Иницијатива на невработените театарџии: „Аудиција сега!“ за да нема „Срам“

Остваривме средба со актерката Ангела Стојановска за иницијативата за вработување на невработените театарски работници, како и за нејзиниот перформанс „Срам“, со кој пренесува моќна порака.

Повеќе од 70 дипломирани актери, режисери, продуценти и драматурзи/драмски автори, во склоп на Иницијативата „Аудиција сега!“, од Министерството за култура побараа креирање на нови политики со кои ќе се отворат работни места за дипломираните театарски работници, од кои голем дел се имаат откажано од театарот.

Меѓу иницијаторите е мултиталентираната актерка Ангела Стојановска, која неодамна ја воодушеви публиката во „Јавна соба“ со соло претставата „Срам“. Перформансот е авторски проект на Стојановска во рамки на платформата за изведувачки уметности на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско – испробување феминистички иднини“.

Дали е срамота ако сме дебели и никому не штетиме, или пак треба да се срами оној што нѐ исмева? Зошто некој што скрил дека има ковид не се срами, иако нанел огромна штета, и што кажуваат ваквите постапки за тие луѓе? Стојановска ни објасни за каков срам станува збор и зошто била испровоцирана од оваа тема.

– Мислам дека во екот на пандемијата, некој ми кажа дека некој што имал ковид-19 не кажал на некој друг со кој бил во контакт дека е позитивен затоа што му било срам. Мислам… срамота! И тој збор остана со мене, тргнав да го анализирам од аспект на изгледот на моето тело, како актерка, пред сè, и продолжив да го врзувам со моите лични приказни на сите можни начини. Се осмелив да направам и листа на работи од кои ми е срам, а ова е годината во која се терам себе си да ги правам сите тие работи. Топло им препорачувам на читателите да се обидат, тоа некако ослободува – порача Стојановска.

Актерката Ангела Стојановска во перформансот „Срам“

Соработници на перформансот „Срам“ се Милош Б. Андоновски, режисер, и Ева Камчевска, драматург. Поддршка има и од Викторија Илиоска, изведувачка и кореографка, и Билјана Радиноска, театарска режисерка. Извршна продуцентка на проектот е Емилија Чочкова, костимографијата е дело на Раде Василев, сценографијата на Мартин Манев, а техничката поддршка е на Филип Христовски.

– Во рамките на претставата, мислам дека можеби и претерав со изразувањето – се смее Стојановска, додавајќи:

– Но, имав целосна поддршка во рамки на Платформата за изведувачки уметности на фестивалот „Прво па женско“, имав соработници, простор за проби, костимограф, сценограф, продуцентка… знаете оние нормални работи кои во моментов на вонинституционалната сцена се луксуз. Јас сум сигурна дека во секој друг контекст, „Срам“ немаше да постои да не беше ППЖ.

Со иницијативата „Аудиција сега!“ ќе се планира стратегија за невработените театарџии

Оваа харизматична актерка е дел и од иницијативата „Аудиција СЕГА!“ со која се бара спас за невработените театарски работници.

– Мислам дека „Аудиција СЕГА!“ е последниот обид јас и моите колеги актери, режисери, драматурзи и продуценти, кои сме невработени или невработени во струка, да се обидеме да си помогнеме. Доставивме список на барања, сакаме да формираме работна група што ќе изготви стратегија за отворање нови работни места, зголемување на транспарентноста на работата во и надвор од институциите и ревидирање на критериумите и приоритетите врз чија основа ќе се врши оценка за финансирање проекти од национален интерес во Годишните програми на Министерството за култура. Имаме закажана средба во текот на идната недела. За чуени – ќе бидеме чуени, ама помина времето кога тоа беше доволно. Стискајте палци – порача Стојановска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 123, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот