Хибридната сликовница „Памук“ на Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски ќе има промоција во КИЦ во Скопје
Во Културно-информативен центар – Скопје на 26 март (четврток), со почеток во 19 часот, ќе се одржи промоција на авторската сликовница „Памук“ на Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски, во издание на „Гаврош“.
Препорачано
„Памук“ претставува современо авторско издание, проект што ги спојува литературата и визуелната уметност во една „вистинска бајка“ за растењето, домот и сеќавањето.
Изданието е создадено преку хибридна визуелна техника што спојува рачно изработени минијатурни сетови, ликови базирани на куклена изработка и фотографска илустрација. Секоја сцена е изградена, осветлена и фотографирана како мал филмски сет, резултирајќи со уникатна атмосфера и визуелен универзум што се доживува и како книга, и како филм во движење.
Во наративна смисла, приказната е дистописка алегорија за патувањето на малиот штрк Памук и неговото семејство во свет, напуштен од луѓето, каде патот кон дома е заборавен – а со тоа и самото значење на зборот „дом“.
Со поетска нарација и филмска длабочина, оваа „вистинска бајка“ ја следи авантурата на Памук во потрагата по заборавеното сеќавање и древните патeки што некогаш ги воделе сите птици. Најповеќе од сè оваа приказна ја следи тивката, внатрешна авантура на Памук – неговото созревање и бавното откривање на сопствениот пат.
Ника Гавровска е авторка на сликовницата „Бел“ (2019), илустрираната книга „Бамбино“ (2022), илустрираниот зборовник „Збор по збор“ (2022) и графичкиот роман „Ветерната приказна“ (2023).
Ѓоко Гавровски е мултимедијален уметник. „Памук“ е негова прва книга во која Гавровски се појавува како автор на ликовното обликување и визуелната концепција на изданието.
Промотор на изданието е проф. д-р Кирил Пенушлиски.
Промоцијата ќе биде придружена со изложбена поставка на оригиналните експонати и минијатурни сценографии користени во процесот на создавање на книгата, овозможувајќи увид во материјалниот и визуелниот слој на делото. Промоцијата ќе вклучи и разговор со авторите за процесот на создавање на книгата, како и за нејзиниот концептуален и визуелен пристап.


