Интеграција или застој – изборот што го менува австрискиот пазар на трудот
Австрискиот пазар на труд се соочува со растечки демографски и структурни предизвици, а традиционалните мерки како црвено-белата карта не се доволни за решавање на недостигот на работна сила. Директорот на АМС, Јоханес Копф, смета дека земјата мора подобро да го искористи потенцијалот на мигрантите и да вложува повеќе во обука и преквалификација. Истовремено, високата стапка на скратено работно време и недоволната поддршка за семејствата ја ограничуваат продуктивноста и ја забавуваат интеграцијата на новите работници.
Пазарот на труд во Австрија се соочува со сериозни структурни проблеми што ќе се продлабочуваат во следните години, предупреди директорот на Австриската служба за вработување (AMS) Јоханес Копф. Според податоците на Статистика Австрија, бројот на работоспособно население во Виена значително ќе се зголеми, додека во останатите покраини ќе има остар пад. Копф ја оцени оваа разлика како многу лоша вест за целата земја, нагласувајќи дека демографските проблеми не можат да се решат само со воведување на црвено- белo- црвената карта (RWR Karte), документ што овозможува ограничен престој и работа на квалификувани работници од трети земји.
Препорачано
Австрија веќе подолго време се обидува да привлече стручна работна сила однадвор, но резултатите се ограничени. До средината на оваа година само околу дванаесет илјади лица дојдени од земји кои не припаѓаат нa Европската Унија имаат ваква дозвола. Во земја со четири милиони вработени, тоа е занемарлива бројка. Економските шокови во изминатите години, од пандемијата до инфлацијата и рецесијата, дополнително го оптоварија системот. Невработеноста расте од 2023 година, иако економските институти предвидуваат постепено подобрување до 2030 година.
Мигрантите како неискористен ресурс на пазарот на трудот
Една од клучните поенти на Копф е потребата да се искористи потенцијалот на странците кои веќе живеат во земјата. Многу бегалци, посебно малолетни лица, би можеле да завршат обука и да станат дел од домашниот пазар на труд, доколку им се овозможи соодветна поддршка. Тој посочи дека десет години по бегалската криза, повеќе од шеесет илјади лица од Сирија, Авганистан, Ирак и Иран веќе работат во Австрија. Ова, според него, покажува дека интеграцијата може да биде успешна ако се спроведува доследно и со јасна стратегија.
Истовремено, Копф предупредува дека бројот на вработени расте, но вкупниот обем на работни часови се намалува. Луѓето во просек работат помалку, што негативно влијае на продуктивноста и на стабилноста на пензискиот систем. Тој предлага создавање повеќе целодневни установи за згрижување на деца, што би им овозможило на родителите да работат подолги смени. Австрија моментално има една од највисоките стапки на скратено работно време во Европската Унија, веднаш зад Холандија, што создава економски притисок и недостиг на квалификувани кадри во повеќе сектори.
Вештачката интелигенција и реформите на пазарот на труд
Во поглед на новите технологии, Копф не очекува дека вештачката интелигенција ќе предизвика намалување на бројот на работни места. Напротив, тој ја гледа како можност за подобра организација и ефикасност. Австриската служба за вработување веќе користи дигитални алатки за анализа на компетенции и поврзување на понудата и побарувачката на работна сила. Над 40 проценти од огласите сега се обработуваат преку новиот систем што ги усогласува потребните квалификации со профилот на кандидатите, а Копф тврди дека ваквиот пристап е поуспешен од досегашниот.
По долгогодишната правна расправа околу автоматскиот алгоритам за проценка на шанси за вработување, АМС нема планови да развива нова верзија на тој проект. Во фокусот сега се реформите за обуки и преквалификации. Новиот модел за продолжено образование треба да стартува во мај 2026 година и ќе биде посложен, но со ограничени средства. Владата издвојува 150 милиони евра годишно, што е четири пати помалку од претходните издатоци за преквалификација.
Иако Копф ја поддржува реформата, тој предупредува дека за вистинска трансформација на работниот пазар потребни се поголеми инвестиции во обука и интеграција. Без тоа, Австрија ризикува да се соочи со траен недостиг на работници, особено во покраини како Корушка и Штаерска. Опозицијата, предводена од Слободарската партија (FPÖ), остро го критикува неговиот пристап, обвинувајќи го дека со поддршката на мигрантите ги занемарува интересите на домашните работници. Но за Копф, решението лежи токму во активирање на сите потенцијали што веќе постојат во земјата, бидејќи, како што вели, Австрија одамна не е прв избор за светските експерти.


