И со ковид и со кашлици, луѓе со разни симптоми итаат на Пулмологија

Клиника за пулмологија/ Фото: МИА

Клиниката за пулмологија е преполна со пациенти кои на првиот и на вториот работен ден годинава со тешки кашлици за помош се обратија токму тука.

-Секогаш е вака меѓу празниците. Луѓето се опуштаат, си честитаат, се шират вируси, настинки со потешки симптоми, вели д-р Дејан Докиќ од Клиниката за пулмологија и додава дека во отсуство на ургентен центар за вакви состојби сите пациенти дури и со поблаги симптоми веднаш бараат помош на Универзитетската Клиниката за пулмологија и алергологија, а расте и бројот на новозаразени од ковид-19, додава докторот.

Од периодот пред новогодишните празници, а и по нив, расте бројот на новозаразени од ковид-19. Според податоците на ИЈЗ во периодот од 26.12.2022 заклучно со 01.01.2023 регистрирани сe 254 нови позитивни случаи од 18 градови во државата, што е за 22,7% повеќе во однос на минатата недела.

-Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, каде е регистрирана највисока инциденца, по што следуваат Кавадарци и Гевгелија. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години, а се забележува зголемување кај сите возрасни групи, со најголемо зголемување кај возрасната група од 0-9 години и 20-29 години, известува ИЈЗ.

Во оваа последна недела кога се сумирани податоците за ковид-19, нема починати лица.

Грипот зема замав и како и сериозните акутни респираторни инфекции

Во исчекување на најновиот извештај за состојбата со грипот и сличните заболувања на грип, последниот извештај од ИЈЗ за периодот до 25 декември 2022 покажува дека оваа сезона вкупниот број на случаи е 583, при што најголем број на заболени се пријавени во Тетово, а највисока кумулативна инциденца е регистрирана на територијата на Дебар.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) – 347 случаи, а највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

Според дистрибуција на случаите од сезонски грип/ заболувања слични на грип по месеци, во октомври се регистирирани 62 случаи, во ноември 82, а во декември дури 439 случаи.

Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се две починати лица асоцирани со грип, од Скопје и Штип, двете од возрасната група од 15-64 години, со регистрирани коморбидитети и невакцинирани со вакцина против сезонски грип.

Од почетокот на сезоната 2022/2023, заклучно со 51-ва недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ пристигнати се 3.229 материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти за тестирање за присуство на вирусот на грип, од рутинскиот надзор. Регистрирани се 23 позитивни случаи, 14 Influenza A/H3 и 9 Influenza A несубтипизиран.

Сентинел надзорот се спроведува како дополнување на редовниот систем за надзор над грип и КОВИД-19 во Р. С. Македонија, со цел да се добијат подетални информации во однос на инциденца, интензитет, тип на вируси кои циркулираат и за имплементација на навремени превентивни мерки.

Деца до четиригодишна возраст најранлива група

Сентинел САРИ надзорот се детектира 59 случаи на сериозни акутни респираторни инфекции, при што најголем број (35) се во Клиниката за детски болести (33) и кај возрасната група од 0-4 години.

Од вкупниот број на приеми – 175, 10 пациенти биле на интензивна нега.

Во 51-ва недела за лабораториско тестирање се доставени 17 материјали од пријавените САРИ случаи, паралелно тестирани за грип и КОВИД-19. Притоа, детектирани се 4  позитивни случаи, 3 Influenza A/H3 и еден Influenza A несубтипизиран.

Oд САРИ примероците, 5 се тестирани за респираторен синцицијален вирус, од кои еден е позитивен. Кај еден примерок е детектирано присуство на Adeno virus.

Кумулативно, за лабораториско тестирање се доставени 156 материјали од пријавените САРИ случаи.

Регистрирани се 9 позитивни случаи на грип, 5 Influenza A/H3 (од кои еден е A/H3N2), 3 Influenza A несубтипизиран и еден Influenza B.

Регистрирани се 4 позитивни случаи на КОВИД-19. Од САРИ примероците, 54 се тестирани за респираторен синцицијален вирус, од кои 35 се позитивни. Кај шест примероци е детектирано присуство на Adeno virus, а кај еден Entero virus.

Се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, кој сè уште е под неделната граница за сезонска активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца се над границата на позитивност од 10% (САРИ надзор), за прв пат оваа сезона. Согласно овие податоци, Р.С. Македонија има регионална раширеност и низок интензитет на активноста на вирусот на грип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот