Интервју со Адријана Божиноска: Уметниците претставуваат значен дел во развојот на културата на едно општество

Вториот циклус на проектот „КреАрт“, кој почна во 2017 година, е при крај и според договорот што Град Скопје го потпиша со Европската комисија, ќе трае до декември 2021 година.

Координаторка на проектот „КреАрт“, со кој Град Скопје стана дел од мрежата на европски градови во областа на уметничкото творештво, е Адријана Божиноска. Како вработена во Секторот за јавни дејности – Одделение за култура при Град Скопје, нејзините обврски опфаќаат широк спектар активности. Таа е одговорна за организирање, координирање и спроведување на програмските активности со јавните установи вклучени во проектот, за редовна комуникација со сите вклучени домашни и странски учесници, за комуникација со сите партнери од 12 европски градови и со главниот координатор, за спроведување на тековните барања и обврски од Европската комисија, но и за објава на јавни повици, формирање комисии за селекција на учесници, подготовка на тендерски документи, завршни финансиски извештаи, евалуација на проектот.

Меѓу последните активности во рамките на проектот „КреАрт“ беа организирањето на европска изложба во Музејот на Град Скопје и Меѓународната конференција на тема „Социјално осигурување и оданочување на уметниците“, што се одржа на 13 јули во просториите на Град Скопје.

На кој начин беше избрана темата на конференцијата и со каква цел?

– Уште во 2017 година, пред да го потпишеме договорот со Европската комисија и партнерите од единаесет европски градови, кои се составен дел од мрежата „КреАрт“, однапред ги дефиниравме темите за сите локални семинари и меѓународни конференции, со можност за мало отстапување од нив, во смисла на проширување и потребата што би се наметнала во текот на овие четири години. Уметниците претставуваат значен дел во развојот на културата на едно општество. Но, нивниот статус во општеството ги вбројува во ранлива категорија која нема фиксен приход, бидејќи нивните професионални активности не се континуирани. Целта на Меѓународната конференција „Средби: Социјално осигурување и оданочување на уметници“ беше да се обработи една многу актуелна тема, која ги засега уметниците ширум Европа, при тоа фокусирајќи се на состојбите со кои се соочуваат уметниците и професионалците во културата, но и да се придонесе кон развој на културните политики во Европа и нивните импликации на национално, регионално и европско ниво.

Меѓународната конференција на тема „Социјално осигурување и оданочување на уметниците“ се одржа на 13 јули во просториите на Град Скопје

Каков заклучок може да се изведе врз основа на одржаните презентации на домашните и на меѓународните учесници на конференцијата?

– Преку излагањата на конференцијата, на одделните тематски експертизи на учесниците од специјализирани институции и учесниците од домашната независна сцена, од регионот, но и од партнерските градови, беше направен обид да биде идентификувана природата на пречките со кои се соочуваат на различни нивоа индивидуалните артисти и културните професионалци, наспроти културните организации, како и да се детектираат најчестите проблеми и дефинираат практичните можности за нивно решение.

Во Музејот на град Скопје во тек е изложбата со наслов „Што би се случило ако? Изборот да се изгради алтернативна иднина“, исто така во рамките на европскиот проект „КреАрт“. Како Скопје се најде на патот на оваа европска изложба?

– Европската изложба најпрво беше отворена во Авеиро, Португалија, потоа во Џенова, Италија, и на крај кај нас, во Скопје. Сите активности беа однапред договорени, а така беше и со патувачките европски изложби, кои вклучуваат три партнерски градови. Во текот на четиригодишното културно патување со партнерите, ова е трета изложба од ваков вид. Процесот на избор на куратор со дадена тема и избор на учесници-уметници е транспарентен, секогаш е преку отворени повици на веб-страницата на „КреАрт“ и секој уметник/куратор има право на учество. Кураторот со неговиот предлог-концепт за изложба се избира од сите партнери со бодување на дадени критериуми за пријавените учесници. Потоа се објавува отворен повик за учество на уметници на изложбата на дадена тема од кураторот. По завршувањето на секој повик се бара мислење за уметниците од сите координатори по градови за пријавените уметници за да може да се продолжи фазата за избор, кој во случајот е непречено право на кураторот.

Со учеството во проектот „КреАрт“ Град Скопје внесува иницијативи во културниот живот во Скопје во полето на визуелните уметности преку воспоставување нови меѓународни партнерства и размени / Фотографија: Игор Чадиновски

Што за градот Скопје значи учеството во проектот „КреАрт“, како дел од мрежата на градови за креативно творештво поддржана од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ?

– Град Скопје е составен дел од меѓународниот проект „КреАрт“ – Мрежа на градови за уметничко творештво. Станува збор за европска мрежа која обединува 12 градови преку нивните јавни и приватни културни институции. Со овој проект, Град Скопје внесува иницијативи во културниот живот во Скопје во полето на визуелните уметности преку воспоставување на нови меѓународни партнерства и размени, а истовремено им овозможува учество на уметниците и кураторите од Скопје во програмските активности, да креираат, изложуваат и да уживаат во уметничките дела, како и да добијат пристап до обуки преку семинари, резиденции на уметници, работилници и истражувачки програми, кои се одржуваат во јавни и во приватни културни институции во градовите партнери во проектот.

Дел од „стрит арт“ и графити активностите се и муралите во ГТЦ, реализирани со вклучување на МКЦ во проектот „КреАрт“

Кои се клучните настани што беа реализирани овие четири години во рамките на „КреАрт“?

– Не би можела да одвојам некој настан како клучен, бидејќи сите се од голема важност, само некои беа повидливи, како муралот во ГТЦ, муралите во катната гаража „26 Јули“, муралот во чест на пожарникарите, насловен „Хероите на градот“, но сите имаа свој придонес во културното живеење во Град Скопје.

Има ли повратна релација, односно покрај доаѓањето уметници од други држави во Скопје и скопски уметници да се претстават во други градови што се дел од мрежата?

– Секако дека има и во рамките на проектот, пред сѐ, постои размена на искуства, споделување културни вредности, воспоставување мрежи за идните соработки, особено преку АИР-програмата, каде што секоја година сите партнери имаат повици, а уметниците престојуваат по еден месец во некој од партнерските градови. Исто така, се одржуваат меѓународни конференции и семинари за куратори, а ќе напоменам дека европската изложба има за цел да ги промовира уметниците од сите партнерски градови со нивните креативни творештва на едно место.

Во КИЦ се одвиваше активноста „Уметничка резиденција“, каде што со заедничка изложба секоја година се претставуваа еден домашен и еден странски уметник – Владимир Илиевски (РС Македонија) и Јулија Поциуте (Литванија)

Проектот „КреАрт“ беше спроведуван од Град Скопје. Кои градски установи и поединци беа вклучени во реализацијата на проектот?

– Имплементатор на проектот „КреАрт“ е Град Скопје, додека јас сум координатор, но и организатор на програмските активности кои се во целосна реализација на Град Скопје. Како подгрантисти во проектот се вклучени четири јавни установи (ЈУ) на Град Скопје. Со ЈУ Музеј на Град Скопје (МГС) секоја година отпочнуваме со активност и одбележување на Европскиот ден на уметничка креативност – 21 март, со сите партнерски градови во ист ден. Оваа активност се состои од различни настани, како групна изложба со локални уметници, самостојни изложби, дебати на различни теми согласно реализираните изложби и работилници за деца и младинци. Со МГС ја организиравме Европската изложба во 2020/2021 година, а одговорна за активностите и личност со која ги реализираме и координираме сите активности е кустос/архитект Јасминка Намичева. Со ЈУ Младински културен центар (МКЦ) ја реализиравме активноста „Стрит арт“ (улична уметност), за која одговорен беше Русе Арсов со неговиот тим соработници. Со ЈУ Универзална сала беше реализиран настанот Локален семинар, а одговорен беше Филип Аврамчев во соработка со Мирослав Ивановиќ. За организирање на уметнички престој (Artist in Residence) беше задолжен ЈУ Културно-информативен центар (КИЦ), а одговорни лица за активноста се Сергеј Андреевски и Емил Шулајковски.

Градови партнери на Град Скопје во проектот „КреАрт“ се Ваљадолид – Шпанија (лидер на проектот), Џенова и Лече – Италија, Ливерпул – Велика Британија, Руен и Клермон Феран – Франција, Загреб – Хрватска, Каунас -Литванија, Лублин и Катовице – Полска и Авеиро – Португалија. Исто така, уметниците имаат можност да се пријавуваат на повик за резиденција во Линц, Австрија, кој е поранешен партнер од првиот циклус на „КреАрт“. За овие четири години на локалните и меѓународните активности на „КреАрт“ од Град Скопје се вклучени околу 150 уметници-учесници.

Со активноста „Улична уметност“, во 2020 година беше изработен мурал на пожарникарската кула во чест на пожарникарите во Скопје, насловен „Хероите на градот“, висок 27 метри и широк 7 метри

Какви се можностите и од што зависи понатамошното учество на градот Скопје во проектот „КреАрт“?

– Од почетокот на годинава имавме неколку онлајн состаноци со сите партнери и разговаравме за продолжување на соработката со „КреАрт 3“. Начелно имаме првична верзија за апликација, која ќе ја доработуваме тековно со нови идеи. Од кабинетот на градоначалникот имаме поддршка за продолжување на учеството во проектот, но последна одлучува Европската комисија.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 89, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот