ИНТЕРВЈУ ПЕТРЕ ШИЛЕГОВ: Универзална сала нема да се руши!

Петре Шилегов / Фото: Архива на Слободен печат

Очигледно е дека јавноста сака постојниот објект да се реставрира. Затоа велам дека решението ќе излезе само по себе. Моето лично мислење е да имаме квалитетен мултифункционален објект на друга локација и да ја реставрираме Универзална сала која својата основна намена како концертна сала ќе си ја задржи. 

Универзалната сала како културно обележје на главниот град и како објект на современата македонска култура со кое јавноста има длабока емотивна конекција, деновиве е во центарот на вниманието откако беше објавен оглас за уредување на просторот околу неа. Токму ова беше поводот да поразговараме со првиот човек на градот, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов за иднината на ова здание, за понудените опции и за ,,судбината” на Универзална сала.

Господине Шилегов, која е за вас најдобрата солуција за Универзална сала и како го гледате овој објект за пет години од денеска?

Универзална е габарит кој што ги надминува правата на еден човек да одлучи за нејзината судбина, па макар тој човек да е градоначалникот на Скопје. Токму заради тоа, иднината на Универзална е работа во која треба да се вклучи целокупната политичка и стручна јавност како и обичните граѓани. Универзална, освен што е концертна сала, има свое наследство кое според мене е наследство на формирањето на современата македонска култура. Таму се одржуваше Скопски фестивал, Џез фестивал, Златно славејче и безброј концертни настани и затоа мислам дека таа не е само симбол на градот Скопје туку и многу повеќе од тоа. Затоа и ги отвораме дебатите во јавноста. Во не така дамнешното минато, нас ни ги соопштуваа решенијата, а јас сакам да дојдеме до решение со општ консензус. А ако не постигнеме консензус, спремен сум дури и да ги поставиме можностите на референдумско прашање пред граѓаните. Но, прво мораме да ги разработиме можностите што се нудат. И тоа е дебатата која се одвива поинтензивно последната недела. Успеавме да ја вратиме Универзална во фокусот на вниманието што мислам дека е добра појдовна основа за да добиеме квалитетно решение на крај.

Зошто воопшто постои конкурсот кој бара уредување на просторот околу Универзална сала?

Некаде на крајот на минатата година јас на работен состанок со дел од управниот одбор на Асоцијација на архитекти на Македонија, побарав од нивна гледна точка да ми презентираат кои се можностите на локацијата на Универзална сала. Оттаму добивме одговор дека постоечката локација не може да понуди ништо освен постоење на сегашниот објект и дека решението за нова концертна сала градот ќе треба да го побара на други места во градот. Посочени како можни локации за новата концертна сала, е локацијата околу спортската сала ,,Борис Трајковски” и локацијата кај што се оранжериите на ,,Паркови и зеленило” некаде на влезот во Градскиот парк. Според ова, се нудат три можности. Првата можност е реконструкција на Универзална сала за која што градот има определено наследство во проекти. Еден проект изработен 2007 година, проектот Јајце и проектот што беше изработен во 2017 година. Карактеристично е што ако влезете во имплементација на било кој од тие три проекти, ја губите Универзална таква каква што ја знаеме. Во било која ситуација овој објект што го имаме денеска ќе биде променет, но би добиле објект што потсетува на овој што во моментот го имаме.  Има обид градбата на новиот објект да биде ставена под името ,,реконструкција”. Законот е прецизен за колкав број на посетители колкав број на паркинг места следуваат. Ако правите нов објект тоа мора да го задоволите. Но, ако правите ,,реконструкција” тогаш тоа можете да го избегнете. И сега, дилемата што ја имам од позиција на градоначалник е дали треба да потрошиме како држава 18 до 20 милиони евра за да прикрпиме нешто свесни во старт дека таквото прикрпување или проширување ќе направи проблем на и онака тесното грло на градот а тоа е во делот од Рузвелтова до Буњаковец. Што значи дека сериозно неодговорно од моја страна би било да се согласам градот да потроши 20 милиони евра и да направиме проблем. За 1500 посетители колку што се предвидени во проектот за реконструкција се предвидени 94 подземни и 6 надземни паркинг места. Остатокот би се решавал во катната гаража. Значи, ако веќе како држава одлучиме да потрошиме 20 милиони евра тогаш е попаметно да се направи нова концертна сала на сосема нова локација на која што без проблем би можело да се задоволат сите стандарди. И токму тоа се постапките кои градот мора да ги иницира со цел да дојдеме до најсоодветно решение. Очигледно е дека нема можност на постојната локација да изведеме квалитет повеќе, а притоа да ги запазиме сите стандарди.

Да, но прашањето е што ќе се случува со просторот каде што сега постои објектот Универзална сала? 

Тој простор во секоја варијанта мора да остане јавен простор и ние како град сме должни да го заштитиме од понатамошна девастација. Дури и да имало порано можност на постојната локација да има зголемување на Универзална сала, таа е убиена некаде на крајот на минатата декада кога всушност е донесен ДУП за Буњаковец и во градежната парцела на салата се додадени хотели, катни гаражи згради и де факто просторот е задушен целосно. Tретата опција што ја имаме е изградба на нова концертна сала, а истовремено да го реставрираме постојниот објект. Тоа е мојата фаворитска опција.

Што е тоа реставрација на постојниот објект?

Тоа би значело целосно обноввување но во форма, квантитет и квалитет како што е постојниот.

Што ве спречува оваа трета, фаворитска можност веднаш да ја имплементирате?

Носењето на конечна одлука не спречува. Не мислам дека самостојно треба да одлучам што ќе се случува. Немам право на тоа. Сега ќе имаме конкурс за реставрација а потоа и конкурс за изглед на новата концертна сала. И тоа е редоследот на нештата и таков тип постапки кои се проследени со дискусии како и оваа сега, е тоа што е потребно за да се донесе оптимално конечно решение. Свесен сум дека тоа што ќе го одлучиме ќе се однесува на иднината на овој град во наредните 50 години и не смееме да импровизираме со лични одлуки. За мене е примарна стручната јавност и во соработка со неа треба да биде конечното и оптималното решение. Ако имаме сериозен конфликт во стручната јавност околу тоа што е најсоодветното решение, реков дека ќе одиме и на референдум. Лично не мислам дека ќе дојде до тоа, зашто низ дебатата што ја отвораме ќе дојдеме до конечното решение.

Со кого разговарате?

Јавно е отворена дебатата. Свесно сум одел на сопствена штета со отворањето на конкурсната постапка но навистина сум човек што длабоко верува во разговорите за да се најде решение. Некој има потреба веројатно од политички причини тоа да го злоупотреби и да декларира дека Шилегов ќе ја руши Универзална сала. Но, јас нема да дозволам тоа да се случи, во смисла на рушење. Кој е Петре Шилегов да одлучи да ја сруши Универзална сала? Tие времиња се позади нас. Во некои други времиња во 2 часот навечер ќе дојдеа, ќе го заградеа просторот и ќе ги пуштеа багерите. Сите зрееме во демократизацијата на општеството и дебатата што следува е одраз на демократските начини. Некои велат зошто прво сум го пуштил конкурсот, па да ја отвориме дебатата. Па на што да дискутираме ако нема конкурси? Особено што знаеме дека се три можности. Или овде ќе треба да ја срушиме и да направиме нов објект, што сите велат дека е лудост на таа локација да се направи проект од поголем габарит. Или ќе градиме на друга локација нов објект а притоа дали ќе ја реставрираме или тој простор да остане јавен. Очигледно е дека јавноста сака постојниот објект да се реставрира. Затоа велам дека решението ќе излезе само по себе. Моето лично мислење е да имаме квалитетен мултифункционален објект на друга локација и да ја реставрираме Универзална сала која својата основна намена како концертна сала ќе си ја задржи.

Дали за овој конкурс за уредување на просторот во форма на парк на постојната Универзална сала, се има јавено некој со проект?

Тој е активен конкурс и завршува на 28 август кога ќе видиме дали ќе пристигнат трудови. Во меѓувреме по завршувањето на тој конкурс, ќе се пушти нов конкурс за реставрација. И на крајот на годината ќе пуштиме конкурс за изградба на нов објект на нова локација. Тоа се процесите низ кои според моето сфаќање должни сме да поминеме. Тогаш на маса ќе ги имаме сите солуции. Самото објавување на конкурсот за уредување на просторот околу Универзална, не е рушење не е ни одлука. Постоењето на конкурс не прејудицира решение. Мислам дека поради емотивноста што ја буди Универзална сала погрешно некои луѓе свесно ја насочија јавноста да донесе погрешен заклучок дека некој сака да го урне објектот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот