Иџет Мемети не го познавал Боро Стојчев – тврди дека не направил ништо незаконско

Никогаш не сум го видел, ниту го познавам – ова го вели второосомничениот во аферата за примање поткуп од 10 илјади евра, Иџет Мемети за Боро Стојчев. Мемети утре ќе оди во Кривичен суд, пред судија на истражна постапка, во врска со барањето на Обвинителството да му се изречат мерки на претпазливост. Тој вели дека не е вмешан во овој случај.

„Во овој момент, не само што мислам, убеден сум дека не е коректно да зборувам повеќе за овој процес, бидејќи тоа треба да се остави на органите на правдата, кои на професионален начин ќе ја водат истрагата до крај. Имам целосна доверба во властите, но морално и за мене е многу важно да ве информирам вам и јавноста дека со најголема одговорност изјавувам дека не сум направил ништо незаконско. Тоа ќе биде потврдено во текот на постапката“, вели Иџет Мемети.

Првоосомничениот, судијата Наке Георгиев е приведен. Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми на вчерашната седница ги информираше колегите за кривичната постапка покрената против Георгиев, за неговото суспендирање, преземените активности и соработката со надлежните институции во врска со случајот. Обвинителството се сомнева дека двајцата правосудни функционери ветиле поблаги мерки за Стојчев, обвинет во случајот познат како Чибук, за шверц на марихуана а за возврат да присвојат 10.000 евра.

Адвокатот на врховниот судија Наке Георгиев на кој му е одреден 30-дневен притвор во врска со случајот во кој беше фатен со 10.000 евра, поднесе жалба. Во жалбата што бранителот на Георгиев ја поднел до кривичниот совет навел повеќе аргументи меѓу кои и тоа дека Георгиев не требало да добие притвор затоа што ниту за обвинителството не постоела опасност дека ќе избега. Најстрогата мерка врховниот судија ја добил поради другите два законски основи, влијание врз сведоци и повторување на делото.

Адвокатот Тумановски смета дека не може да стане збор ниту за опасност од повторување на делотото затоа што Судскиот совет го суспендираше Георгиев од работното место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот