И со и без „црвени линии“ мали надежи за напредок
Честопати од оваа актуелна влада сме виделе ветувања дека не се преговара за одредени прашања, но потоа токму за нив се преговарало. Најдобро ќе беше и македонското Собрание да усвои декларација и да утврди национални позиции – вели пратеникот Тимчо Муцунски.
ВМРО-ДПМНЕ и вчера ги продолжи блокадите на Скопје и на другите градови и ги казни граѓаните со огромен сообраќаен метеж, барајќи „црвените линии и македонските позиции во преговорите со Бугарија да се дефинираат во Собранието“, со образложение дека со сигурност знаат дека македонската страна ја прифатила бугарската декларација и покрај десетиците деманти од државниот врв. Премиерот Зоран Заев одново потенцираше дека разговорите со Софија се водат околу предлогот на Португалија, кој е доставен и до опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Паралелно, министрите од европските земји постојано ја повикуваат ЕУ да го исполни ветувањето Македонија да ги почне преговорите со ЕУ и последен тоа го стои германскиот шеф на дипломатијата Хајко Мас, а македонските аналитичари речиси без исклучок оценуваат дека на самитот на 22 јуни тоа нема да биде можно поради техничката влада во Софија.
Препорачано
Без надеж за пробив во јуни
Поранешниот амбасадор Благој Зашов моментната ситуација ја оценува како тешка и не очекува пробив во евроинтеграциите на претстојниот самит на ЕУ, а за следниот во декември вели дека би било можно доколку се вклучат европски посредници.
– По изборите со следната бугарска влада би можело да се најде решение, со помош на земјите членки на ЕУ и без да се врши притисок на Бугарија. Балканот мора да се приклучи кон ЕУ, тоа не е проширување на Унијата, туку природно вклопување на последниот регион што остана надвор. Ние покажуваме добра волја да се надмине проблемот, но не очекувам дека ќе попуштиме на бугарските барања за идентитетот и за потеклото на македонскиот јазик. Македонскиот јазик има свои корени, кои не се бугарски, туку е стандардизиран врз основа на дијалектни говори, од страна на државата, како и секој друг стандардизиран јазик – вели Зашов за „Слободен печат“.
Тој додава дека Бугарија денес води неправедна „војна“ со нас, во која употребува нови средства и дека тоа што не сме се договориле со Грција пред Бугарија да влезе во ЕУ, сега ни се враќа.
– Ако порано користеше воени средства, сега Бугарија сака да ја „добие“ Македонија користејќи ја својата позиција како членка на ЕУ и процедурата на одлучување со консензус. Бугарија откако ја виде разврската на спорот со Грција, очекуваше дека и таа ќе издејствува големи отстапки. Но, природата на спорот не е иста и разликите се големи. Уште во раните деведесетти во Советот на Европа во Стразбур ми беше речено дека Македонија најтешко ќе го реши проблемот со Бугарија, која ја призна државата, но поради историски и духовни причини не го призна народот и јазикот и ќе дојде ден кога тие работи ќе бидат на дневен ред – вели Зашов.
Премиерот Зоран Заев потенцираше дека предлогот на Португалија е добра појдовна основа за надминување на спорот со Бугарија.
– И Мицкоски е свесен за тоа. И сега да продуцирате вака протести е порака што никако не можам да ја разберам. Со Бугарија се разговара на секторско ниво, за изградба на железниците, патиштата, Коридорот 8 и соработката меѓу министерствата и агенциите. Тоа е патоказот за кој се разговара. Сето друго се разговара под раководство на португалското претседателство. Фокусот е реално таму заради тоа што Европа е исправена пред можноста да носи одлука на 22 јуни – рече Заев.
Германија ја поддржува С Македонија
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас завчера потенцира дека е добро што португалското претседателство со ЕУ ја држи темата високо на агендата на Унијата.
– Иднината на сите шест држави од Западниот Балкан е во ЕУ. Германија е целосно посветена на оваа цел. Ако испорачате вие, ние исто така испорачуваме. Тоа мора и во иднина да биде нашиот пристап кон проширувањето на ЕУ – рече Мас на онлајн средба со колегите од Западен Балкан.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинуваат дека Скопје ги прифатило барањата од бугарската декларација, со која се негира македонскиот идентитет. Тие бараат документот за кој преговараат премиерот Заев и специјалниот претставник Владо Бучковски да биде ставен на увид на јавноста.
– Овој протест е во форма на политичко предупредување. Од Бугарија имаме една доста предвидлива и транспарентна позиција, Бугарија останува на декларацијата усвоена во бугарскиот парламент. На сите ни е јасно кои се преговарачките позиции на Софија. Од Република Македонија имаме флоскули, имаме многу кажани зборови, многу работи ветени, но никако цврсто воспоставени национални ставови и црвени линии за што ние не сме подготвени да преговараме. Сите велиме дека тоа се идентитетот, историјата, јазикот, но често пати од оваа актуелна иста влада на СДСМ и ДУИ сме виделе ветувања дека не се преговара за одредени прашања, но потоа токму за тие се преговара. Веројатно најлогичниот след во минатото ќе беше и македонското Собрание како што бараше ВМРО-ДПМНЕ да усвои декларација и да утврди национални позиции – изјави пратеникот Тимчо Муцунски за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.
Од СДСМ обвинија дека Мицкоски доживеал дебакл на протестот е поради малиот излез од граѓаните.
– Вчерашните протести на Мицкоски беа со едвај 13 членови на ВМРО-ДПМНЕ и 14 коли, немаше никој друг. Граѓаните покажаа дека не се за блокади и саботажи, народот одамна не им верува на лагите од белиот дворец. Фактот што овие издишани протести се случуваат во период кога во тек е дипломатска офанзива за деблокирање на евроинтегративниот процес покажува дека очигледно Мицкоски чувствува страв од тоа дека државата може да направи исчекор кон ЕУ. Затоа шири лажни вести – рече пратеникот Костадин Костадинов од СДСМ.
Рама: Албанија нема да зазема страна
Албанија не зазема страна во спорот меѓу Бугарија и С Македонија, изјави завчера албанскиот премиер Еди Рама во Софија по средбата со техничкиот премиер Стефан Јанев.
– Се надеваме и ги поддржуваме двете земји да разговараат и да го решат меѓусебниот проблем. Се разбира, ЕУ прави големи напори, но тоа зависи од Бугарите и Македонците. Не можам да заземам страна, за да не се усложнат уште повеќе работи. Ние ќе ги почитуваме сите пријателски земји, Бугарија и РС Македонија треба да ги решат проблемите. Другите не можат да го заменат она што двете земји треба да го направат. Бугарија како членка на ЕУ е зрела и има сè и се сеќава кога беше во поинаква позиција – изјави Рама.


