Иднината на Реал Мадрид само што не почнала

Сантјаго Бернабеу / Фото Слободен печат/ Милорад Стојмановски

Молкот од трибините го нарушуваат „криковите“ на крановите, челични конструкции како добри бекови го покриваа едниот 16-ник, а зад еден од головите, наместо фоторепортери, имаше песок.

Зарем се сомневаше некој дека претседателот на Реал Мадрид, градежниот магнат Флорентино Перес, нема и од стадионот „Сантјаго Бернабеу“ да направи она што го направи од фудбалскиот клуб – модел како се гради успех.

„Поставка полна со емоции што ќе ја дефинира иднината на Реал Мадрид, најголемиот стадион во светот“, рече неодамна Перес по повод реконструкцијата на огништето на „кралскиот клуб“.

Сантјаго Бернабеу / Фото Слободен печат/ Милорад Стојмановски

Време е брендот Реал Мадрид да се надгради и со брендот Естадио „Сантјаго Бернабеу“, одлучи управата пред една деценија. Да се изгради нова фабрика за пари која зад себе како придвижувач на „машините“ ќе ги има популарните „галактикоси“. „Вонземјани“ според бројките од нивните договори во евра, на кои им прилега – футуристички дом.

„Слободен печат“ го посети градилиштето „Сантјаго Бернабеу“ во Мадрид. Токму во викендот кога Реал му гостуваше на големиот ривал Барселона. Молкот од трибините го нарушуваа „криковите“ на крановите од четирите страни на „стадионот што му припаѓа на светот како наследство“ (еден од слоганите на клубот). Челични конструкции како добри бекови го покриваа едниот шеснаесетник, а зад еден од головите на кои царува Куртоа, наместо фоторепортери, имаше песок.

Кај и да е, ќе го биде

Стадион што постојано ќе се трансформира и што ќе биде новата гордост на Мадрид. Покрај подвижниот покрив, и теренот ќе биде променлив и подвижен, и нема да биде само зелен. По урнекот на мултинаменските арени во САД, ќе се организираат не само спортски, туку и комерцијални настани, концерти и слично. Фасадата однадвор ќе ја краси ЛЕД-осветлување со бои што ќе се прелеваат, а на четириаголниот покрив ќе го пишува името на клубот. Капацитетот на стадионот од сегашните 81.000 посетители ќе се зголеми на 85.000, а и седиштата ќе се прошират од 45 на 55 см. Безбедноста, удобноста, но и забавата на тие што плаќаат скапи билети е приоритет. Ако заврне, за само 15 минути ќе може да се затвори покривот.

Некогашните бусени со трева во својот „корен“ сега имаат челик. Со посебен механизам блоковите со трева од игралиштето долго 105 и широко 68 метри, лизгајќи се по шини на крајот ќе се преклопуваат еден врз друг и спакувани ќе се спуштат во магацин под теренот. Ќе се емитуваат рекламни и други пораки со т.н. „360 степени“ видеомаркер. За подобра интерактивност на публиката се нуди и дигитализацијата и на аудиовизуелните погодности, кои преку апликација ќе бидат достапни на мобилните телефони на гледачите во стадионот.

Најмногу промени има кај источната трибина, на која ѝ беа урнати носечките столбови. До објектот ќе никнат урбан парк и плоштад, со пешачка зона. По реновирањето, „Сантјаго Бернабеу“ ќе добие 3.000 дополнителни содржини, на простор од 66.700 м2, со нови деловни и простории за забава. И плежр и бизнис, нели? Клубот живее од продажба на својот бренд. И тоа богато, како што му прилега на „кралски“ клуб, кој наскоро ќе добие и спортски „дворец“.

Сантјаго Бернабеу / Фото Слободен печат/ Милорад Стојмановски

Според сегашното темпо на изградба, очекувањата се дека „лентата ќе се сече“ на почетокот на наредната фудбалска сезона или барем до крајот на 2023 година. Почетната предвидена цена на чинење за обновата на „Сантјаго Бернабеу“ од нешто повеќе од половина милијарда евра скокна на речиси една милијарда. Но, Реал Мадрид не би бил најголемиот, ако и тоа не го вкалкулирал однапред. Пред неполна година потпиша договор со инвестицискиот фонд „Сикст стрит“ и со „Леџендс хоспиталити“ – компанија со врвни искуства за организирање спортски и други настани. Од нив, како дел од долгорочното партнерство, Реал ќе добива приближно 360 милиони евра годишно во наредните две децении. „Сикст стрит“ стекнува право да учествува во одредени нови бизниси на клубот, а „Леџендс“ ќе го оптимизира управувањето со стадионот преку организирање повеќе настани. Бравурите на Лука Модриќ и Карим Бензема нема да бидат единствените „магнети“ за белосветската публика. Таква моќ во иднина ќе имаат и долгите нозе на Бијонсе, на пример, покрај моќниот вокал.

Според најавите, најголемите светски ѕвезди ќе имаат настапи на реновираниот стадион, кој ќе се користи и како сала, а во план се и НБА и тениски мечеви, па дури и натпревари во американски фудбал. Со голем број нови комерцијални објекти – ресторани, барови, бутици, хотел – новиот стадион ќе стане составен дел од светот на спортскиот туризам. И досега „Сантјаго Бернабеу“ им конкурираше на мадридските лендмаркови – кралскиот дворец и музеите Прадо и Реина Софија, во кои се изложени ремек-дела на шпански и на светски ренесансни сликари и кубисти.

Сантјаго Бернабеу / Фото Слободен печат/ Милорад Стојмановски

Пари ли се?

Реал Мадрид во рамките на стариот стадион отвори музеј уште во 1999 година, кој досега оствари 15 милиони посети. И деновиве, и покрај изградбата, не запираат прошетките на туристите и навивачите на „лос бланкос“. За 21 евро колку што чини влезницата (или 18 евра, ако се купи онлајн), ви се овозможува посета на музејот и на стадионот однатре. Приходите од посетите на клупскиот музеј и од продажбата на спортската и навивачка опрема, како и разни сувенири со логото на клубот, се многу значајни за да се затворат вратите на овој финансиски инпут за клубот и во време на доградба на објектот.

Импровизираниот влез за посетителите, покрај тарабите и заштитните огради, е на капијата, или гејтот под број 55. На влезот пишува „Тура Бернабеу“. По фотографирањето на навивачите во бели дресови со последниот освоен трофеј од Лигата на шампионите – ланскиот – продолжува прошетката кон клупскиот музеј. Симнувајќи се удолу, по скалите, можат да се забележат фотографии од тимовите – освојувачи на европската титула. Во самиот музеј има повеќе простории, но најмногу се чека за фотографирање пред 14-те пехари од Купот на европски шампиони, односно од Лигата на шампиони. Тука се и националните трофеи, клупските, но и поединечните – од играчи на „кралскиот клуб“.

Сантјаго Бернабеу / Фото Слободен печат/ Милорад Стојмановски

Во посебен дел од музејот се презентира новиот стадион во неговата завршна форма. Процените се дека новиот стадион ќе привлекува и еден милион посетители годишно. При самото претставување на иднината на клубот која само што не почнала, една од илуминациите се портрети на навивачи од целиот свет. Турата завршува, се разбира, во фаншопот. На две нивоа можете да оставите многу пари. Од 10 евра за обичен приврзок до 150 евра за некој дрес со името на омилениот играч. Со вакви бројки зад секој поединечен артикл за продажба низ целиот свет, инвеститорите што се поврзуваат со брендовите Реал Мадрид ФЦ и „Сантјаго Бернабеу“ не се исплашени од долговите на клубот, кои според „Форбс“ достигнале околу 700 милиони евра! Пари ли се? Денес милиони се надоместуваат со ангажман или продажба на само еден играч со продажбата на дрес со неговото име низ целиот свет или преку онлајн нарачки.

Најтрофејниот европски клуб заслужува и најдобар стадион на светот, со нова форма и содржина. Реал Мадрид секогаш е навикнат само на најдоброто, тоа мора да го признаат и најлутите ривали. Како што е авторот на овие редови, кој е навивач – на Барселона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот