Фото: Бојан Шашевски / „Слободен печат“

И по 30 години остана енигма чија мета беше Глигоров

Локалните избори го одложија одбележувањето на 30-годишнината од атентатот на првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров, па сега експерти, професори, разузнавачи и политичари седнаа во амфитеатарот на Филозофскиот факултет во Скопје да потсетат на обидот за убиство на врховниот командант на АРМ, како и репризно да отворат прашања кои беа мотивите, можните нарачатели, но и дали можеше да биде превениран атентатот.

Атентатот (во 1995 година) беше примен со големо изненадување во домашната и во меѓународната јавност. Затоа што, претседателот Киро Глигоров уживаше голем углед поради неговите напори во конституирањето и меѓународното признавање на Република Македонија, по нејзиното осамостојување во 1991 година, посочија од иницијативниот одбор на конференцијата „Триесет години од атентатот врз Киро Глигоров, претседателот на Република Македонија и врховен командант на АРМ“.

Долгогодишниот новинар, коментатор и поранешен професор во Штип, Љубомир Гајдов, се осврна на записите на професорот по уставно право Светомир Шкариќ.

– Тој кажа дека првпат во историјата на државата и на правото, колективниот орган на Владата на Бранко Црвенковски ја презема вината на министерот Љубомир Фрчковски. Второ, во историја и теорија на правото, не постои институт „понуда на оставка“, туку оставка или неоставка. За жал, за 30 години државата не успеа ниту да го превенира атентатот, ниту да открие кој го направи тоа. Последиците беа сериозни. Македонија што живееше мирен живот, доживеа време на турбуленција и растурање на коалицијата што ги доби изборите во 1994 година – посочи Гајдов.

Според Гроздан Цветковски, разузнавач и експерт од областа на безбедноста, институциите на системот и тогаш, ама и денес, се нефункционални. Атентатот на Глигоров го карактеризира како политички и терористички чин.

– Останаа повеќе отворени прашања, меѓу кои идентитетот на извршителот и дали пропустите во истрагата биле намерни или не. Ништо ново не откри ниту автобиографската книга „Атентат – ден потоа“. Со текот на сите овие 30 години, настанот е нерешен, одеше во заборав и постепено добиваше пејоративна конотација на конспирацијата, заснована на предрасуди и недоволно докази – нагласи тој.

Фото: Бојан Шашевски / „Слободен печат“

Правникот, поранешен судија и државен јавен обвинител на Македонија Ставре Џиков, кој прв го испрашуваше Глигоров по атентатот, во видео-обраќање кажа дека обидот за убиството го проучувал од два аспекта: што се случило во 1995, па до неговото доаѓање на обвинителското столче во 1999 година. За тоа има напишано и неколку книги.

– Тоа беше предмет, повеќе од скромен, во однос на евидентирање на атентатот на Глигоров. Второ, беше во согласност со министрите Трајанов, Димовска, Бошковски. Тогаш направив и личен увид на полициската и криминалистичка истрага. Утврдив дека сѐ што се правело оперативно, се сведува само на службени белешки од распит на граѓани и во однос на тактичко-технички проверки на терен (…). Тоа беше корисно, но не и доволно. Значи, до 1999 година не се откри кои се сторителите и нарачателите. Ја заокружив анализата, па му се јавив на Киро Глигоров, тогаш активен претседател – кажа Џиков.

Иако жртва на атентатот, нагласи Џиков, Глигоров дотогаш не бил испрашан. Активно се вратил на работа, направил анализа кој што му кажал, но секогаш бил незадоволен од работата на министерот за внатрешни работа и на претходниот јавен обвинител.

На конференцијата присуствуваше и Павле Трајанов, прв човек на МВР меѓу 1998-1999 година. Ексминистерот пред новинарите отвори нови прашања за атентатот, случен во состојба на сложен политички амбиент. Околу сторителот или сторителите на атентатот, тој пред новинарите ја отфрли тезата дека се вмешани криминални и бизнис-групации, туку, дополни Трајанов, станува збор за „промена на правецот на движење на Република Македонија“.

Фото: Бојан Шашевски / „Слободен печат“

Инаку, нападот над претседателот се случи на 3 октомври 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движеше од резиденцијата на работното место во Собранието. Бомбата, поставена во автомобил „ами 8“, била активирана со далечински управувач кога автомобилот на претседателот минувал покрај неа. Од силината на експлозијата, „ситроенот“ бил целосно распарчен, а делови од возилото се разлетале наоколу. Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот