Иницијативата „Аудиција сега!“ бара спас за невработените театарџии

Над 60 дипломци, дел од Иницијативата на невработени театарџии во С Македонија бараат „Аудиција сега!“ на Светскиот ден на театарот – 27 март. Писмото на иницијативата го пренесуваме во целост.

– Се обраќаме на надлежните, нo и на целата македонска јавност во името на над 160 дипломирани театарски работници, од кои еден дел се на професионално доусовршување во странство, дел се имаат откажано од театарот, а дел (над 60 театарџии) – невработени и вработени (но не во својата струка) актери, режисери, продуценти и драматурзи/драмски автори, државјани на С.Македонија, кои ја формираа оваа Иницијатива – АУДИЦИЈА СЕГА!

Нашата порака за Светскиот ден на театарот е малку поразлична од другите, има форма на Листа на барања, кои претставниците на иницијативата сакаат да ги продискутираат на средба со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која и формално беше побарана на 25.03.2022, со надеж дека ќе бидат исполнети.

Приоритетно барање на иницијативата е формирање работна група за разработка на веќе постоечките, но и креирање нови културни политики, отворање нови работни места; воведување нови критериуми за оценување на проектите за независната сцена; водење сметка за процентот на учество на невработени/вработени театарџии во театарските продукции при бодувањето; задолжително ангажирање невработени режисери со по минимум еден проект во институциите годишно; ангажирање невработени актери во секоја претстава во продукција на институционалните театри и редовни конкурси за драми на македонски драмски автори. Секако, ова се само дел од барањата.

Сосема случајно, дел од пораката по повод Светскиот ден на театарот на д-р Ана Стојаноска, театролог, писател и професор на Факултетот за драмски уметности при УКИМ – Скопје, го објаснува она што нè поттикна да ја формираме оваа Иницијатива: „…Најважно од сѐ, публиката, критиката, театролозите, професорите да се искрени пред себе и пред театарските уметници, да се говори јавно, отворено, да се критикува, но не да се критизира, да се инспирира, да се отвораат можностите, да не се дозволува еден или двајца луѓе да креираат програма на една театарска заедница, да се даде шанса на сите што ја заслужуваат, затоа што ние сите му требаме на театарот. Ние, што го сакаме и сакаме со него да го збогатиме светот во кој живееме!“

Очекуваме позитивен одговор и покана за средба со министерката за култура Костадиновска-Стојчевска во скоро време – истакнуваат од иницијативата „Аудиција сега!“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот