Иако му го најдоа азното скриено во дупка во ѕид, судијата Ристов може да не оди во притвор ако така реши Судскиот совет
Во законот пишува дека еден судија не може да оди во притвор без одлука на Судскиот совет, освен ако не го фатат на дело како прави кривичен прекршок за казна повисока од пет години
Откако полицијата и истражителите на ОЈО ГОКК денеска пронајдоа 350.000 евра заѕидани во отвор во ѕид во домот на родителите на судијата на скопска Апелација Ѓоко Ристов, тој може да не оди во притвор доколку Судскиот совет, кој според процедурата мора да заседава, реши да не му го симне судискиот имунитет.
Препорачано
Од Обвинителството не соопштија дека побарале притвор за судијата, кој е осомничен во случајот со поткупот од 50.000 евра кој го примил адвокатот Фехми Стафа, кој требало парите да ги проследи до судија во Апелација, а тој да го ослободи од притвор клиентот на адвокатот, Љупчо Пецов-Ѓаволот.
Според процедурите, Судскиот совет треба итно да одржи седница на која ќе ги разгледа наводите на Обвинителството и полицијата за Ристов и ќе одлучи дали на судијата ќе му се симне имунитетот кој го ужива. Во Законот за судовите (член 65), во ставот 1 пишува дека Судиите во вршењето на судиската функција уживаат имунитет, а во ставот 3:
„Судија не може да биде притворен без одобрување на Судскиот совет, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години”.
ОЈО ГОКК денеска соопшти дека бил претресен домот на родителите на Ристов во Неготино, каде во ѕид се пронајдени парите.
„Полициски службеници од Одделот за организиран и сериозен криминал, по барање на јавен обвинител од ОЈО за ГОКК а врз основа на издадена Наредба од судија на претходна постапка извршија претрес на дом и други простории на подрачје на Неготино, заради пронаоѓање на предмети кои потекнуваат од сторени Кривични дела. При претресот во соѕидан простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени“, соопшти Обвинителството.
Адвокатот и поранешен државен правобранител, Фехми Стафа, е во притвор откако во декември беше фатен со 50.000 евра – наводно половина од договорениот поткуп за кој судија во Апелација требало да го ослободи неговиот клиент, Ѓаволот.
Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница


