Хронично болните исплашени од ковид-19: Со петиција ја молат владата да не ги враќа на работа

Јуни 2020, Скопје / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Хронично болните пациенти со петиција ќе се обидат да ја предомислат владата во намерата да ги врати на работа, откако од почетокот на пандемијата со коронавирусот тие се ослободени од работни обврски поради препораките на Светската здравствена организација и фактот што лицата со пропратни заболувања на респираторниот и кардиоваскуларниот систем, како и оние со дијабетес, имаат поголем ризик од компликации и смртност кога би се заразиле со ковид-19.

Целта на здравствените власти, е да се спречи злоупотреба на користењето на правото на ослободување од работа, односно само оние кои навистина се хронично болни да седат дома и тоа со потврда од лекар специјалист кој ќе им издаде одобрение да користат боледување онолку долку колку што ќе процени дека е потребно за секој засебен случај. Во писмото упатено до владините претставници на кризниот штаб, хронично болните наведуваат дека не можат да дојдат до термин на специјалист кој би им издал потврда дека здравјето им се влошило, поради што бараат да им се продолжи физичкото отсуство од работа со потврди од матичне лекар до завршувањето на пандемијата со коронавирусот. Потписниците се свесни дека има бројни злоупотреби на мерката но за тоа предлагаат да се ревидираат сите ослободени хронично болни, а ако истите се лажирани, соодветно да се санкционираат.

Во барањето до владата хронично болните наведуваат дека периодот за обезбедување специјалистички прегледи им е кус, односно дека најраниот рок е за месец октомври.

,,Можеме да ви доставиме сведоштва од наши хронично болни кои не можат да дојдат до термин кај специјалист, сведошва од такви кои биле на специјалист ама тој им дал извештај дека болеста во моментот е под контрола ама без никаква друга препорака, но и такви што биле повикани од 14 септември да се вратат на работа а ако не го сторат тоа ќе им се одбие од годишниот одмор, или ќе добијат отказ”, пишува во петицијата.

-Моментално чекам на матичен лекар и одвај дишам. Владата бара сите да се вратат на работа освен оние хронично болни кај кои има влошување на состојбата и тоа да добијат потврда од специјалист, а еве јас сум пример дека термини нема. Чекам да ми го олеснат дишењето, а термин за специјалист за жал нема. Имам астма, а пулмолог во Штип за жал нема, бидејќи и тој е дома како хронично болен. Има само во Скопје и во Јасеново. Тие што нема да добијат потврда од специјалист дека им е влошена состојбата, ако владата не се премисли за донесената последна одлука, се враќаат на работа, па што биде ќе биде. Ова за нас е голема катастрофа, сите сме во паника и во страв. Доаѓа есен, сезонски грипови, што ќе правиме? Јас сум медицинска сестра и одев на работа до јули, кога морав да останам дома. Не ја злоупотребив мерката, работев цело време. Хронично болните со астма и ХООБ и вака, без присуство на вирус тешко дишат, им пречат и алергиите и загадениот воздух. Ние сме најподложни на влошување од респираторни вируси затоа што самиот вирус ги напаѓа белите дробови што кај овие пациенти и онака се со намален капацитет. Функционираме со пумпици и лекови. Се надевам дека ќе бидеме слушнати, вели за Слободен печат Билјана Рогозарска, медицинска сестра од Штип.

Адиса Фазлиоска, со астмата се бори подолго време со голема загриженост ја примила веста дека се планира лицата со хронични заболувања да почнат да одат на работа со физичко присуство.

-Со астма сум подолго време, а имам и ќеркичка која има астма и вродена срцева маана. До сега максимално внимававме сите дома, сега ако јас почнам со работа, како ќерка ми да ја заштитам од ова зло кое е на секој агол од нашето секојдневие? Се плашам за моето здравје, ама во исто време полудувам од самата помисла дека мојата ќеркичка е уште послаба од мене. Ја прашувам Комисијата за заразни болести што е со семејствата како што е моето, каде има хронично болно дете со астма и проблеми со срце или поинакви здравствени проблеми?, вели Фазлиоска.

Пациентите се прашуваат како шест месеци биле евидентирани во ризична група на граѓани и тоа во период на лето и на пролет, а сега, кога доаѓаат поладни месеци и кога ќе се затворат дома и на работните места, кога се очекува сезонски грип, повеќе не се ризични. Со слични барања за ревизија на одлуката за враќање на работа на хронично болните се јавија и здруженија на пациенти со малигни заболувања со напомена дека и при најмал допир со вирусот Сарс Ков 2, нивната состојба може за краток период да се влоши и да завршат фатално.

Минатата недела на препорака на Комисијата за заразни болести, Владата ја усвои одлуката хронично болните лица да се вратат на работните места со исклучок на оние за кои има извештај од специјалист дека состојбата им се влошила.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот