ИНТЕРВЈУ Ленче Николовска: Договорното производство треба да се форсира, новиот проект е маслодајна репка

Ленче Николовска, Фото: Приватна архива

Треба да се свртиме кон домашното производство на сончоглед и да се обезбеди суровина што за преработувачот ќе биде сигурна, нема да има одлив на девизи, а земјоделците ќе бидат задоволни од заработката. Годинава се очекува откуп на 10.000 тони сончоглед, но капацитетот на „Кристал 1923“ е 40.000 тони

Договорното производство е најдоброто решение за сите чинители во процесот – земјоделците уште пред да сеат или садат, знаат на кого ќе го продадат родот, откупувачите имаат обезбедено сигурна суровина, а државата решен проблем со пласманот на земјоделските производи, порачува Ленче Николовска, која со својата фирма „Агротим“ веќе стана препознатлива во посредувањето меѓу земјоделците, производителите и откупувачите.

Николовска долги години е фокусирана на агросекторот, почнувајќи од новинар што ги следи состојбите, преку пратеник, па советник за земјоделие на поранешниот премиер Зоран Заев, за да сега има сопствена компанија, која им нуди разни услуги за земјоделците. Нејзината оценка е дека сега, кога пандемијата и руско-украинскиот конфликт потенцираа колку е значајно домашното производство, ЕУ ќе инвестира милијарди во агросекторот, а и во националните економии ќе се отвораат сè поголеми можности земјоделството да биде ценета и платена професија.

До каде сме со процесот на договорно производство, за кои култури го има најмногу, а каде што е неопходно да се воспостави?

– Станува збор за цел систем и комплексен процес од идеја, договори, средби, преговори, за да дојдеме до заедничко прифатливо решение за двете страни – производители и откупувачи. Во овој процес што го работи „Агротим“, голема улога и поддршка имаме од Министерството за земјоделство, преку зголемување на субвенциите за оние култури што се дел од договорното производство, како и институционалната сигурноста која се нуди во интерес на зголеменото домашно производство на храна. Со една реченица, на сите веќе им стана јасно дека договорното производство е успешен модел што треба да се форсира за повеќе култури. Во моментов преку „Агротим“ го работиме договорното производство на органска пиперка, заедно со швајцарскиот Проектот за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, продолживме со договорното на сончоглед, имавме за корнишони, за пченка, а сега се подготвуваме за нов проект – договорно производство на маслодајна репка. Од мое искуство и сознание, постои можност да се организира договорно производство за сите култури што се суровина за преработувачката индустрија, а чекор напред може да биде договорно производство и со трговците и откупувачите.

Долги години фабриката за масло за јадење „Кристал 1923“ од Велес ги повикува земјоделците на кооперантски однос, тие да садат сончоглед со гарантирана цена и откуп. Но, иако има зголемување на количините, капацитетот ни од далеку не е исполнет. Зошто кај нас тој процес оди така бавно – се нема математика, доволно земјоделци, доверба или нешто сосема друго?

– Целата приказна за активирање на Договорното производство почна со враќањето на сончогледот на македонските ниви, проект што заедно со директорот на „Кристал 1923“, Горан Лазов и тим од земјоделци и експерти, го стартувавме пред 4 години, додека работев во Кабинетот на поранешниот премиер Зоран Заев. И успеавме за 2 години, трипати да го зголемиме производството, од 2.000 тони колку што откупуваше комбинатот, на 7.000 тони сончоглед. Но, тоа секако е далеку од нашите можности како домашно производство и од капацитетот на „Кристал 1923“ од 40.000 тони. Затоа годинава интензивната кампања на МЗШВ, зголемените субвенции, поддршката во набавката на ѓубривото и сигурноста на договорното производство, ги натера земјоделските производители да насеат поголеми површини под сончоглед. Според сите најави, годинава очекуваме над 10.000 тони, што е одлично и мотивирачки за следните години да се продолжи овој позитивен тренд. Овде мислам дека пресудна ќе биде откупната цена на сончогледот, која годинава се очекува да биде висока, поради војната со Украина и нестабилниот пазар на сончоглед, а тоа не е проблем што брзо и лесно ќе се реши. Затоа треба да се свртиме кон домашното производство на сончоглед и да се обезбеди суровина што за преработувачот ќе биде сигурна, нема да има одлив на девизи, а земјоделците ќе бидат задоволни од заработката.

Ленче Николовска, Фото: Приватна архива

Се прават ли некакви обиди на нашите ниви да се вратат старите култури, какви што се памук, афион, маслодајна репка?

– Заборавените култури, се „заборавиле“ најмногу заради неисплатливост на производството, стихијниот пласман, поевтината суровина од увоз и немањето организиран откуп односно договорно производство. Така ја изгубивме шеќерната репка, од 6.000 хектари, сега нема ни еден декар, поради неработењето на Шеќерана во Битола. А цели села живееја од тоа производство, се откупуваше репката, а се користеше и зелениот дел како добиточна храна во фармите. За памукот – иста е приказната, немање откуп, незаинтересираност на државата да го стимулира ова производство. Она што сега сакам да го најавам е договорното производство на маслодајна репка, за која постојат почвено климатски услови, а повторно со „Кристал“ договараме откуп на репката. Единствен проблем ќе ни остане пласманот на ќуспето кое ќе се јави како нуспроизвод од преработката на репката во масло, за што треба да се преговара со краварските фарми и да им се понуди за откуп. Експертите велат дека тоа е одлично решение бидејќи ја зголемува млечноста кај кравите и тоа сакаме преку „Агротим“ да ги информираме фармерите. Деновиве договараме со компании што се занимаваат со продажба на семе, да се обезбеди квалитетно семе и сорти кои одговараат на нашето поднебје и советници кои на терен ќе го следат производството. И овде ја очекувам поддршката од Министерството за земјоделство во насока на охрабрување на земјоделците или можност за зголемување на субвенциите како дополнителен мотив. Ќе видиме како ќе се одвива цел процес што мора да биде брз бидејќи сеидбата на маслодајната репка е во август и септември, а досега веќе имаме најава за сеидба на 500 хектари.

Какви и политики да се водат, централна фигура е работната рака. Како да се привлечат нови земјоделци?

– Проблемот со работна рака е евидентен и сè повеќе загрижувачки последниве години. Проблемот се создаваше континуирано без можност да се стопира или намали од повеќе (познати) причини во општеството во изминатите години. Јас сакам да верувам дека овој тренд ќе се сврти во корист на земјоделското производство бидејќи ковид-кризата и војната во Украина ни покажа дека единствено сигурен бизнис е производството на храна. Бројките не само кај нас, во сите земји покажуваат зголемување на извозот, високи цени на земјоделските производи, преработки и потреба од храна. На оваа ситуација сите сериозни држави реагираа на идентичен начин – ги зголемија субвенциите за земјоделците, ЕУ ги зголеми фондовите за поддршка, се воведоа интервентни мерки, се доделува земја, се сврти државата кон зголемено производство на стратешки култури. Овде ги охрабрувам младите и амбициозни луѓе да се вклучат во земјоделскиот сектор, сè повеќе ќе има потреба од храна, ЕУ ќе инвестира милијарди во агросекторот, ќе се модернизира, дигитализира производството и земјоделското производство ќе биде професија за почит и добро платена. Имаме одлични државни мерки, тука се и ИПАРД-фондовите, само годинава ќе има повици за 35 милиони евра. Сето тоа ќе придонесе земјоделското производство да биде профитабилен бизнис. А профитот знае да мотивира, ако се има менаџерски способности и визија, еве сигурна работа за младите да останат во државата и да го оправдаат епитетот – аграрна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот