Интервју со Атанас Конески, секретар на Фондацијата „Небрегово“: Делото на Блаже Конески е тестаментално

Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ со полн капацитет влезе во годината во која го одбележува јубилејот 100 години од раѓањето на великанот Блаже Конески, притоа бележејќи и 20 години посветена работа во чување и надградување на неговото дело. Подготовките за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески фондацијата ги почна уште минатата година, а Оперативниот план веќе е ставен во функција. Секретарот на фондацијата, Атанас Конески, со неговиот остар ум, животна мудрост и бескрајна посветеност кон ликот и делото на Блаже Конески, внимава на секој детаљ во програмата и наизуст го знае планот на активности во текот на целата 2021 година.

Колку и какви содржини има во планот?

– Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ уште во октомври минатата година изготви Програма, а во јануари оваа година и Оперативен план со конкретни содржини за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, што беа доставени до Владата и до Министерството за култура и МОН. Оперативниот план содржи повеќе точки, односно конкретни активности што ќе бидат реализирани во рамките на Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“. Датумите за одржување на овие активности беа усогласени во координација со Министерството за култура и целосно вградени во Националната агенда. Имено, според нашиот Оперативен план и Националната агенда во 2021 ќе бидат реализирани следните содржини:

  1. На 26.5.2021 (среда), во 11 часот, во спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово ќе се одржи промоција на книгата „Граматичарот Конески“. Заедно со ДПМ и ИК „Култура“ истиот ден ќе биде промовирана реиздадената книга „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“ (Култура, 1945) и ќе биде доделена јубилејната награда „Блаже Конески“ од ДПМ на академик Радован Павловски.
  2. На 20.8.2021 (петок), во спомен-домот во Небрегово ќе биде промовирана реиздадената книга од Блаже Конески „По повод најновиот напад на нашиот јазик“ (1948). Истиот ден ќе биде промовирана и книгата „Конески инспирира и мотивира“, еден вид монографија за активностите на Фондацијата по повод нејзиниот 20-годишен јубилеј. По тој повод ќе бидат доделени плакети и признанија на институции и заслужни поединци за афирмирање на ликот и делото на Блаже Конески. Заедно со општините Прилеп и Долнени и Завод и музеј Прилеп истиот ден ќе се одржи литературно читање на творби од ученици од училиштата во двете општини.
  3. На 10.12.2021 (петок), во НУБ „Св. Климент Охридски“ ќе се одржи промоција на книгите: „Како ме поттикнува Конески“ и „Поетски пораки за Конески“.
  4. На 12.11.2021 (петок), заедно со Град Скопје ќе се одржи настан за откривање спомен-плоча на местото од куќата каде што живеел Блаже Конески во последните 30 години.

Фондацијата „Небрегово“ ќе биде вклучена и во други активности. На 5.5.2021 во Штип на Филолошкиот факултет – Катедрата за македонски јазик и литература и списанието „Зенит“ од Струмица ќе одржат заеднички настан под мотото „Ние за Блаже Конески“, во кој ќе земат учество студенти и професори по повод Денот на македонскиот јазик; на 28.5.2021 во Гимназијата „Никола Карев“ во Скопје ќе се одржи соодветен настан „Ден на Блаже Конески“, во кој ќе земат учество ученици и професори од Гимназијата; на 11.6.2021 Општина Аеродром, Скопје, во соработка со општините Велес и Прилеп, каде што има училишта „Блаже Конески“, ќе организира заедничка литературна средба на ученици и наставници, во општината Аеродром на летната сцена, согласно здравствените протоколи; на 27.9.2021 во спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово, во рамките на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, Факултетот за туризам при УТМ Скопје, а по повод Светскиот ден на туризам 27 септември, ќе одржи настан под мотото „Туризмот и континуираните посети на знаменити културни обележја во државата“. Сите овие настани се содржани во Националната агенда за организирано одбележување на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, со заедничка цел зачувување и продолжување на големото дело на Блаже Конески.

Конкурсите за книгите „Како ме поттикнува Конески“ и „Поетски пораки за Конески“ веќе се во тек. Каков е досегашниот одзив?

– Фондацијата „Небрегово“, во соработка со Министерството за култура и МОН, распиша два конкурса за издавање на две книги за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Конески, што беа објавени во печатените и електронските медиуми и доставени по е-пошта на педесетина установи и поединци. Првата книга е со наслов „Како ме поттикнува Конески“, во која ќе бидат содржани необјавени научни и стручни трудови посветени на ликот и делото на Блаже Конески. Втората книга е со наслов „Поетски пораки за Конески“, во која ќе бидат содржани необјавени поетски творби посветени на ликот и делото на Блаже Конески, со учесници од сите генерации, а приоритет имаат ученици и студенти. Има интерес за учество на овие конкурси и ова нека биде уште еден апел за поголемо учество со свои трудови, со што ќе се потврди нашата програмска определба делото на Конески да биде инспирација и за идните генерации.

Многубројните трудови го потврдуваат фактот дека Блаже Конески непобитно е предизвик и инспирација за сите генерации

Според Вас, какво е значењето на овие едиции во однос на постојаното дополнување на меморијата за личноста и делото на Блаже Конески?

– Фондацијата „Небрегово“ (2001-2021) има основна цел да ја запознава јавноста со големото дело на Блаже Конески за да биде показ, патоказ и инспирација за сите генерации. За остварување на таа цел Фондацијата формира едиција за издавачка дејност „Македонски збор“ во која досега се објавени пет книги: „Студии и огледи за Конески“ (2002), во која се објавени 44 трудови од домашни и странски автори, на 303 страници; „По што го запаметив Конески“ (2003), во која се објавени 74 трудови од домашни автори, на 327 страници; „Мислата на Конески“ (2006) од Трајко Стаматоски, на 293 страници; „Како го читам Конески“ (2018), во која се објавени 30 трудови од домашни автори, на 242 страници; и „Окружието на Конески“ (2019) од Димитар Пандев, на 243 страници. Тоа значи дека во оваа едиција досега се застапени 150 автори од различни генерации, со научни и стручни трудови на вкупно 1308 страници, што претставува дело за почит. Издавањето на овие книги финансиски го помогна Министерството за култура. Многубројните трудови го потврдуваат фактот дека Блаже Конески непобитно е предизвик и инспирација за сите генерации и со неговото дело мотивира за натамошно проучување на суштинските прашања за нас. Повеќето од овие книги се промовирани во спомен-домот „Блаже Конески“ во неговото родно место Небрегово во присуство на голем број негови почитувачи. Во серијата „Поттикот Конески“ досега се објавени девет книги на различни актуелни теми.

Фондацијата „Небрегово“ (2001-2021) има основна цел да ја запознава јавноста со големото дело на Блаже Конески за да биде показ, патоказ и инспирација за сите генерации

Во програмата е планирано реиздавање на книгата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“ од Блаже Конески, објавена во 1948 година. Со каква цел?

– Реиздавањето на книгата од Блаже Конески „По повод најновиот напад на нашиот јазик“ (1948) е со единствена цел дека „Јазикот е единствената наша комплетна татковина“ и тој е аксиома. Одговорот и на сегашниве напади и негирања на македонскиот јазик неспорно, аргументирано и непобитно е содржан во оваа значајна книга на Конески. Поради актуелните напади на македонскиот јазик реобјавувањето на оваа книга од Конески беше барано од нашата јавност и од видни аналитичари на делото на Блаже Конески за аргументирана одбрана на постоењето и употребата на македонскиот јазик. Читателите-аналитичарите на оваа книга ќе се уверат дека неаргументираните активности за оспорување на македонскиот јазик имаат континуитет и дека „тие се модифицираат во определени временски периоди“.

Покровител на Националната програма за реализација на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ е претседателот Стево Пендаровски, а носители на проектот се Министерството за култура и Министерството за образование и наука. Како се одвива комуникацијата на Фондација „Небрегово“ со државните институции?

– Фондацијата „Небрегово“, преку одговорните личности во Управниот одбор, има редовна и конкретна соработка со надлежните министерства и со раководните луѓе во нив за сите суштински прашања, а особено сега за координирање на многубројните програмски активности, сврзани со овој голем јубилеј 100-години од раѓањето на Блаже Конески. Ова е посебно значајно за успешно реализирање на поединечните и на заедничките активности, конкретно утврдени во Националната агенда. Се разбира, овој успех на Фондацијата „Небрегово“ директно зависи од финансиската помош на Министерството за култура, за што веруваме дека ќе се изнајдат соодветни финансиски средства за целосно реализирање на прифатените програмски содржини.

Трајко Стаматоски и Атанас Конески пред спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово, каде што ќе се одржат голем дел од активностите на програмата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“

Голем дел од активностите планирано е да се одржат во Спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово. Во каква состојба е објектот и дали е планирано дополнително осовременување на содржините во домот?

– Точна е констатацијата дека голем дел од планираните активности ќе се одржат во спомен-домот „Блаже Конески“ во неговото родно место Небрегово. Но, не само активностите на фондацијата, туку и многу други активности, согласно Националната програма ќе се одржуваат таму, за што постојат реални услови, согласно здравствените протоколи. За успешно реализирање на овие планирани содржини, конкретно е ангажиран Завод и музеј Прилеп, како и локалната самоуправа од општините Прилеп и Долнени, со финансиска помош од надлежните државни органи. Во координација со Министерството за култура се усогласени датумите за реализирање на бројните настани што ќе се одржуваат во спомен-домот, каде што се планира да учествуваат многубројни државни културни институции, особено поттикнати со апелот содржан во Националната агенда упатен до сите културни, научни и образовни институции и организации, како и до медиумите да се приклучат кон чествувањето на јубилејот со пригодни проекти.

Што Ве мотивира да учествувате во многубројните активности на Фондацијата „Небрегово“?

– Во четвртата книга од Фондацијата „Како го читам Конески“ (2018) пишувам за мудростите на и за Блаже Конески. Ова подрачје со анализирање на мудростите (афоризми, поговорки, сентенции, анегдоти…) претставува мој потесен интерес. Тоа посебно го разработувам во мојата книга „Вдахновенија“ (ковчеже на мудрости), која досега доживеа пет дополнети изданија (Култура, 2018), каде што покрај другите автори ги истражувам мудростите од и за мојот почитуван професор Блаже Конески. Тоа доживување на мудростите особено ме мотивира непосредно и безрезервно да се ангажирам во сите активности сврзани со ликот и делото на мудриот Блаже Конески. Тој и неговото дело се повеќе од реченото и напишаното за него, со што засекогаш останува живиот спомен за него и неговата бесмртност, а „славата на бесмртните е бесконечна и им припаѓа на заслужните (на живите и на мртвите), најмногу на вечните“, како што е великанот Блаже Конески.

Затоа Управниот одбор на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ на 17. 9.2019 усвои Декларација за континуирани активности во спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово, со следните ПРЕПОРАКИ:

  1. Спомен-домот „Блаже Конески“ во неговото родно место Небрегово да стане култно место за нашата национална култура и да биде програмска определба во работењето на Владата, Министерството за образование и Министерството за култура;
  2. Ликот и делото на Блаже Конески да бидат показ, патоказ и инспирација и за идните генерации;
  3. Делото на Блаже Конески е тестаментално, зашто тој како наддржавен авторитет во нашата културна ризница остави траен печат;
  4. Мислата од Конески дека „јазикот претставува единствена наша комплетна татковина“ е аманетот за сите генерации;
  5. Ја истакнуваме суштинската потреба за редовни и организирани посети на домашни и странски делегации, на ученици, студенти и наставници за непосредно и изворно запознавање со ликот и делото на Блаже Конески, со што овие манифестации ќе станат трајно обележје во културата на нашата држава.

Од пуштањето во употреба на спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово (1.8.2005) во Книгата за впечатоци се запишани 730 коментари и ставови, што го потврдува фактот и нашата програмска определба содржана во Декларацијата: спомен-домот да стане култно место за нашата култура.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 74, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот