И Тошковски се јави од Брисел за да негира за мигрантите и Британија
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој е во Брисел на конференција, вечерва во изјава за МИА им се придружи на претставниците на државниот врв во негирањето на информацијата објавена од лондонски „Тајмс“, кој пишуваше дека македонската влада влегла во формални разговори за прифаќање мигранти кои Велика Британија ќе ги одбие за азил.
Препорачано
Тошковски вели дека власта „ниту размислува, ниту има какви било шанси да се согласи да биде центар за прифаќање на мигранти или локација за отворање мигрантски кампови“. Министерот исто така се обиде да ја обвини опозицијата за текстот на „Тајмс“.
– Во изминатиов период се крена прашина, особено од страна на опозицијата, иако тоа нема никаква врска со реалноста или логиката, дека Македонија треба да претставува некаков хаб центар или погодна почва за прифаќање на мигранти, кои не би биле прифатливи за ЕУ или за земји коишто се традиционални пријатели на Македонија, како што е Велика Британија, рече Тошковски.
Тој потенцира дека за вакво нешто ниту е размислувано, ниту е разговарано од страна на Министерството за внатрешни работи, ниту пак би било прифатливо за државата.
– Овде само би сакал да го потенцирам она што денеска го говореа и претседателката и премиерот, а претходно и министерот за надворешни работи, дека Македонија, ниту размислувала, ниту размислува, ниту има какви било шанси да прифати во иднина да биде каков било хаб центар или да отвори кампови за мигранти. Такво нешто ниту имало, ниту пак ќе има – потенцира Тошковски.
Николоски во Лондон го потпиша најголемото задолжување во независна Македонија


