Весна Писаровиќ/Фото: Слободен печат/Елеонора Антиќ

Интервју со хрватската поп ѕвезда Весна Писаровиќ: Мајка ми мислеше дека ми треба психолог, а јас потајно влегував во светот на џезот

Цела една година не излегував од дома. Мајка ми мислеше дека имам психички проблем, дека ми треба психолог бидејќи бев многу весела и друштвена, одеднаш се затворив во соба, а јас всушност учев. Никој не знаеше што правам.

По две децении од својата блескава поп-кариера и повеќегодишен творечки живот во Берлин, каде целосно се посвети на џез музиката и настапуваше на престижни европски сцени, една од најголемите хрватски поп ѕвезди, Весна Писаровиќ, конечно се враќа на регионалната сцена. Поводот е нејзиниот прв голем соло концерт во Македонија, кој ќе се одржи на 28 март 2026 година во Македонската филхармонија, во организација на „Евентум продукција“.

Писаровиќ, чиј глас ги обележа раните 2000-ти со хитови како „Да знаш“, „Јутро доноси крај“, „Сасвим сигурна“…, а која македонската публика ја памети и по емотивниот дует со Владо Јаневски „Љубовта е моја религија“, денес повторно се враќа на поп-подиумот – посилна и поинспирирана од кога било.

Во искрен и отворен разговор за „Слободен печат‘“, таа откри која е причината поради која одлучи да го смени правецот во музиката и покрај блескавата кариера и како изгледал процесот на повторното враќање кон поп-музиката, кои песни ѝ будат најмногу емоции и што може публиката да очекува од големата вечер во Скопје.

Весна Писаровиќ/Фото: Слободен печат/Елеонора Антиќ

По успешната поп-кариера одлучивте да се посветите на џезот. Што Ве инспирираше да го промените музичкиот правец?

– И покрај големиот музички успех, чувствував извесно незадоволство, како да се вртев во круг. Западнав во монотонија – секој ден ми беше ист. Гласот почна да ми се менува, често пеев до пет-шест часот наутро, а паралелно го подготвував и мојот петти албум. Во еден момент сфатив дека морам да направам промена. Тогаш имав 25 години, се распрашував за мјузикл, а во исто време пеев во Берлин. Останав уште еден ден подолго и случајно влегов во еден џез-клуб. Таму го слушнав концертот на Питер Броцман, саксофонист, и по тој настап доживеав вистинско просветлување. Побарав луѓе кои можеа да ми помогнат да се запишам на академија, почнав да ги проучувам сите книги за џез. Цела една година не излегував од дома. Мајка ми мислеше дека имам психички проблем – бев многу весела и друштвена, одеднаш се затворив во соба, а јас всушност учев. Никој не знаеше што правам. Потоа отидов на аудиција и од таму започна сè. И така, веќе 15 години сум во „пеколот“ на џезот.

По 15 години пауза од поп-музиката и животот во Берлин, зошто одлучивте да се вратите на музичката сцена и да одржите прв концерт во Скопје?

– Да, мојот прв концерт по враќањето ќе биде токму во Скопје. Верувам дека овој момент е совршен за такво нешто. Кај нас нема класична концертна турнеја како во Америка – тука турнејата никогаш нема вистински крај. Затоа решивме да почнеме оттука.

Весна Писаровиќ/Фото: Слободен печат/Елеонора Антиќ

Вашите хитови „Да знаш“, „Јутро доноси крај“, „Сасвим сигурна“… оставија силна трага на регионалната сцена. Кој од нив Ви буди најмногу емоции кога ги изведувате во живо?

– Речиси секоја песна носи дел од мене и од мојот живот. „Нека људи говоре“ е една од оние што самата ги напишав. Понекогаш едно мало делче се претвора во цела приказна, која подоцна станува наратив. „Доле на колена“ е приказна за една блиска личност – жена која покрај сопругот го губи и целиот свој свет. Тој исчезнува, наоѓа друга, таа поминува низ тежок период. По пет години се враќа како ништо да не се случило. Затоа и во песната има стих: „Се враќаш како ништо да не се случило.“ Тоа е вистинска, болна приказна.

За македонската публика, посебно значаен е Вашиот дует со Владо Јаневски „Љубовта е моја религија“. Како дојде до таа соработка – токму пред да заминете за Берлин?

– Тоа беше буквално пред заминувањето – веќе со една нога бев надвор, речиси преселена во Хаг. Владо имаше албум за хрватскиот пазар и преку заеднички соработници се запознавме. Потоа станавме пријатели. Тоа време го паметам како прекрасно – снимањето на песната, спотот, честите средби и дружењето. И од сето тоа произлезе една навистина убава соработка.

Весна Писаровиќ/Фото: Слободен печат/Елеонора Антиќ

Како се подготвувате за концертот во Скопје и што може да очекува публиката?

– Никогаш досега не сум пеела поп-музика во простор како Филхармонијата. Обично настапував во клубови каде мораше да го приспособувам аранжманот и звукот за да звучи како што сакам. Сега конечно ќе можам да пеам во една прекрасна концертна сала, со најдобар можен звук, и да ја сместам мојата музика во простор што ја заслужува. Ќе има промени во аранжманите, но моите песни се создадени за играње – така што тие промени нема да бидат драстични. За разлика од џезот, поп-музиката е вид монолог меѓу мене и публиката. Секоја енергија е различна. Изведувачите често велат „публиката не беше добра“, но тоа не е точно – научив дека зависиме едни од други. А вие, Македонците, сте најпозитивните и најљубезните. Тука се чувствувам како дома и знам дека тоа ќе биде вечер која ќе се памети.

Весна Писаровиќ/Фото: Слободен печат/Елеонора Антиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот