Илина Арсова - Фото: Приватна архива

Илина Арсова искрено за тешките моменти: Се радувавме на едно обично топло какао

Алпинистка и уметница Илина Арсова на емотивен начин ја раскажа својата животна приказна и најдлабоките размислувања.
Во подкастот „Смисла“, таа зборуваше за балансот помеѓу амбицијата и внатрешниот мир, како и за вредностите кои современиот човек ги губи во секојдневниот конформантен живот.
Низ разговорот, таа се осврна на нејзиниот претстој во Америка каде што беше на докторски студии.

„Во Америка бев во многу компетитивна средина… да си велам ете, да си ги деградирам сопствените достигнувања, успеси, да се чувствувам несигурно, да мислам дека требало повеќе, да мислам дека не сум направила доволно и така натаму. Убаво е да сонуваме и повисоко и колку можеме и така натаму, но сепак да биде тоа со мерка и да биде, по мене, етички е многу битно. Да не газиме пред други, ниту пак природата да не ја загрозуваме со нашата активност.“

Според Арсова, искуството на планинарењето и соочувањето со суровите услови има моќ целосно да го преобликува карактерот на човекот и да го научи на суштинска скромност.

„Епа тоа води и кон скромноста којашто ја спомнав за планините. Затоа што, дали ќе бидеме ние скромни во амбициите или ќе бидеме скромни во животот, сепак тоа се можеби две различни работи, но дека планината нам нѐ учи на скромност, тоа е дефинитивно – барем кај мене. Сите луѓе кои во денешно време живеат во цивилизација и имаат контролирани услови на температура, неограничена струја, топла вода и така натаму, фрижидер помалку-повеќе колку бил полн или не… Ние кога сме на планина го немаме тоа, немаме ништо од тоа. Тоа ме навраќа на детството кога сум умеела да се израдувам на една пчеличка, на една бубамара, на едно цвеќенце. Истото тоа се случува во планината.“

Таа пластично го доловува тој судир на двата света преку едноставен пример – како обичното топло какао добива сосема поинаква вредност на големи височини во споредба со урбаниот живот.

„Вие кога ќе се симнете од некоја висина на базниот камп во некакви најбазични услови, топло какао – некое прашак какао – мислам тоа веројатно тука не би се ни напиле од тој пијалак, но таму толку ќе ви дојде тоа слатко, само затоа што го немаме. И учиме… учиме на вредности кои се посуштински според мене, односно вредности кои се поблиску до природата. Проблемот што го гледам јас во денешното општество, не само кај нас, туку и во целиот свет, е таа апатија што доаѓа кај народот. А таа апатија доаѓа затоа што ние сме исто така и премногу оддалечени веќе од природата“, рече Арсова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот