Холандија ги продолжи граничните контроли со Германија и Белгија до летото 2026 година
Холандската кралска жандармерија ќе продолжи со граничните контроли со Германија и Белгија барем до летото следната година, објави денес холандскиот министер за азил и миграција, Давид ван Вел, наведувајќи дека целта е да се спречат нелегалните преминувања на границите и да се постигне превентивен ефект.
Препорачано
Во изминатите девет месеци, речиси 500 лица се запрени на границата, што е повеќе отколку со стандардните контроли, а Ван Вел наведува дека е „веројатно“ мигрантите да избираат други земји поради ова, објави холандскиот јавен сервис НОС.
Ван Вел нагласува дека заканата во Холандија сè уште постои, особено поради недостатокот на места во центрите за азил, што може да го зголеми ризикот за јавниот ред.
Сепак, контролите нема значително да го намалат притисокот врз центрите за азил, забележува Холандската комора на ревизори, бидејќи жандармеријата не може да ги одбие барателите на азил на границата.
Контролите ќе продолжат сè додека не се воведе Европскиот пакт за миграција, кој треба да овозможи поефикасни процедури на надворешните граници и да ја елиминира потребата од вакви мерки, рече холандскиот министер.
Во моментов, неколку земји од ЕУ спроведуваат слични контроли на своите внатрешни граници, вклучувајќи ги Белгија и Германија, но поради правилата на ЕУ тие мора да докажат постоење на сериозна закана за јавниот ред или безбедност.


