Интервју со Билјана Дебарлиева: Сопругот Јован ме смее и кога не ми е до смеење, ме охрабрува кога се плашам

Фото: Приватна архива

Цели 30 години е гласот и појавата што се омилени кај неколку генерации. Билјана Дебарлиева остана синоним за личност што кога ќе се појави на телевизија смирува – така ѝ велат случајните минувачи кога ќе ја сретнат на улица. Наспроти таа смиреност, има нешта што ја лутат нашата позната новинарка и ТВ-презентерка, неправдата и луѓе што мислат дека светот почнува со нив. Нејзиниот свет е семејството, ќерката Ана која има 28 години, синот Мики кој е матурант и сопругот Јован за кого вели дека е авантурист и човек полн со идеи. За својата професија, за карактерот и за животот од другата страна на камерите, Билјана искрено зборува во интервју за „Слободен печат“.

Фото: Приватна архива

Минатата година направи голема промена, си замина од Канал 5 по долги години, а сега водиш авторска емисија на ТВ 24. Што беше причината за овој чекор?

– Секој од нас во одреден период од животот чувствува потреба за некаква промена, но човек нема секогаш храброст да ја направи самоиницијативно. Некако се навикнуваш на средината во која работиш, колегите, ангажманот, работните обврски. Во 11-те години поминати во ТВ Канал 5 ја водев емисијата за здравство „Визита“, а паралелно со тоа бев ангажирана како презентер на утринските вести. Во периодот кога правевме пауза со „Визита“, добив понуда да ја водам емисијата „Фактор здравје“ на ТВ 24 и некако во тој момент кај мене преовлада желбата повторно да се вратам на контактна емисија што веќе долги години е присутна во етерот. Одлуката не беше едноставна и нималку лесна, но тогаш размислуваш во насока дека шанси во животот немаме многу, па ставаш на кантар што добиваш, а што губиш доколку прифатиш или одбиеш нешто што ти е понудено. Едноставно продолжив со проект што го работам со многу љубов и посветеност.

Дали си, инаку, личност која лесно се приспособува на промени, која твоја животна промена (случка) ја сметаш за најважна?

– Да, лесно се приспособувам на секоја ситуација, не само професионално туку и во приватниот живот. Ако човек не може да се приспособи на нештата и на работите што ги носи животот и секојдневието, ќе остане заробен во своите стравови од неизвесност, а тоа, пак, те прави уште поранлив. Едноставно си велиш – тоа е реалноста, морам да ја прифатам, ако можам да сменам нешто во ред, доколку не, тогаш продолжувам понатаму со позитивна мисла што ми дава надеж дека треба да уживаме во секој миг од животот, без оглед на тоа какви се околностите.

Фото: Приватна архива

Смирена и одмерена си – така те доживува јавноста. Што најмногу те лути и во кои ситуации знаеш да кренеш тон, знаеш ли да се искараш и да држиш лутина?

– Мислам дека мојата смиреност ја препознаваат и гледачите пред малите екрани. Често и случајни минувачи знаат да ме застанат и да ми кажат дека мојот глас ги смирува и можат да ме слушаат со часови. Убаво ми е кога ќе ме пофалат, а и кој не сака да слушне убав збор за себе? Инаку, избегнувам кавги, висок тон во комуникацијата, зашто знам дека ќе ми направи стрес што не сакам да го доживеам, не трпам навреди, ниту, пак, јас сакам да навредам некого. Ме лути неправда, луѓе што мислат дека сѐ почнува и завршува со нив, кои те убедуваат во нешта за кои не се право.

Неодамна раскажа дека успеа да се приспособиш на авантуристичкиот дух на твојот сопруг – постои ли страв или несигурност кај тебе во моментите кога јаваш коњ или одиш на рафтинг?

– Стравот кај мене би рекла дека е неоправдан, но сепак присутен, веројатно зашто не знам што ме очекува. Мислам, размислувам, се плашам потајно дали ќе биде добро, безбедно, го можам ли јас тоа (а не можеш да знаеш додека не пробаш). Сама никогаш не би се охрабрила да направам некои работи, но, за среќа, до мене секогаш е сопругот Јован, кој е доволно упорен и не попушта, зашто знае дека кога ќе заврши сѐ, мојот коментар ќе биде – „Ќе беше жално да пропуштев вакво нешто, одиме во следна авантура“.

Кои се најголемите човечки квалитети на Јован што најмногу ги сакаш и ги цениш?

– Тоа што е духовит, дружељубив, креативен, полн со идеи, авантурист. Знае да ме насмее и да ме расположи и во ситуации кога не ми е до смеење, поддршка ми е во секој момент, во секоја ситуација и во секоја моја одлука. Заедно уживаме во животот, во убавата музика, во убавото црвено вино и двајцата имаме искрена, чиста и безрезервна љубов кон животните.

Билјана и Јован Дебарлиеви/Фото: Приватна архива

Како се твоите деца, колку години имаат сега? Со што се занимаваат и дали уште живеете заедно?

– Ана има 28, а Мики 18 години, тој годинава е матурант и сега сме насочени кон подготовки за матурската прослава, полагањето матура, идеите и плановите за запишување на факултет. Со Јован секогаш сме тука за нив, да им дадеме поддршка за секоја нивна одлука, но на крајот оставаме сами да одлучат каков избор ќе направат.

Со оглед на тоа дека млада се омажи, како ја советуваш твојата ќерка и воопшто сите млади девојки – дали е тоа повеќе паметен чекор или не треба да се брза со бракот?

– Тешко ми е да одговорам на прашањето, зашто времињата многу се сменија. Оставам да си го планира животот, да види што ѝ е приоритет во моментот и кои ѝ се желбите сега и за во иднина. Дали порано или подоцна, би рекла дека сè си има предности и недостатоци и затоа е најдобро да оставиме работите сами да се случуваат.

Фото: Приватна архива

 

Како би ја оценила домашната ТВ-програма, ти задржува ли нешто внимание?

– Мислам дека фалат содржини во програмската понуда што би опфатиле најразлични сфери од секојдневниот живот. Не дека ги нема, но секогаш треба повеќе и подобро, програма за деца, тинејџери, оние на средна возраст и повозрасните, за секого по нешто. Само така ќе го смениме генералниот впечаток дека само „пензионерите гледаат телевизија“.

Ако би можела да го вратиш времето назад, би сменила ли нешто во твојот животен пат, приватен и професионален?

– Можеби некои ситни и не толку важни работи, но главно не би менувала ништо ни приватно ниту професионално.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот