Фото: Pexels / Anna Shvets

„Револуционерните“ лекови против Алцхајмерова болест вредни 90.000 фунти веројатно нема да им користат на пациентите

Два нови лека против Алцхајмеровата болест, кои во претходните студии покажаа дека можат да го забават падот на когнитивните способности, најверојатно, сепак, нема да донесат значителни придобивки за пациентите, покажало најновото истражување.

Научниците посочиле дека ефектите на лековите донанемаб и леканемаб се „значително помали“ од нивото потребно за да се промени животот на пациентите што страдаат од Алцхајмерова болест, пренесе Би-би-си.

Британската национална здравствена служба (НХС) во моментот не плаќа за издавање на овие лекови на заболените, така што тие можат да се набават само приватно, и тоа за значителна сума.

Лековите се лиценцирани низ целиот свет. Но, НХС нема да плати за нив, а 18-месечен курс на лекови плус медицинска нега приватно би чинело вртоглави 90.000 фунти. Тие би биле недостапни за повеќето, па дури и да имате пари, дали вреди да се плати за нив?

Двата нови лека делуваат против бета амилоид, леплив протеин кој е резултат на распаѓањето на поголем протеин во масните мембрани на нервните клетки, а чие наталожување во форма на плаки во мозокот се смета за клучен биомаркер и предизвикувач на Алцхајмеровата болест.

Меѓутоа, истражувањето за слабоста на овие лекови предизвикало жестока дебата, а некои истакнати научници сметаат дека е фундаментално погрешно.

Тестирањето на двата нови лека покажало дека тие можат да го забават падот на когнитивните способности.

Ова претставувало пресвртница бидејќи тоа е првпат еден лек да го забави уништувањето на мозокот кај Алцхајмеровата болест.

Во рамките на истражувањето наречено Кохранова колаборација, која ригорозно и независно ги анализира медицинските податоци, биле испитани 17 студии за лекови кои го отстрануваат амилоидот од мозокот, а во кои учествувале 20.342 доброволци.

Генерално било заклучено дека овој пристап ја забавува Алцхајмеровата болест, но не доволно за да направи значајна разлика кај пациентите.

Во исто време, лековите носеле ризик од оток на мозокот и крвавење, а исто така потребно е да се даваат на секои две до четири недели и со висока цена.

Еден од авторите на извештајот, Едо Ричард, професор по неврологија во Медицинскиот центар на Универзитетот Радбауд во Холандија, на прашањето што би им кажал на своите пациенти за новите лекови, рекол дека ќе им порача дека веројатно нема да имаат голема корист од нив.

– Мислам дека е исклучително важно да бидеме искрени со нашите пациенти за тоа што можат да очекуваат, секогаш внимавам да не им дадам лажна надеж на луѓето – рекол тој.

Ричард додал дека сега треба да се истражат и други методи за лекување на Алцхајмеровата болест, како што е сузбивање на воспаленијата во мозокот.

Во моментов, единствениот начин да се добијат овие лекови во Велика Британија е приватно, а бидејќи се исклучително скапи, тоа ги прави недостапни за повеќето луѓе.

Националниот институт за здравје, кој одлучува за кои лекови ќе плати НХС, претходно ги отфрлил овие два лека, но повторно ги испитува доказите за нивната ефикасност.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот