Христијан Пендиков доби кривична пријава од Левица за клевети кон македонскиот народ и Македонија

Фото: БТВ/принтскрин

Генералниот секретар на здружението „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков заработи кривична пријава од партијата Левица за лажни изјави и клевети кон македонскиот народ и државата.

Левица соопшти дека поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Охрид против Христијан Пендиков, во својство на „Генерален секретар на неофашистичкото здружение Цар Борис III“.

„Пендиков, во интервју емитувано на 14 февруари 2023 година, на една од најгледаните телевизии во соседна странска држава, намерно дава лажни изјави и клевети кон македонскиот народ и Република Македонија. Имено, пријавениот во контроверзното интервју, ги изнесува познатите негаторски тези на бугарскиот шовинизам дека ‘Македонците и Бугарите се еден исти народ‘. Со ваквата изјава, Пендиков ја изложува на подбив Република Македонија, која е конституирана и постои како национална држава на македонскиот народ. Оваа изјава е дејствие директно насочено кон разгорување национална омраза и нетрпеливост, изложувајќи ја на подбив македонската националност и оспорувајќи ја нејзината посебност и самобитност“, се наведува во партиското соопштение.

Според Левица, Пендиков извршил три кривични дела: Повреда на угледот на Републиката, излагање на подбив на македонскиот народ и предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.

„Доколку се воспостави практика на несанкционирање, институционален молк и обвинителски патернализам на ваквото омаловажување и обезвреднување на основните вредности на Република Македонија, идентитетски обележја на Македонците и чувствата на македонските Евреи, во пракса може да се предизвикаат сериозни и несогледливи штетни последици по националните интереси и безбедност во иднина“, образложуваат од партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот