Илјадници кандидати: Сер Дејвид Атенборо, папата, СЗО и НАТО номинирани за Нобел
Сер Дејвид Атенборо, СЗО, како и белоруската дисидентка Свјатлана Цихановскаја, добиле поддршка и од норвешките пратеници, кои традиционално го „погодуваат“ добитникот на наградата
Британскиот презентер сер Дејвид Атенборо, папата Франциско и Светската здравствена организација се најзвучните имиња меѓу лицата и организациите кандидирани за годинешната Нобелова награда за мир.
Препорачано
Сер Дејвид Атенборо, СЗО, како и белоруската дисидентка Свјатлана Цихановскаја, добиле поддршка и од норвешките пратеници, кои традиционално го „погодуваат“ добитникот на наградата. Сите лауреати во изминатите осум години, освен во 2019 година, биле предложени од норвешките пратеници. Изборот го прави Норвешкиот нобелов комитет, кој во септември прво го стеснува списокот со илјадниците лица и организации, номинирани од пратеници и од поранешни лауреати, а потоа го избира и лауреатот, чие име се чува во строга тајност до официјалното објавување во октомври.
Покрај папата, номинирани се и рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој сега е во затвор, како и Сајмон Кофе, шефот на дипломатијата на пацифичката земја Тувалу, кој на самитот КОП26 се обрати стоејќи до колена во море, за да укаже на реалната закана од климатските промени. Меѓу организациите предложени за Нобеловата награда за мир се НАТО, мјанмарската Влада на национално единство, формирана од противниците на ланскиот воен пуч, Меѓународниот кривичен суд во Хаг, порталот Викиликс и Челси Менинг, хуманитарната организација КАРЕ, како и Арктичкиот совет.
Од сите потврдени имиња на номинираните, сер Дејвид Атенборо е меѓу ретките што не носи „политички товар“. Авторот на телевизиските серии посветени на убавината на природата и на нејзиното зачувување, како „Живот на Земјата и „Сината планета“, 95-годишниот британски актер е номиран заедно со Меѓувладината научно-политичка платформа за биодиверзитет и екосистеми поради „нивните напори да информираат и да ја заштитат разновидноста на природата како основа за одржливи и мирољубиви општества“. Папата Франциско е номиниран поради „напорите да помогне да се надмине климатската криза“, како и поради „работењето за мир и помирување“.


