Интервју со Фросина Ременски: Не сум жртва на СДСМ туку на политичко-разузнавачка операција (ВИДЕО)

Фото Драган Митрески

Бојан Јовановски го запознав случајно, кога во борбата со кадровските непринципиелности додека бев технички министер за труд и социјална политика, дознав дека сум „спасила“ неколку вработени од отказ од работа, затоа што пријавиле криминал во секторот во кој работеле. Меѓу тие луѓе беше неговата мајка.

Мојата кандидатура за пратеник на СДСМ за претстојните изборите веќе е доставена во партијата, вели Фросина Ременски, потпретседателката на Собранието во последниот парламентарен состав и обвинета во судскиот спор „Меѓународен сојуз“ во јавноста попознат како „Рекет 2“.

Во интервјуто за „Слободен печат“, кое во видеоформа ќе може да го погледнете наредните денови и на веб-страницата на нашиот медиум, Ременски се осврнува на судењето, на многубројните пријави кои до надлежните институции ги доставила по сомнежи за криминал, за нејзиниот однос со обвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски и на други актуелни теми.

Бојан го запознав по негова желба

 

Ја прашавме Ременски дали се чувствува како жртва на СДСМ, со оглед на тоа што е исклучена од органите на партијата поради случајот „Меѓународен сојуз“, односно „Рекет 2“.

– Години наназад застапувам принципи што не се политички пожелни. Имам крут став за одредени принципи за одговорност, како борбата против организираниот криминал и корупцијата. Мора да има длабинска реформа во институциите, одговорност за политички монтираните случаи и за глувонемоста на институциите кога масовно се кршеле човековите права и слободи. Кога ќе ги потенцирате тие принципи и ставови и во време кога сте на власт, делува како да излегувате од шаблонот на некритика кон своите. Има и такви што лично ги сфатиле моите критики. Не би давала оценка дека сум жртва на мојата партија, туку жртва на моите принципи и мојата искреност, како правдољубив човек.

Со Бојан Јовановски, Ременски се запознала случајно, откако ја „спасила“ мајка му од отказ во Министерството за труд и социјална политика.

– Додека на човек не му се случи нешто, на сите ни е нормално неговото однесување, на сите ни е добар за дружба, меѓутоа кога ќе се најде во неволја, сите се дистанцираат од него. Тоа е најголемото општествено лицемерие кое го живееме. Бојан го запознав сосема случајно, за време на мојот мандат како технички министер за труд и социјална политика. Во борбата со кадровските непринципиелности, дознав дека сум „спасила“ неколку вработени од отказ од работа, затоа што пријавиле криминал во секторот во кој работеле. Бојан го запознав по негова желба, за да ми се заблагодари за спасот на неговата мајка во тој период. Тој беше своевидна служба за социјални работи во тоа време. Не е убаво да ги заборавиме гестовите (на Бојан – н.з.) кои ги правеше за многу семејства. Во таква една спонтана комуникација, ние станавме пријатели кои делеа идеи и размислувања за општествени состојби. Секој што го познава Бојан ќе каже дека е добар за друштво и принципиелен другар. За жал, многумина не сакаат тоа да го признаат. Моето познанство е можеби помало од она што Бојан го имаше со други мои сопартијци и други лица од бизнис-заедницата.

Ременски за „Слободен печат“ тврди дека не потпишала ниеден документ во „Меѓународен сојуз“, а почесно членство добила како знак на благодарност за својот придонес во креирањето на социјални политики и, пред сè, како човек хуманист.

– Тоа е виртуелна функција со која ниту потпишувате договори, ниту пак учествувате во работата на невладината организација. Почесно членство имаат и многу други лица, како признание за социјалното дејствување кога требало да им се помогне на наши сограѓани.

Во предлог-обвинението за „Рекет 2“, Ременски вели дека „со својот углед и авторитет го придружувала Јовановски на средби со оштетените за да се стекне впечаток дека даваат пари за валиден проект“. За неа е преседан што угледот и авторитетот на политичар се ставаат во негативен контекст.

– По таа логика на негативно контекстирање на авторитетот и угледот во проекти кои ги спроведува државата или граѓански организации, ќе нема политичар што не би седнал на обвинителна клупа. Ако јавно изнесениот збор за потребата од таков вид проекти се става во негативен контекст, како и упатувањето на законската рамка за реализацијата на еден таков проект, тогаш „помагач“ би можел да биде секој втор политичар што има намера да донесе странска инвестиција во државата. Јас и пред Јавното обвинителство можам да кажам овде имаме класичен јавнообвинителски преседан да се постапува по вторпат за ист предмет. Најодговорно тврдам дека во ниту едно мое општествено дејствување како човек и политичар немало криминогено однесување. Како може да се импутира умисла за кривично дело кон професор што поднел повеќе кривични пријави од самото МВР? Човек што јавно промовира борба против криминал и корупција и поднесува кривични пријави што седат во фиоки!? Докази нема, на кристални нозе е обвинението. Верувам дека тоа ќе се докаже.

Нема институционална заштита за пријавувачите на сериозен криминал

 

Таа додаде дека нема институционална заштита за пријавувачите на сериозен криминал, особено ако пријавите се за дела во кои фигурираат МВР и во Обвинителството. Ременски рече дека судскиот процес против неа е „политичко разузнавачка“ операција, која следувала откако таа како пратеник пријавила еден куп сомненија за кривични дела до Антикорупциската комисија и до Јавното обвинителство.

– Остана речиси и недопрено едно од прашањата – зошто, на пример, на кабинетот на претходниот директор на УБК му била потребна набавка на еден арсенал оружје и динамит од 50 килограми пакуван по 200 грама. Отсуството на одговори на вакви прашања, ме наведуваат на сомнеж дека е најлесно да го девалвирате експертското мислење од професор по безбедност и да го инволвирате експертот во апсурден судски процес и кога ќе зборува за вакви сериозни прашања да кажете дека „ова е обвинетата во ‘Рекет’ и не ја слушајте“. Но овие прашања не се на исказ туку на хартија и зборуваат за сериозен системски деформитет дека немаме заштита за луѓето што пријавуваат вакви крупни случаи.

Минатата недела обвинетиот Јовановски во судница рече дека му е нудена слобода во замена за исказ дека Ременски зела пари од „Меѓународен сојуз“. Ременски за ова вели дека ова фрла сомнеж на принципите на Jавното обвинителство.

– Убедена сум дека јавнообвинителското постапување не дозволува примена на непринципиелни и незаконски дејства во изнуда на некакво признание кое не е вистинито. Искрено, добив сознанија за таков вид понуда, не би го откривала изворот. За тоа што го имам како сознание и факт, се заверени нотарски изјави под полна кривична и материјална одговорност. Ова фрла сомнеж на принципите на Јавното обвинителство. Ако татко му на Јовановски е обвинет во случајот „Меѓународен сојуз“ и тоа што Бојан е уште во притвор, тој направил добра проценка дека давањето лажен исказ не му оди во прилог.

 

Има еден куп пропусти во претресот што ми го направија дома!

 

Ременски води постапки пред Судот за човекови права во Стразбур и пред јавниот правобранител, зашто, како што тврди, претресот што ѝ е направен дома, за судскиот спор „Меѓународен сојуз“, е непрофесионално и незаконито изведен.

– Прекршени се сите правила при претрес. Влегле дома без да бидам присутна, без сведоци. Еден и пол час претрес без наше присуство е сериозно прекршување во полициското постапување. И Секторот за внатрешна контрола ги има констатирано тие пропусти. Фамата се крена околу тоа дали биле сензитивни документи, но дел од тие документи не соодветствуваа на предметот на претресот. Останува дискутабилно тоа што при самото одземање на документите, ниту еден полицаец не побара од мене дали имам безбедносен сертификат за да можам да чувам сензитивни документи дома. Дел од тие документи беа од парламентарен надзор, и сега, дали со тоа што ми беа одземени, јас можам да сметам дека тоа е попречување на парламентарниот надзор? – праша Ременски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот