Инспектор од СВР Битола ќе одговара за одавање службена тајна
Полициски службеник од СВР Битола кривично ќе одговара за одавање службена тајна. Според информациите, тој со мобилниот телефон го сликал мониторот на службениот компјутер на МВР и фотографиите ги споделил со друго лице.
Препорачано
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против Б.Ј. вработен како самостоен инспектор во Отсек за прикриени човечки извори на информации во ОКРА при СВР Битола, а поради основи на сомнение за сторено кривично дело „оддавање на службена тајна“ по член 360 став 1 од КЗ на РСМ.
„Пријавениот, според документираните сознанија, во два наврати на 09.01.2025 и на 17.01.2025 година неовластено извршил проверка за податоци од системот за регистрирање и управување со оружје за друго лице инволвирано во друга судска постапка. По извршената проверка со својот мобилен телефон направил фотографии од мониторот на службен компјутер на МВР и фотографиите ги споделил со неповикано лице“ соопшти МВР.
ОВККИПС по добиена согласност од ОЈО ГОКК против Б.Ј. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место на пријавениот до завршување на дисциплинската постапка.


