ИНТЕРВЈУ Константин Георгиески, градоначалник на Охрид: Ќе ја урнеме дивоизградената пицерија „Луна“ – Слободен печат
ВестиВи ПрепорачувамеМакедонија

ИНТЕРВЈУ Константин Георгиески, градоначалник на Охрид: Ќе ја урнеме дивоизградената пицерија „Луна“

Во однос на исполнување на препораките од УНЕСКО сметам дека ништо не може да случи преку ноќ, ниту ова ќе биде едноставен процес. Битката за Охрид допрва ќе се интензивира на сите полиња.

Градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиевски е уверен дека до следната сесија во февруари Охридскиот регион ќе ја надмине опасноста да биде ставен на листата на загрозено светско природно и културно наследство и најавува уривање на дивоградбите, но и ревизија на регистарот со дивоградби.

Тој се уште нема одговор колку дивоградби во заштитените зони треба да се урнат, колку од нив се во процес на легализација, ниту има јасна слика за кои од нив ќе одлучува општината, а за кои Министерството за животна средина со чие мислење може да се легализира бесправна градба во заштитено подрачје.

Во разговорот за „Слободен печат“ тој меѓудругото најавува и дека градежната инспекција ќе ја урне пицеријата „Луна“ која бесправно ја изгради советникот од ДУИ, Нефи Усеини веднаш до чинарот, но не го коментира однесувањето на локалните моќници.

– Во врска со угостителскиот објект „Луна“, градежниот инспектор има направено записник и решение за уривање, бидејќи инвеститорот нема дозвола за градење. Со овој објект ќе се постапува согласно законските процедури за бесправно изградени објекти. Со ребалансот на Буџетот за 2019 година, што го донесе Советот на 10 јуни во програмата за уредување на градежно земјиште се предвидени 1,5 милион денари за ставката за рушење на нелегално изградени објекти. По ангажирањето на фирма за уривање општината ќе почне да постапува по изготвените решенија.

Кои се врвните приоритети во наредниот период за Општината со цел да не биде изгубен статусот на следната сесија на Комитетот за светско наследство?

– Локалната самоуправа во соработка со Владата, преку плански и стратешки пристап постепено чекор по чекор ќе ги решава сите препораки на УНЕСКО и ќе ги вложиме сите напори за поправање на грешките од минатото, направени од претходните власти. Целта е секако на наредната сесија конечно да биде отстранета опасноста за ставање на Охридскиот регион на листата на заштитени подрачја во опасност. Во делот на нашите обврски како општина ние веќе имаме постапено по препораката број 9 за изработка на регистар за нелегални градби, по препораката број 19 со акцијата за отстранување на палмите кои се неавтохтони и инвазивни видови и со акцијата за отстранување на рекламните билборди. Имаме активности и по препораката број 18 за регулацијата на сообраќајот во стариот дел на градот.

Како што многупати имам изјавено, во однос на исполнување на препораките од УНЕСКО сметам дека ништо не може да случи преку ноќ, ниту ова ќе биде едноставен процес. Битката за Охрид допрва ќе се интензивира на сите полиња. Мојата посветеноста како градоначалник и на Владата е целосна и недвосмислена и сите треба да си го одработат тоа за што се одговорни.

Општината информираше дека пребројала 1.076 дивоградби од кои дури 409 се во заштитниот појас, од кои пак 80 се апартмани, сместувачки капацитети и куќи. Вие рековте дека УНЕСКО не бара да се урнат сите туку само оние за кои ќе се утврди дека негативно влијаат на околината, односно такви се само десетина. Да појасниме, што конкретно ќе се случува со дивоградбите и колку ќе се урнат? Владата најави дека ќе помогне доколку официјално побарате помош.

– Согласно со препораките од УНЕСКО локалната самоуправа пред околу две недели изработи посебен регистар на нелегални градби. Во наредниот период надлежните служби ќе извршат проверка и финално уредување на целокупниот регистар, по што ќе се пристапи кон поединечна ревизија за секој посебен предмет и ќе се носат одлуки за понатамошно постапување.

Значи, планирано е да се формира посебна комисија, составена од членови со соодветна стручност, која ќе направи евалуација на влијанието врз животната средина на сите дивоградби во делот на заштитениот појас. За тие објекти за кои ќе се утврди дека имаат негативно влијание, ќе треба да ги отстраниме. Во целокупната постапка ќе бидеме во постојана координација и комуникација со Владата. Сите постапки ќе се одвиваат во согласност со сите Законски процедури, транспарентно, а јавноста ќе биде навремено и детално информирана.

Кои се тие десетина поголеми објекти што треба да се урнат? Зошто досега не се отстранети тие бесправни градби согласно законите?

– Јас не дадов дефинитивен или официјален податок дека тоа се десет поголеми објекти, јас само имам изјавено дека според мое мислење нема да има повеќе од десет објекти за кои ќе се утврди дека имаат такво негативно влијание. Треба да се напомене дека првата реактивна мисија на УНЕСКО во посета на Охридскиот регион била во 1998 година, па во 2013 и 2017 година и во сите мисии се нотирани забелешки и препораки по кои сите влади досега, без исклучок, не постапиле соодветно, што резултираше со предлогот од Комитетот Охридско-Струшкиот регион се стави на листата на светско наследство во опасност.

За колку од спорните дивоградби Министерството за животна средина треба да им го утврди статусот? Колку од големите дивоградби се во националниот парк Галичица, колку се во крајбрежната зона, а колку во стариот дел на градот?

– Се уште немаме направено дефинитивна распределба на објектите ја имаме само вкупната бројка на 409 дивоградби, кои според Регистарот на дивоградби, се лоцирани во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во Стариот дел на градот.

Колку од дивоградбите се во процес на легализација, а колку од нив се изградени после 2012 година, без можност за легализација, согласно постојните закони?

– И за одговорот на ова прашање нема официјален и точен податок, тоа ќе биде утврдено откако ќе се направи ревизија на целиот регистар на дивоградби.

Кога ќе стапи на сила мораториумот за градба и ревизијата на деталните урбанистички планови и дали очекувате новиот закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион кој е во собраниска процедура да ги реши проблемите за кои опоменува Комитетот на УНЕСКО?

– Од страна на членовите на Комитетот за светско наследство, како позитивно беше оценето носењето на предлог закон за мораторум на градба во Охридско-струшкиот регион, во согласност со препораката број 6, како и за преземените активности околу носењето на Планот со управување со културното наследство, во согласност со препораките број 7 и 8.

Во целокупниот процес на исполнување на препораките од УНЕСКО, секако дека од големо значење ќе биде и носењето на Законот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион.

Заедно со Дебрца и Струга ќе ја вратиме Сатеска во старото корито

Каков е моментниот статус на колекторскиот систем за отпадни води и какви се плановите за негова модернизација?

– Колекторскиот систем долги години не беше функционален со целиот свој капацитет, а во одредени периоди во годината претставуваше огромен еколошки проблем за Охридското Езеро. Благодарение на посветеноста на оваа Влада, веќе се преземени конкретни мерки за решавање на ова горливо прашање, на што сме посебно горди. Донесена е одлука за формирање на ново Јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на колекторскиот систем.

Во насока на заштита на езерото, исто така преземени се и конкретни чекори заедно со општините Дебрца и Струга за пренасочување на реката Сатеска во старото корито. Според најавите, проектот ќе се реализира со средства од европските фондови. Почната е постапка за изработка на Студија за валоризација на Студенчишкото блато, а во тек е подготовка на нов Локален еколошки акционен план на Општина Охрид.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Еден коментар

  1. Многу сте јавашлии бре пријателе и не сака формирање на нови претпријатија, за да се молзи народот, туку сака засукување на ракавите и работа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close