Шилегов, Филипче Фото: Монтажа

И Шилегов и Филипче одработуваат за ВМРО-ДПМНЕ

За Шилегов постапката за негово исклучување од партијата е потврда дека актуелното раководство одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а за СДСМ изјавите на сопартиецот се „процес за одработување за ВМРО-ДПМНЕ и обид за внатрешна поделба на партијата“

Со обвинувања кој одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а на штета на СДСМ, продолжи кавгата помеѓу поранешниот градоначалник на Скопје и експратеник Петре Шилегов и лидерот на социјалдемократите Венко Филипче, откако Извршниот одбор синоќа ја почна процедурата за исклучување на Шилегов од партијата.
За Шилегов токму постапката за негово исклучување од СДСМ е потврда на неговите тврдења дека актуелното раководство на партијата договорено одработува за ВМРО-ДПМНЕ и за интересите на владејачката партија, а не за СДСМ и неговото членство. Тој истакнува дека актуелното раководство на СДСМ тоа го прави за да не биде предмет на евентуални кривични истраги.

– Кажав дека е очигледно оти постои договор што предвидува СДСМ да биде во ваква состојба во којашто е, а тоа е да ги промашува упорно темите и да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да истера два мандата, за сметка на тоа да не бидат предмет на можни евентуални истраги и кривични прогони – рече Шилегов.

Шилегов: Партијата е целосно кадровски исцрпена

Според него, се докажало и дека партијата е целосно кадровски исцрпена и луѓето на кои им значи СДСМ, а се, како што кажа, сериозен фактор во државата, веќе не се таму.
Шилегов тврди дека иницијативата за негово исклучување од партијата е спротивна на партискиот Статут.

– Ако го прочитате Статутот, а таму во Извршниот одбор очигледно нема кој да го прочита, тогаш ќе им биде јасно дека исклучувањето член на СДСМ го извршува општинската организација каде што припаѓа, во која претседателот Филипче првпат влезе кога беше избран за претседател – рече Шилегов.

Тој го повика Филипче, ако сака, да спроведе иницијатива за негово исклучување, да дојде во општинската организацијата на СДСМ во Карпош за да разговараат со членството за кое рече дека ќе се потруди да биде многубројно – како за неговото исклучување, така и за заминувањето на Филипче.

– Во однос на тоа дека „тој завршил со Петре Шилегов“, јас нема да дозволам она што го имам направено во својот живот професионално, но уште повеќе политички, она што го имам направено за СДСМ и сè уште го правам, да го валка човек што е нестатутарно избран за претседател – нагласува е Шилегов.

Прашан што планира и како ќе дејствува, тој рече дека веќе најавил.

– Платформата продолжува, стратегијата се развива. Ќе го замолам ова раководство на СДСМ да си замине, да ја ослободи партијата. СДСМ е партија што ја има создадено независна Македонија, партија на илјадници и илјадници истакнати луѓе. СДСМ не е сопственост на една групација, па со неа да се пазарат за својата слобода – рече Шилегов.

Според него, иницијативата за негово исклучување е очигледна тенденција да се забрани јавно да се зборува во СДСМ.

– Како може да биде грев да барате оставка од претседател што партијата ја направи петта во Скопје, трета во Куманово, трета во Велес, во Штип, во Битола, во Прилеп и потоа да ве убедува дека некој друг одработува за ВМРО, очигледно доведувајќи ја партијата до праг на опстанок – рече експратеникот на СДСМ.

Тој реагира по одлуката на Извршниот одбор на СДСМ да иницира постапка за негово исклучување од членството на партијата, откако тој во телевизиско гостување најави дека наскоро поголема група социјалдемократи ќе побара оставка од актуелното раководство.

СДСМ: Шилегов е уценет 

Филипче, пак, на прес-конференција дообјасни дека одлуката за исклучување на Шилегов од партијата е донесена со консензус откако по нивни проверки и информации, заклучиле дека станува збор за „процес за одработување за ВМРО-ДПМНЕ и обид за внатрешна поделба на партијата“.

– Точно е дека се почитувало и се слушало туѓото мислење, така е и сега, така и ќе биде понатаму. Но, тука не станува збор за туѓо и поинакво мислење поради тоа што и тоа мислење беше сослушано, туку за процес за одработување за ВМРО-ДПМНЕ и за внатрешна поделба на партијата. По сите наши проверки и информации дојдовме до тој заклучок. Извршниот одбор таа одлука ја донесе со консензус. Никој не гласаше против. Јас нема да дозволам луѓе да ја делат СДСМ понатаму, затоа што имаме работа со криминална и корумпирана власт, која ништо не може да направи за да го спречи падот на анкетите, кој е евидентен – рече Филипче.

Повикувајќи се на анкети, Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ досега немало толкав пад, додека СДСМ расте и дека затоа владејачката партија работи на поделба на СДСМ однатре, на нивно раситнување за да владеат како што сакаат.

– Ние тоа нема да го дозволиме. Таква поделба се случи во 2021 година, во 2024 – со националистичка и лажна кампања, а во 2025 година самиот Шилегов  кажа дека тој не работел за СДСМ. Има и други такви луѓе кои не работеле за СДСМ на изборите во 2025 година – рече Филипче.

Извршниот одбор на СДСМ прексиноќа донесе одлука и иницираше постапка за исклучување на Шилегов од членство на партијата.

– Шилегов е уценет и одработува за ВМРО. Ја разоткривме целата бизнис-шема на Христијан Мицкоски во енергетиката, од Адамовиќ до „Руднап“. Сега на сите им е јасно зошто толку многу сакаат да го уриваат СДСМ. ВМРО толку падна што единствената опција им остана обидот да го урне СДСМ однатре – наведе СДСМ.

Одлуката на Извршниот одбор доаѓа по серијата јавни критики што Шилегов ги упати кон актуелното раководство и по барањето Филипче да поднесе оставка од функцијата претседател на партијата.

На Филипче не му подготвуваат пуч, но спас му нема!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот