Скопје, огномети за Нова година 2019/20 година / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

И годинава ќе се празнува со огномети, Град Скопје не бил надлежен за нивна забрана

Иницијативата на „Зелен хуман град“ со која се бара забрана на огнометите, не доби зелено светло од советниците во Советот на Градот на последната седница откако градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја отфрли со објаснување дека Советот и Град Скопје се ненадлежни да постапуваат во врска со огнометите, затоа што за тоа е одговорно Министерството за внатрешни работи.

Ние како Град Скопје не даваме согласност за постапување со огномети, напротив постапува МВР ако неправилно се користат огномети. Ако ја глаасаме ваквата иницијатива тоа му доаѓа како да гласаме против абортуси. Ние немаме надлежност – рече Ѓорѓиевски.

Од ЗХГ велат дека од друга страна Општина Кавадарци на почетокот на декември донела одлука годинава да ги слави празниците без огномет.

Ако не, Советот на Кавадарци како понадлежен да донесе иста одлука и за Скопје? Иако во иницијативата доставена до Советот на Град Скопје беше експлицитно наведена надлежноста според Закон за Град Скопје во чијшто член 10 е прецизирана обврската што нашата локална самоуправа ја има да ги заштити водата, почвата, воздухот, да спречи нивно загадување, да спречи бучава, за градоначалникот таа надлежност не постои?! Неговото образложение беше дека МВР спречувале неовластено користење огномети – велат од граѓанската иницијатива.

Оттаму потсетуваат дека МВР исто така се надлежни за неовластено палење отпад и загрозување на животната средина со неовластено одлагање отпад, па тоа не ја намалува обврската и надлежноста на Градот да собира отпад и во својата одлука за комунален ред да уредува начини за негово прописно одлагање. Ако Градот забрани на својата територија кој било да користи огномети, петарди и останати експлозивни материи, како што велат од ЗХГ, тоа не одзема од надлежноста на МВР.

Од Зелен хуман град сметаат дека доколку мнозинството во Советот ја прифатеше Иницијативата, тоа ќе беше јасна политичка порака до партијата која ја има централната власт во момент кога подготвува измени на Законот за јавен ред и мир и веќе најавува забрана за огномет во затворен простор, да се забрани и огномет на отворено на целата територија на Македонија!

Наместо тоа, скопјани добија сигнал дека здравјето на граѓаните, ранливите групи и животните е помалку важно од политички калкулации. Детонации на секои пет минути не се празнување. Детонации на секои пет минути се вознемирување, разболување и смртни последици за животните. Тоа го знае секое семејство со дете со аутизам, секој хронично болен човек, секој граѓанин што не може да спие, секој што си го бара правото на мир и достоинство – велат од ЗХГ.

На последната седница на Советот, поднесувајќи ја иницијативата, советникот Марјан Калевски од Зелен хуман град истакна дека огнометите ослободуваат огромни количини PM2.5 и PM10, токсични гасови, како и тешки метали како што се бариум, бакар, стронциум и олово, кои ги загадуваат почвата, воздухот и водата.

Последиците директно ги погодуваат најранливите групи: деца, бремени жени, лица со астма, ХОББ и кардиоваскуларни заболувања. Научните студии покажуваат значителни скокови во загадувањето на воздухот и водата по огномети, со сериозни ефекти врз дивиот свет и луѓето – рече Калевски.

Тој објасни и дека од нив страдаат и животните и дека околу 70–75% од домашните миленици доживуваат силен страв, тресење, паника, обиди за бегство и повреди, а кај дивите животни се документирани масовни угинувaња, особено кај птици.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот