Иран и САД ги повлекоа црвените линии, мирот на Блискиот Исток виси на конец: Што предложи Техеран?
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи изјави дека правото на Техеран на нуклеарна енергија за мирољубиви цели мора да биде признаено и дека санкциите треба да бидат укинати.
САД и Иран би можеле да постигнат рамка за договор доколку Вашингтон ги раздвои „нуклеарните и ненуклеарните прашања“, изјави висок ирански функционер за „Ројтерс“, додавајќи дека преостанатите разлики треба да се намалат во текот на третата рунда разговори што се одржува денеска во Женева. Преговорите биле интензивни и сериозни, вели функционерот, кој зборувал под услов на анонимност.
Препорачано
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи изјави дека правото на Техеран на нуклеарна енергија за мирољубиви цели мора да биде признаено и дека санкциите треба да бидат укинати.
Висок ирански функционер изјави за „Ал џазира“ дека нивниот предлог на индиректните разговори во Женева главно бил насочен кон укинување на американските санкции и адресирање на загриженоста на САД.
– Нашиот предлог за решение вклучува технички и практични насоки и податоци што докажуваат дека не сакаме нуклеарно оружје. Предлогот потврдува дека збогатувањето ураниум е суверено право на Иран и дека нуди привремено замрзнување на збогатувањето за ограничен период. Нашиот предлог во Женева не вклучува никакви идеи поврзани со нашите ракетни системи и одбранбени програми. Принципот на трајно сведување на збогатувањето на нула, демонтирање на нуклеарните постројки и пренесување на залихите на ураниум е целосно отфрлен – изјави функционерот.
Функционерот за „Ал џазира“ нагласи дека предлогот предвидува намалување на резервите на ураниум на ниско ниво на збогатување под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), како и елемент на постигнување „заеднички интереси, особено во економската димензија“.
– Нашиот предлог во Женева е политички сериозен и технички креативен и ги содржи сите елементи потребни за веднаш да се постигне договор – додаде тој.
Иран и САД водат индиректни разговори во Женева околу нивниот долгогодишен нуклеарен спор за да се избегне конфликт, откако американскиот претседател Доналд Трамп нареди масовно воено засилување во регионот.
Вашингтон, кој тврди дека Иран се стреми кон способност за изработка на нуклеарна бомба, одамна настојува преговорите да се поврзат и со други прашања, вклучително и со иранскиот ракетен арсенал и со поддршката на вооружени групи во регионот.
Техеран, пак, тврди дека неговата нуклеарна програма е мирољубива, прифаќа во принцип ограничувања во замена за укинување на санкциите, но одбива разговорите да се врзуваат со други теми.
„Ројтерс“ во неделата објави дека Техеран нуди нови, нејасно дефинирани отстапки во замена за укинување на санкциите и признавање на правото на збогатување ураниум, а Иран претходно во четвртокот најави флексибилност во разговорите.
„Балистичките ракети се голем проблем“
Американскиот државен секретар Марко Рубио во средата оцени дека одбивањето на Иран да отвори разговори за својата балистичка ракетна програма претставува сериозна пречка во преговорите, нагласувајќи дека тие ракети, според Вашингтон, претставуваат закана за регионалната стабилност.
Од Техеран, пак, порачуваат дека разговорите ќе се водат исклучиво за нуклеарната програма и за укинувањето на санкциите, при што најавуваат подготвеност за сериозен и флексибилен пристап. Индиректните преговори ги водат американскиот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер со иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, додека претседателот Доналд Трамп порача дека преферира дипломатија, но нема да дозволи Иран да се стекне со нуклеарно оружје.
Во исто време, засиленото американско воено присуство во регионот – со носачи на авиони и распоредување борбени авиони – ги засили стравувањата од поширок судир, особено по минатогодишните напади врз ирански нуклеарни цели и заканите на Техеран со одмазда.
Кои се петте барања на САД?
Американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер ги презентирале петте клучни барања на САД за време на преговорите:
- Гаснење и демонтажа на сите три главни нуклеарни постројки: Фордо, Натанз и Исфахан.
- Предавање на целокупниот збогатен ураниум на САД.
- Договорот да биде траен, без временско ограничување.
- Забрана за збогатување ураниум (дозволена работа само на медицинскиот реактор во Техеран).
- Само минимално ублажување на санкциите веднаш, со можност за дополнително олеснување доколку Иран долгорочно го почитува договорот.
Посредникот Оман изрази надеж дека Иран и САД ќе постигнат поголем напредок на разговорите во четвртокот, откако биле разменети „позитивни и креативни идеи“, и покрај загриженоста на САД за иранската балистичка ракетна програма.
Оманскиот министер за надворешни работи, Сајид Бадр Албусаиди, соопшти дека преговарачите направиле пауза откако третата рунда разговори започнала во утрината и дека тие ќе продолжат подоцна во текот на денот.
Вашингтон ја испорача листата до Техеран: Пет клучни точки за да се избегне војна


