Интервју со Добрила Грашеска: Народните песни се одлични учителки по историја, јазик и емоции

Фото: Томислав Георгиев

Музиката има моќ да го „скамени“ јазикот и да го остави во онаа форма, и стилски и лексички, во која е создаден. Народните песни изобилуваат со дијалектизми, со архаизми, колоквијализми и најважно од сè, тие изобилуват со приказни, вели етно вокалистката Добрила Грашеска.

Фото: Томислав Георгиев

Разговараме со вокалистката Добрила Грашеска, препознатлива по својот убав и топол глас. Завршила општа и компаративна книжевност, но веќе долги години е во музичките води, особено ориентирана кон изворната музика. Приватно, Добрила е зафатена со триста работи, со многу ангажмани, со промовирање на музиката, со проби, настапи, битки за јазикот и со дружби со луѓето што си ги сака. „Многу ѝ се радувам на технологијата што ми овозможува да бидам постојано со музика, тоа значи да имам слушалки и да слушам додека се движам низ град. Музиката не ми е поделена по жанрови, туку по чувства и звуци, па се лепам и на исток и на запад, на Тамино и на Fontaines D.C. на Бјорк и Дине Донеф“, вели таа. Продолжува да ни раскажува дека во последно време сакаа минимален звук и совршени изведби во живо. Книги? „Многу! Еве неколку од последните автори што ги читав: Олга Токарчук, Гомбрович, Димитар Солев, Конески, Угрешиќ, Хараре, Мураками. Тоа е начинот на кој најлесно се најдувам и во нивниот и во мојот свет во кој главна улога имаат Свети Наум, Струга, Бабуна, Курбиново…“, вели етно вокалистката.

Неодамна во „Аудиокултура“ во Скопје настапивте со Дориан изведувајќи композиции од вашите два албуми, приредувајќи ѝ на бројната публика возбудливо музичко патување. Инсистирате „музиката да е слушлива и за современиот слушател“, каква е денес слушливата музика, а каков современиот слушател?

– Пред да одговорам на прашањето во кое ќе се обидам да ја опишам синтагмата „современ слушател“ сакам да кажам дека ќе објаснувам за онаа категорија слушатели кои истовремено се и истражувачи, односно луѓе кои не се задоволуваат со она што е пуштено на кое било радио или со она што прво ќе му „падне“ под рака отворајќи некој музички канал. Овие истражувачи се такви во вистинска смисла на зборот – тие бараат тајни клучалки низ кои гледаат во одбрано парче уметност, кои имаат смисла, наобразба и доволо трпение и естетика да го пронајдат она „нешто“ кое прави разлика и различност. Ако во тој светоглед можат да нѐ здогледаат и нас и да ја чујат нашата музика, тогаш сме на вистинскиот пат и сме ја направиле музиката за нив. Сакам да кажам дека нашата музика не влегува во категоријата на поп-култура. Напротив, ние сакаме да направиме промени, да поставиме прашања и да предизвикаме на нови музички авантури. А тоа, иако не е популарно, сепак предизвикува нешто кај музичките сладокусци поради што нѐ дочекуваат со широки прегратки. Ако во тој наш обид успееме да им го завртиме вниманието макар на неколкумина – тогаш сме го одбрале најдобриот пат.

Фото: Зденко Петровски

Ова беше прв ваш настап „во живо“ од промоцијата на новиот албум насловен „Пиле шарено“ која се случи во март. Самото име асоцира на народните преданија, поговорки, на нашите извори, и најави модернизирање на изворни македонски песни. По кои извори бевте најжедни за музичко истражување и игра, а кои најмногу креативно ве напоија?

– „Пиле шарено“ – нашиот втор албум се појави во март и го доби своето име поради тоа што навистина е еден шаренолик албум – во него има песни од разни македонски музички поднебја, има различни теми (и весели и тажни) и има поинаков пристап. И тоа беше нашиот извор со ладна вода, студена. Само што овој пат се обидовме да поиграме со дополнителни лупови на утот, но и да додадеме мирудии во вид на електронски дополнувања во гласот. Така, полека – полека, името само си дојде – исто како и песните, кои овој беа не толку познати, но затоа предизвикувачки за истражување.

Дуото „Добрила и Дориан“ има два албума зад себе. Беше ли изворната музика клучната хемија меѓу вас, и какви уште заеднички погледи двајцата делите во однос на музиката?

– Па генерално, музиката е нашата хемија и тоа е главната причина поради која се сретнавме и станавма соработници. Но најважно е дека ние сме добри другари. Затоа што кога се работи нова музика, нов албум, кога се создава нешто, кога се твори, тоа е невозможно ако меѓу колегите нема заеднички интереси и макар слични естетски погледи. Се разбира, секој од нас си има свој стил, свои финеси и тоа се препознава, но светот нема да е толку убав ако луѓето не се различни. Најважното е да се надополнувааме и да се предизвикуваме затоа што само тогаш се најдуваме на најдоброто поле за борба (се смее, н.з).

Фото: Томислав Георгиев

Колку македонската изворна музика, се разбира во реосмислена форма, е истовремено и чуварка на македонскиот јазик? Дали зад ваквата жед стои и вашето формално образование, професор по општа и компратаивна книжевност, и што навистина еден македонски музичар треба да направи за славење на својот јазик?

– Одлично прашање кое заслужува цела студија. Но еве, бидејќи треба да се води сметка за просторот, ќе ја „спакувам“ мислата вака: да, музиката има моќ да го „скамени“ јазикот и да го остави во онаа форма (и стилски и лексички) во која е создаден. Тоа значи дека народните песни изобилуваат со дијалектизми, со архаизми, колоквијализми и најважно од сè – тие изобилуват со приказни. Музиката е одличен начин за раскажување приказни кои некој човек имал потреба да ги каже. Ако притоа ние имаме ум да ги „прочитаме“ на нивниот и да ги интерпретираме на наш начин, и притоа да им додадеме мало парче убавина, тогаш сме ја завршиле работата. И се разбира, песните мора да се слушаат со внимание затоа што се одлични учителки и по историја, и по јазик и по емоции.

Каков според Вас е денешниот однос на младите кон музиката, а каков кон нашиот јазик? Каде и кој најмногу потфрли?

– Па, мислам дека за овој проблем не потфрлија младите, туку родителите и учителите, а пошироко целокупниот систем. На децата треба да им се пее на македонски. Да им се пуштаат македонски народни песни, да им се раскажуваат приказни. А не да се инсистира, па дури и гласно да се зборува дека јазикот не ни чини и треба да се срамиме од него. Па, јас не познавам народ кој толку често изјавува дека јазикот ни е сиромашен и дека работите подобро звучат на некој друг, туѓ јазик. Мојата борба, во овој случај е (ќе употребам стих на Никола Јонков Вапцаров) е волча и в очи им кажувам дека не ни е јазикот сиромашен, ами нивното знаење на мајчиниот јазик! Затоа што ако добро го познаваш јазикот и си го сакаш, тогаш ќе можеш да пееш со него толку убаво, што цел свет ќе дојде и ќе те слуша со одушевување. Тоа е најважното во однос на јазикот, но исто така морам да кажам дека не е сѐ изгубено затоа што новиот македонски рок-ен-рол бран твори и пее исклучиво на македонски јазик.

Што е следно од креативната, волшебна „работилница“ на „Добрила и Дориан“?

– Следни се концерти, концерти, концерти… А тоа за нас се мали креативни парчиња од кои на секоја изведба се раѓа нешто ново. И еве веќе го мислам името на третиот албум…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот