Им тргна ли на Америка и на Иран? Земјите постигнале напредок во преговорите – за нешто се разбрале, за нешто не

Секој значаен чекор кон договор меѓу долгогодишните противници Вашингтон и Техеран би можел да ја намали непосредната можност американскиот претседател Доналд Трамп да ја реализира заканата за напад врз Иран, што многумина стравуваат дека би можело да прерасне во поширока војна.

САД и Иран денеска постигнале значителен напредок во разговорите насочени кон решавање на долгогодишниот нуклеарен спор и кон спречување нови американски напади, во услови на големо американско воено засилување на Блискиот Исток, пренесе „Ројтерс“.

Двете страни планираат наскоро да ги продолжат преговорите по консултациите во своите главни градови, а технички разговори на пониско ниво се закажани за следната недела во Виена, објави оманскиот министер за надворешни работи, Сајид Бадр Албусаиди, на мрежата „Икс“, по завршувањето на разговорите во Швајцарија.

Секој значаен чекор кон договор меѓу долгогодишните противници Вашингтон и Техеран би можел да ја намали непосредната можност американскиот претседател Доналд Трамп да ја реализира заканата за напад врз Иран, што многумина стравуваат дека би можело да прерасне во поширока војна.

Позитивната оценка на оманскиот министер уследи по индиректните разговори во Женева меѓу иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, и американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, одржани во две сесии – наутро и попладне.

– Го завршивме денот по значителен напредок во преговорите меѓу САД и Иран – изјави Бадр Албусаиди, но не прецизираше дали страните ги надминале клучните пречки за договор.

Иран и САД ги повлекоа црвените линии, мирот на Блискиот Исток виси на конец: Што предложи Техеран?

„За нешто се договоривме, за нешто не“

Аракчи ги опиша разговорите како едни од посериозните што Иран ги водел со САД, изјавувајќи за државната телевизија дека е постигнат договор за одредени прашања, но дека остануваат разлики околу други. Тој најави дека следната рунда разговори ќе се одржи за помалку од една недела и нагласи дека Иран јасно го истакнал барањето за укинување на американските санкции, додека, пак, Вашингтон инсистира на длабоки отстапки од Техеран.

Американската делегација не даде непосреден коментар, но „Аксиос“ цитираше висок американски функционер кој ги оцени разговорите како „позитивни“.

Преговорите доаѓаат во време кога растат стравувањата од поширок конфликт на Блискиот Исток.

Трамп повеќепати се закани со акција доколку не се постигне договор, а американската војска ги засили своите сили во водите во близина на Иран.

Висок ирански функционер претходно изјави дека е можно да се постигне рамка за договор доколку САД ги одвојат нуклеарните прашања од останатите спорни теми, додека, пак, администрацијата на Доналд Трамп инсистира разговорите да ги опфатат и иранската балистичка ракетна програма и поддршката за вооружени групи во регионот.

„Сѐ уште постојат сериозни разлики“

По утринската рунда во Женева, оманскиот министер за надворешни работи оцени дека се разменети „креативни и позитивни идеи“, но призна дека и натаму постојат сериозни разлики.

Вашингтон смета дека Иран се обидува да дојде до капацитет за производство на нуклеарно оружје и бара целосно запирање на збогатувањето ураниум, додека Техеран тврди дека програмата му е мирољубива и сигнализира подготвеност за одредени отстапки во замена за укинување на санкциите и признавање на правото на збогатување.

Американскиот државен секретар Марко Рубио нагласи дека одбивањето на Иран да разговара за ракетната програма претставува сериозна пречка, а Трамп постави рок од 10 до 15 дена за постигнување договор, предупредувајќи на тешки последици во спротивно.

САД во јуни учествуваа во напади врз ирански нуклеарни објекти заедно со Израел и од почетокот на годината повторно го засилија военото присуство во регионот, распоредувајќи авиони и носачи на авиони.

Вашингтон ја испорача листата до Техеран: Пет клучни точки за да се избегне војна

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот