнете?

– Некако ќерка ми е повеќе со мене, а синот со сопругата, така што иако има работи што се повеќе за мајка, сепак и јас сум дел од сите работи и обврски околу децата и апсолутно тоа не ми е проблем. Јас некогаш сум отсутен од дома по неколку денови, но му благодарам на Бога, тука се баба и дедо и тие секогаш знаат да поминат одлично време со внучињата.

Вратете нѐ назад на запознавањето со сопругата, кога се случи тоа и во кој момент знаевте дека е вистинската? Кои се највредните особини на Вашата сопруга?

– Тоа беше пред повеќе од десетина година. Сопругата ја запознав на едно мое гостување во Австралија и некако така се редеа работите или, како што велат, кога треба нешто така да биде и ќе биде. Почувствував дека таа е личноста со која можеме заедно да пловиме во животот, немаше некој посебен момент или ситуација, едноставно тоа некако доаѓа за така да биде. Кои се највредните особини? Па, би рекол трпелива, вредна, тивка, не е конфликтна личност, емотивна, рационална и точно знае да процени што и како треба, барем според моите параметри, бидејќи тоа што за мене е добро и правилно, не значи дека истото важи и за друга личност. И нешто што за мене како професионалец е важно, тоа е што има разбирање за мојата работа и за жртвата што треба да се даде за да останам јас во оваа професија и да бидам успешен. Секако јас знам како да надополнам и кога се појавила одредена празнина, да организирам заедничко патување и слично за добрата енергија да остане секогаш присутна помеѓу нас.

Ќерката Кристина се роди шест години откако стапивте во брак. Колку тоа време беше период на исчекување, посакувавте ли во тие години ќерка или син?

– Тоа беше барем за нас еден мошне долг период со доста турбуленции, се случуваа многу работи за кои понекогаш не сакам да се навраќам. Еден период поради мои здравствени причини јас бев под одредена терапија за која не знаев во кој правец ќе се движат работите, но сето тоа помина и, како што велат, на крајот од тунелот имаше едно прекрасна светлина, а тоа беше нашата ќерка. Искрено како да сакав првото дете да биде ќерка, не знам зошто, секако да беше син исто така ќе бев среќен. Сега ги имам и двете, Господ така сакал, а верувам дека Господ секогаш знае што е најдобро за секој од нас.

Семејството на Јордан Митев / Фото: Приватна архива

Имавте сериозни здравствени проблеми во пандемијата, Ви дијагностицираа карцином и ретко автоимуно заболување. Како сте сега, колку го сменивте начинот на живот оттогаш?

– Да, тоа беше во тој период од тие шест години. Пред пандемијата константно долгорочно бев некако преморен и под одреден стрес и како да знаев дека тоа некако ќе пукне. Непријатно искуство, но помина тоа, сега сум добро, но со здравјето никогаш човек не треба да се фали бидејќи ние можеме да бидеме посилни од железо, но и послаби од чаша. Сега сум добро, секако има работи и траги што никогаш не исчезнуваат и си стојат како одредено жариште, но човек се навикнува да функционира, а истите тие траги служат како потсетник одвреме-навреме дека сите ние имаме лимит и ограничени можности колку и да сме цврсти.

Ако можете да издвоите еден настап, една случка, нешто што никогаш нема да го заборавите во изминативе 20 години, што би било тоа?

– Сум имал досега многу настапи насекаде и секој настап ми е драг, но би го издвоил настапот кај нашиот јужен сосед во 2015 година. Тогаш беа мошне турбулентни години во нашето општество околу името и од нашите Македонци во Егејска Македонија добив покана да настап на една голема манифестација во близина на Солун. Таква енергија таму почувствував што ја немало на друго место. Подоцна добив и забрана за влез во Грција поради мојот истакнат македонизам. Исто така, едно мошне бурно и на моменти непријатно искуство, но тоа е сето дел од мојот портрет и одредена цена што сум ја платил во градењето на Јордан Митев таков каков што е.

Никогаш не сте правеле компромиси со Вашиот избор на музика, секогаш сте верен на традицијата и на звукот по кој сте препознатлив, а повеќето песни Ви се големи хитови. Има ли рецепт за хит, по што се водите кога создавате песна?

– Немам потреба да правам никаков компромис затоа што јас создавам онака како што чувствувам, а публиката тоа го гледа. Се трудам да сум оригинален и свој уште од самиот почеток на мојата работа, иако имаше одредени личности кои, свесно или несвесно, сакаа да ме демотивираат со совети од типот: „Никогаш нема да успееш со твоите песни“ итн., но јас мислам дека мошне успеав. Доколку јас преслушате мојата музика, ќе најдете звук од традиција, па сѐ до помодерен поп-фолк, така што јас сум еден сублимат на сѐ што опфаќа нашето поднебје со сите влијанија што ги имаме како народ. Мојата цел беше да направам нов македонски музички бренд, дали сум успеал во тоа исто така ќе покаже времето. Инаку, да имаше рецепт за хит, ќе го повторував и ќе го правев на секои шест месеци, но, за жал, нема, особено на нашите простори. Никогаш не се знае што ќе одобри публиката за да помине понатаму и песната на некој начин да се обнароди. Така што, секоја нова песна е ново издание, нова книга, нова среќа. Инаку, се водам исклучиво по моите моментални емоции и расположение. Јас создавам, пред сѐ, за мојата душа и секоја нова песна за мене претставува мое повторно раѓање. А доколку во тоа се пронајде и публиката, е тогаш е вистински погодок.

Можете ли да ја оцените состојбата на македонската фолк-музика во моментов?

– Мислам дека е мошне добра ситуацијата со македонската фолк-музика, тоа што е добро поминува и останува, тоа што не е и што се турка сосила, или згаснало или ќе згасне. Едноставно тоа е правило на природата и со сила убавина не бидува. Сега нема да ги образложувам негативностите, бидејќи понекогаш вистината знае да биде непријатна. Добро е што во последните 10 години сѐ повеќе млади луѓе се насочуваат токму кон македонската фолк-музика. Гледам дека има доста голем потенцијал и има простор за понатамошен развој. За да биде уште подобра ситуацијата на сцената и македонската музика, треба да биде уште подобро и целото наше општество и држава, бидејќи тоа се врзани садови, за народот да пее и слави, треба да му биде и до песна и до славење.

Каде живеете сега, како е Вашето семејство и одите ли често во родниот Подареш?

– Да, секој момент сега со моите деца го користам во Подареш за да можат да ја почувствуваат топлината и мирот на селото опкружени со баба и дедо, нешто што за мене е непроценливо богатство. Ни заврна снег и ќерка ми се радува на снегот по дворот во кој јас растев, тоа е убавина што за мене нема цена. Му благодарам на Бога, добро сме, а мојата мајка е најсреќна баба, која неуморно и секој ден е со внучињата. Мислам дека во ова време кога сите претежно сакаат луксуз и изобилие, средината од каде што потекнувам е добар темел, која верувам и се надевам дека понатаму позитивно ќе влијае врз развојот на децата.

Какво детство имавте, колку беше тежок Вашиот музички пат до успехот?

– Имав нормално, скромно и, можам да кажам, среќно детство. За тоа сум зборувал во многу мои интервјуа, дека патот не беше воопшто лесен, бидејќи немав кој да ми го покаже патот по кој одам затоа што тој пат беше непознат за мојата околина. Не беше лесно, но кога ќе се навратам назад, да бидам искрен можеби и ништо не би променил бидејќи секоја препрека ме правеше посилен и позрел. Човекот што сам ги изодил скалите, секогаш ќе биде во предност од оној што е земен со кран и поставен некаде на врвот, бидејќи тој што е поставен не го знае искуството од искачувањето до врвот. На крајот од краиштата, не е важен успехот, важен е патот до успехот, тоа ја прави книгата потенка или подебела. Мојата, мислам дека е мошне дебела.

Постои ли Ваша особина или животна одлука што би ја смениле кога би можеле?

– Па не, не би променил ништо. И навидум лошите одлуки, постапки и искуства биле за добро, затоа што така човек созрева и така расте во животот, а животот е еден голем лавиринт.

ФОТО | Радост на големиот христијански празник: Јордан Митев стана татко по втор пат, се роди малиот Кристијан

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот