Им се расипал апаратот во СОЗР, па не издавале фискални сметки за трошењето во бифеата
Државниот завод за ревизија изврши ревизија за работењето на Службата за општи и заеднички работи на Владата за 2024 година. Во неа пишува дека од извршените услуги во угостителските објекти (ресторани и бифеа со кои управува Службата) во текот на 2024 година остварени се приходи наплатени во готово во износ од 1 милион 116 илјади денари. Но, ревизорите забележале дека уплатениот дневен пазар во одредени периоди од годината е со значително низок износ.
Препорачано
Од страна на надлежните лица во Службата дадено е образложение дека поради прекин во одржувањето на фискалната апаратура, за месец јуни не се издавани ниту фискални сметки, ниту парагон блокови за остварен промет во готово. Наведената состојба не е во согласност со член 12 од Законот за регистрирање на готовински плаќања, во кој уредено е дека во случаите кога е потребен ремонт или поправка на фискалната апаратура, а обврзникот не е должен да поседува резервен фискален систем на опрема, даночниот обврзник е должен за извршениот промет на добра и услуги да издава парагон блок и да води итна сметководствена книга заверени од Управата за јавни приходи, констатира Државниот ревизор.
Во врска со рестораните и бифеата под СОЗР, ревизорот констатирал и дека паричните средства од дневниот пазар не се уплаќаат редовно на сметката на Службата, односно уплатата во корист на трезорската сметката на Службата се врши со задоцнување од неколку месеци, а исто така има и уплати на дневен пазар кој потекнува од 2023 година.
По извршениот попис за 2024 година, утврдена е разлика помеѓу сметководствената и фактичката состојба на залихите на прехранбени производи во главниот магацин, во износ од 4 милиони 187 илјади денари без предложени мерки за решавање на состојбите, пишува во извештајот на ревизорот.
Исто така се констатира дека големиот број на ангажирани лица во СОЗР преку приватни агенции за вработување, на определено време и со договор на дело за вршење на дејноста на СОЗР, влијае на континуираното обезбедување на услуги за други институции.
Утврдено е дека 92 проценти од вредноста на опремата е отпишана што укажува дека СОЗР располага со стара опрема.
Евидентирани се 865 пумпи за вода и 18 генератори од кои мал дел се наоѓаат во СОЗР. Опремата е набавена во 2016 година за справување со поплавите во село Стајковци за што се потрошени 19 милиони 592 илјади денари, најголем дел се дадени на Министерството за одбрана – АРМ, дел на општините Шуто Оризари, Аеродром, Илинден, Арачиново без да биде поткрепено со соодветна документација.
Во последните три тендери за набавка на автомобили учествувал само еден понудувач
Во однос на воспоставената пракса СОЗР да обезбедува службени возила од висока класа за повеќе институции по пат на лизинг, ревизорот укажува дека недостасуваат процедури или упатства со кои ќе се уреди планирањето на потребата од набавка на возила.
Не се обезбедени информации од институциите дали во меѓувреме се сменила потребата за натамошно обезбедување со возило по пат на лизинг, односно дали за набавката постои реална потреба. Нема пракса да се врши детална и сеопфатна анализа на економската оправданост од лизингот, односно да се земат предвид сите трошоци во однос на користа која произлегува од истиот или анализа на трошоците и бенефитите. Постои потреба од уредување на постапката за подготовка на техничка спецификација со цел обезбедување конкуренција меѓу економските оператори од причина што во последните три постапки за јавна набавка учествува само еден понудувач. Со договорите за лизинг се обезбедуваат 45 возила за што секоја година се одлева висок износ на средства од буџетот на државата, пишува во извештајот.
На 31 декември 2024 во магацинот „Етно село“ ревизорите нашле залиха на килими набавени во минати години во вкупен износ од 3 милиони 11 илјади денари кои треба да се евидентираат како основни средства и на истите да се пресметува амортизација согласно пропишаните стапки.
Во текот на 2021 година Службата за општи и заеднички работи има спроведено набавка на услуги „физичко обезбедување на објектите на државната управа“, по која е склучен договор во вкупен износ од 198 милиони 237 илјади денари со вклучен ДДВ, по кој во 2024 година исплатени се средства во износ од 47 милиони 710 илјади денари.
Со увид во расположливата документација ревизорот утврдил дека условите за агенцијата за обезбедување да може да ја докаже својата техничка и професионална способност се ограничувачки.


