Вашингтон ја испорача листата до Техеран: Пет клучни точки за да се избегне војна

Соединетите Американски Држави влегуваат во преговорите за иранската нуклеарна програма со многу строги барања. Вашингтон и Техеран се уште се далеку од договор што би спречил војна, пишува „Волстрит журнал“.

Според медиумот, американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер започнаа клучна рунда разговори во Женева под силен притисок од „јастребите“ во администрацијата и републиканците во Конгресот да не се согласат со договор што би можел да се протолкува како отстапка за Иран.

Ова се петте клучни барања:

  • Гасење и демонтажа на сите три главни нуклеарни постројки: Фордо, Натанз и Исфахан.

  • Предавање на целокупниот збогатен ураниум на САД.

  • Договорот да биде траен, без временско ограничување.

  • Забрана за збогатување ураниум (дозволена работа само на медицинскиот реактор во Техеран).

  • Само минимално ублажување на санкциите веднаш, со можност за дополнително олеснување доколку Иран долгорочно го почитува договорот.

Барање за демонтирање на централите и предавање на збогатениот ураниум

Според Волстрит журнал, американските преговарачи требало јасно да стават до знаење дека Иран мора да ги демонтира своите три главни нуклеарни објекти и тоа во Фордо, Натанц и Исфахан и да им го предаде целиот преостанат збогатен ураниум на Соединетите Американски Држави.

Вашингтон, исто така, инсистира дека евентуалниот нуклеарен договор мора да трае трајно, без временско ограничување, за разлика од договорот постигнат за време на администрацијата на Барак Обама, кој предвидуваше постепено укинување на ограничувањата. Републиканците со години го нарекуваа договорот премногу слаб. За време на неговиот прв мандат, Трамп се повлече од тој договор, познат како Заеднички сеопфатен план за акција (JCPOA), и повторно воведе строги санкции врз Иран.

Барањата на САД доаѓаат откако Трамп предупреди во своето обраќање за состојбата на нацијата завчера дека Иран продолжува да развива нуклеарно оружје и балистички ракети што би можеле да стигнат до САД, обвинувања што Техеран ги негира.

Закани за воен удар и концентрација на сили

Барањата би можеле да бидат тешки за прифаќање од страна на Техеран во време кога двете страни се обидуваат да најдат дипломатска алтернатива на американскиот напад. Трамп се закани со воена акција доколку не се постигне договор и концентрираше значајни сили во близина на Иран, вклучувајќи два носачи на авиони, напредни борбени авиони, уништувачи и противракетни системи.

Иран изјави дека ќе го смета секој напад, дури и ограничен, како повод за сеопфатен одговор.

„Ова би можело да биде последната шанса за постигнување договор“, рече Саид Голкар, вонреден професор на Универзитетот во Тенеси во Чатануга и експерт за иранската војска.

„Ако тоа не функционира, САД ќе користат воени средства за да го решат она што не можат да го решат со дипломатија – додаде тој.

Иран нуди отстапки, но инсистира на збогатување

Иран инсистира на правото да збогатува ураниум, но нуди предлози за да се обиде да го смири Вашингтон. Тие вклучуваат намалување на нивото на збогатување од сегашните 60% на 1,5%, привремено суспендирање на збогатувањето за неколку години или повторна обработка во рамките на арапско-ирански конзорциум со седиште во Иран.

Дискусиите засега се хипотетички бидејќи нуклеарната програма на Иран беше во голема мера уништена во 12-дневната војна со Израел и САД минатиот јуни.

САД инсистираат на нула збогатување, но американските претставници велат дека преговарачкиот тим би можел да му дозволи на Иран да го рестартира реакторот во Техеран кој би користел многу ниско збогатен ураниум за медицински цели.

Внатрешни притисоци

И таквата отстапка се соочува со силен отпор од јастребите во администрацијата и меѓу републиканските пратеници. Некои функционери и пратеници се загрижени и за содржината и за перцепцијата дека Трамп би можел да прифати договор со ограничено збогатување.

Републиканскиот сенатор Линдзи Греам, близок сојузник на Трамп, вчера изјави дека ако Иран размислува да продолжи со многу мало збогатување на ураниум за да го спаси угледот, тоа за неа и Америка е недозволиво во целост.

Санкции, ракети и регионални милиции

Соединетите Американски Држави нудат само минимално олеснување од санкциите како дел од договорот, што е дополнителна точка на спор бидејќи Иран очекува многу поголемо олеснување за својата оптоварена економија, чии слабости предизвикаа масовни антирежимски протести претходно оваа година.

Американските претставници велат дека Вашингтон прво сака да види долгорочно почитување на договорот, пред да разгледа дополнително олеснување од санкциите и други бенефиции.

Предупредувања за балистички ракети

Високи американски претставници изразија загриженост дека Иран развива балистички ракети со поголем дострел, но не дадоа дополнителни детали.

„Нема да шпекулирам колку далеку стигнале, но многу е јасно дека се обидуваат да развијат интерконтинентални балистички ракети“, изјави Марко Рубио пред новинарите во средата.

„И инсистирањето на Иран воопшто да не дискутира за балистичките ракети е голем, голем проблем – додаде тој.

Според „Волстрит журнал“, разликите меѓу Вашингтон и Техеран остануваат длабоки, а влоговите се високи, бидејќи неуспехот на преговорите ја зголемува веројатноста за директен воен конфликт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот