Интервју со Алпер Ерсој: Правиме сѐ да овозможиме безбедно и удобно патување

За патниците имаме три основни правила – да носат заштитна маска постојано, да одржуваат безбедно растојание и да одржуваат високо ниво на лична хигиена, вели  Ерсој.

Од први јули се отворат меѓународниот аеродром „Скопје“ и охридскиот „Свети Апостол Павле“. Во услови на пандемија од коронавирус, Владата за аеродромите подготви посебни протоколи.

Според генералниот директорот на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој, тие се подготвени за целосна имплементација на протоколите и прават сѐ да им озвозможат безбедно и удобно патување на патниците.

Летањето, но и самото чекање по аеродромите, во услови на пандемија нема да биде исто како порано. Каков ќе биде протоколот што ќе го спроведувате на аеродромот во Скопје и во Охрид?

ТАВ Македонија дополнително ги зајакна постојните мерки за хигиена и на скопскиот и на охридскиот аеродром со цел да го спречи ширењето на вирусот од влезот во терминалната зграда до влегувањето на патниците во авионите, каде што секоја авиокомпанија ќе спроведува интерни безбедносни мерки согласно меѓународните и националните прописи.

За патниците имаме три основни правила – да носат заштитна маска постојано, да одржуваат безбедно растојание и да одржуваат високо ниво на лична хигиена.

Пред да влезат во терминалната зграда, со заштитна маска на лицето, тие ќе треба да им го покажат својот авионски билет (испечатен или на телефон) на нашите агенти за безбедност и потоа да продолжат внатре. На самиот влез ќе ги дезинфицираат чевлите на поставената подлога за дезинфекција на чевли, а рацето на бездопирните диспензери со средство за раце. Понатаму, на патниците ќе им се мери телесната температура со помош на термална камера која ние како ТАВ Македонија ја поставивме со цел да спречиме вирусот да влезе во терминалната зграда, за патниците кои излегуваат од државата. По скенирањето со термална камера, доколку немаат покачена телесна температура, патниците ќе може да продолжат кон шалтерите за регистрација или за саморегистрација. Во аеродромската зграда ќе смеат да влезат само оние лица кои треба да патуваат (имаат авионски билет), а не и нивните семејства и пријателите кои ги пречекуваат или испраќаат.

Не е дозволено патниците да седат еден до друг на седиштата во аеродромските чекалници, зоните за заминувањa, пристигнувањa  и излез. Патниците мора да седат на дозволено физичко растојание, за што седиштата се специјално обележани.

Со цел патниците да се чувствуваат безбедно, ТАВ Македонија го интензивира чистењето и дезинфекцијата на сите делови на аеродромот, а вентилацијата во терминалната зграда е засилена со соодветен систем за климатизација. Местата кои најчесто се допираат, како што се шалтери за регистрација, држачи на вратите и ескалаторите, екрани, копчиња на лифтови, апарати за саморегистрација и пунктови за багаж, колички за багаж и сите други предмети и површини, се дезинфицираат 4 пати на ден. Пластичните корпи во кои патниците го ставаат својот багаж се дезинфицираат по секоја употреба.

Имајќи ги предвид новите правила, некои аеродромски процедури може да бидат побавни. Поради тоа, апелираме до патниците да пристигнат на аеродромите најмалку 3 часа пред времето за заминување бидејќи најмалку еден час пред полетувањето треба да бидат во зоната за поаѓање, односно кај излезит.

Што се однесува до процесот на чекирање и процесот до качување во авионот, нашата цел е да избегнеме секаков физички контакт меѓу нашите вработени и патниците. Поради тоа, патниците треба да им го покажат својот авиобилет на нашите агенти преку транспарентна преграда и лично да ја постават својата патна исправа на фиксираниот читач на шалтерите. На почетокот сето ова може да делува збунувачки на патниците, но нашиот пријателски персонал ќе биде тука да им помогне.

Во наредниот период, процедурите сигурно ќе се прилагодат на новата ситуација. Сите промени и мерки што ги презедовме досега и во иднина ќе ги имплементираме имаат една цел – да им овозможиме на нашите патници безбедно и удобно патување, што и досега беше наш приоритет.

Веројатно комуницирате со авионските компании, какви се вашите сознанија за редот што ќе се спроведува во самите авиони?

Како што ние, аеродромските оператори постојано ги следиме сите тековни новости поврзани со авиосообраќајот, особено во овој кризен период, така и авиокомпаниите се во тек со развојот на ситуацијата. Секоја авиокомпанија изработува сопствени протоколи за работа според меѓународните прописи и препораките на надлежните институции, што, меѓу другото, подразбира и проверка на здравствената состојба на патниците пред влегувањето во авионот, одржување на препорачаното безбедно растојание, редуцирање на физичките контакти меѓу патниците и екипажот на авионот и сл. Претпоставувам дека секоја авиокомпанија навреме ќе ги информира своите патници за безбедносните мерки до кои тие треба да се придржуваат за време на летот.

Дали очекувате авионскиот сообраќај да се одвива според утврдениот ред за летање или ќе има рестрикции во однос на линиите? Што ова значи за авионскиот сообраќај во Македонија, колку патници очекувавте годинава, а на колку реално може да се надеваме?

Кризата со коронавирусот дојде неочекувано и многу тешко го погоди целиот авиосектор. Дел од негативните ефекти веќе се видливи, но последиците ќе се чувствуваат и во наредните неколку години. Сите чинители се дел од овој сектор ќе треба да направат нови прогнози и да ги прилагодат очекувањата според новонастанатата ситуација. До крајот на 2019 година ТАВ Македонија бележеше одлични резултати, ја заврши годинава со 2,7 милиони патници вкупно на скопскиот и охридскиот аеродром, што е за 14проценти  зголемување во однос на 2018 година. Бројките беа одлични и на почетокот од 2020 година, пред избивањето на кризата, кога имаше пораст на бројот на патници од 15 проценти. Но, со затворањето на двата аеродрома од средината на март 2020 година, а потоа и целосното неработење во април, мај и јуни, бројот на патници и летови драстично се намали. Само во април, тој пад изнесува над 90% и таква е ситуацијата на речиси сите аеродроми во светот. За првите 5 месеци од годинава (од јануари до мај), бројот на патници на двата аеродрома се намали за 53%. Проектираните очекувања за крајот на годината дефинитивно треба да се намалат бидејќи бројките не зависат само од тоа кога аеродромите повторно ќе се отворат, туку и од интерните бизнис одлуки на авиокомпаниите кои исто така се сериозно погодени од кризата, како и од решителноста на патниците да користат авиоуслуги. Мислам дека во моментов никој не може да даде точна прогноза за бројот на патници и летови за крајот на годинава, но тоа нема да ни биде пречка да ги прилагодиме и реализираме зацртаните планови за развој на скопскиот и охридскиот аеродром.

Очекувате ли воопшто патници на аеродромот во Охрид?

– Охридскиот аеродром опслужува вкупно 22 дестинации, од кои осум функционираат во текот на целата година, додека останатите 14 се сезонски летови во периодот од април до октомври. Колку патници ќе ги користат услугите на охридскиот аеродром по отворањето ќе зависи од нивните лични одлуки да патуваат, но и од интерните одлуки на авиокомпаниите за начинот на функционирање. Дел од сезонските летови на охридскиот аеродром се поврзани со тур-оператори кои исто така се надеваат дека наскоро ќе може да продолжат со нормалната работа. Станува збор за сложен, меѓусебно поврзан систем врз кој влијаат многу фактори. Нашите очекувања се дека состојбата полека ќе се нормализира, а ние сме подготвени да ги пречекаме сите авиокомпании и патници и да им пружиме најквалитетна услуга како и досега.

Авионскиот сообраќај е еден од најзесегнатите сектори во време на пандемијата. Како  финансиски се справува ТАВ Македонија во овие услови?

Во услови кога во април, мај и јуни функционираа само карго и хуманитари летови на скопскиот аеродром и кога имавме комплетно затворени граници, ние како аеродромски оператор се соочуваме со загуби. Затворањето на аеродромите за нас значи комплетно запирање на приходите при што нашите трошоци сѐ уште се тука, ситуација која се обидуваме да ја надминеме и да овозможиме услови за одржување на бизнисот. Сепак, нашите инвестиции во изминатите години овозможија авијацискиот пазар во земјава да достигне многу стабилно ниво, како и одржливост на долг рок. Дополнително, ТАВ Македонија е дел од моќниот холдинг ТАВ Аеродроми од кој добиваме огромна поддршка во секој поглед, што ни дава сигурност во најтешките моменти со кои се соочува авиоиндустријата во светски рамки.

Со оглед на најавите и за есенски бран на коровирусот, што е вашиот впечаток, ќе има ли поскапување на цените на авиобилетите и на аеродромските услуги?

Кризата предизвикана од вирусот КОВИД-19 ни покажа дека е неблагодарно да се даваат какви било прогнози, во кој било сектор. Тоа се докажа и во авијациската индустрија. Сите чинители во овој сектор, почнувајќи од авиокомпаниите, аеродромските оператори, како и компаниите кои нудат различни услуги, ќе прават анализи за најефикасните начини со кои ќе овозможат одржливост на нивниот бизнис. За нас најважно беше надлежните државни институции да дозволат повторно отворање на аеродромите, по што сега ќе следи детална анализа на состојбата и планирање на натамошните чекори и активности. Генерално, сите треба да се навикнеме да живееме со вирусот. Веруваме дека новите аеродромски мерки ќе станат новото нормално според кое ќе продолжиме со нашите животи без ограничувања.

И за крај, едно лично прашање, како се справувате со вонредните услови – како ги исполнувате професионалните обврски, како се справувате со карантинот… Останавте ли за време на пандемијата во Македонија или пак, бевте во Турција?

Јас сум во Македонија од почетокот на пандемијата. Периодов е навистина предизвикувачки за мене од приватен и од професионален аспект. Од една страна, тука е застрашувачкиот момент кога се обидувате да го заштитите семејството од вирусот и стравувате за здравјето на најблиските кои не се до вас, додека од друга страна вложувате максимални напори да овозможите одржливост на компанијата и да ги задржите сите работни места во ситуација кога приходите на аеродромите практично се сведени на нула. Деновите ми се исполнети со постојано следење на актуелните информации во авиобизнисот на меѓународно ниво, комуникацијата со тимот на ТАВ Македонија, но и со колегите од холдингот ТАВ Аеродроми. Сепак, морам да признаам дека целата ситуација и вонредните услови ми овозможија да поминам повеќе квалитетно време со моето семејство.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот