ИНФОГРАФИК: Албанскиот етникум не гласаше за Пендаровски
Во петнаесетте општини во Македонија во кои мнозинството граѓани се етнички Албанци, во вчерашниот прв круг од претседателските избори, победи кандидатот на Алијансата на Албанците и Беса, професорот Блерим Река.
Препорачано
Река освои вкупно 61.150 гласови во овие петнаесет општини, или 41,96 отсто од гласовите отишле на неговото конто.
Професорот Река беше поддржан исклучиво од партии од албанскиот блок во Македонија. Од неговите вкупно 79.915 гласови, дури 76,51 отсто се од албанските општини.
Кандидатот на владејачката коалиција СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, пак, во овие општини освои 56.473 гласови, што претставува само 17,43 отсто од вкупните гласови кои што ги доби.
Интересен е случајот во Дебар, каде што кандидатот за претседател на ДУИ, Пендаровски, освои 3.160 гласови. Од друга страна, пак, нивниот кандидат за градоначалник во Дебар, Херукан Дураку, освои 4.106 во првиот круг од вонредните локални избори во општината, со што го доби првиот круг од изборите со 272 гласа повеќе од неговиот противкандидат од Алијансата на Албанците, Арбен Аголи.
Сличен е примерот во Охрид, каде што граѓаните на вонредните локални избори во првиот круг повеќе гласови му дадоа на кандидатот на СДСМ, Костадин Георгиевски, додека пак за претседателските избори повеќе гласаа за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.
Професорката Силјановска Давкова, освои само 28.124 гласа во општините каде мнозинство граѓани се од албанскиот етникум, што претставува само 8,8 отсто од вкупно гласови која таа ги освои во првиот круг.


