Херман Хесе: На што нè учи животот?
Познатиот писател Херман Хесе, добитник на Нобеловата награда за литература, кој починал на 9 август 1962 година, роден е на 2 јули 1877 година во Германија, во семејство кое му дало многу ригидно образование, каде што уметноста немала место и се сметала за површна.
Препорачано
Еден ден, Херман Хесе ѝ пишал за ова на својата сестра Аделаида:
„Често се случува мама и тато да го изразат своето одобрување за песна или музичка композиција, додавајќи веднаш, сепак, дека сè е, се разбира, само атмосфера, само празна убавина, само уметност и дека никогаш нема да има висока вредност како што се моралот, волјата, карактерот итн. Оваа теорија го уништи моето постоење и се одвоив од неа без можност за враќање“.
Но тоа не го спречило да стане уметник, не толку затоа што бил писател, поет и сликар во исто време, туку затоа што неговата уметност била богата со значења што оделе многу подалеку од чисто естетскиот аспект на делото: проткаена со морални, филозофски и психолошки значења. Некои од неговите дела, под посебно влијание на неговите психоаналитички сеанси со Јунг, опишувале внатрешно патување кон откривањето на „себството“ и мистериите на постоењето.
Барајте го вашиот идентитет, вашиот повик: тоа е она што го воздигнува човекот
Херман Хесе имал визија за уметноста сосема поинаква од онаа на неговите родители, до тој степен што ја направил столб на својот живот. Иако имал мала надеж дека уметноста може да го промени општеството, тој чувствувал дека може длабоко да го промени човекот.
„Уметноста, исполнувањето на внатрешното задоволство, подразбираше поврзување со длабокото и суштинско значење поврзано со терминот „дом“. Сепак, оваа куќа не беше куќата на неговите родители. Напротив, таа беше враќање кон нешто неопипливо, поврзано со интуицијата, но уникатно за секоја индивидуа. Тоа беше враќање и патување во исто време, и до него можеше да се стигне само преку уметност, поточно преку тешкото формирање на себеси.“ напиша Барбара Спадини за односот на Херман Хесе кон уметноста.
Иако се однесувал во целосна спротивност со идеологијата на неговите родители, неговото семејно потекло имало големо влијание врз него: бил свесен за влијанието на неговото семејно стебло врз неговиот живот.
Всушност, тој бил под влијание на животот на неговите баба и дедо: „За да ја раскажам мојата приказна, морам да почнам од далечниот почеток. Да беше можно, ќе морав да се вратам многу подалеку, во најраните години од моето детство, па дури и подалеку во далечното минато на моето потекло.“
Преку своите романи и песни, исполнети со автобиографски елементи, Херман Хесе се присетувал на епизоди од минатото што му предизвикувале болка.
„Знам колку животи и колку светло црвена крв мора да испил секој вистински стих пред да можам да станам и да шетам сам.“
Во продолжение прочитајте некои од најубавите цитати на Херман Хесе.
„Како што стареев, сè помалку ме исполнуваа малите задоволства што ми ги нудеше животот и сè повеќе ми стануваше појасно каде треба да ги барам вистинските извори на радост и смислата.“
„Научив дека да бидеш сакан не значи ништо, а дека да сакаш е сè, дека е способност да го чувствуваме она што дава вредност и убавина на нашето постоење. Без оглед каде на Земјата би се појавило она што може да се нарече среќа, би било сплетено од емоции.“
„Парите не се ништо, моќта не е ништо. Многумина го имаат и едното и другото, но сепак се несреќни.
„Убавината не е ништо. Сум видел убави мажи и убави жени кои се несреќни и покрај нивната убавина.
Ни здравјето не е сè, секој е здрав ако така и се чувствува, има многу болни луѓе полни со желба за живот, кои ја негувале до самиот крај, и има здрави луѓе, кои овенале измачувани од стравот од страдање.
Но, среќата секогаш била таму каде што некој знаел да сака и живеел за своите чувства; ако ги негувал, ако не ги газел и потиснувал, тие секогаш му носеле задоволство.
Убавината не му дава радост на тој што ја поседува, туку на оној кој знае да ја сака и да и се восхитува.
„Ако мразиш некоја личност, мразиш нешто во неа што е и дел од тебе. Она што не е дел од нас не ни пречи.“
„Мораш да го откриеш својот сон… но ниеден сон не трае вечно, после секој сон доаѓа друг и затоа не треба премногу да се држиш само до еден.“
„Нема друга реалност освен онаа која е содржана во нас. Затоа толку многу луѓе живеат нереален живот. Тие гo прифаќаат она што го гледаат надвор од нив како реалност и никогаш не му дозволуваат на светот во нив да излезе на површина.“
„Вишата сила е во тебе, а не во идеите и книгите. Вистината се живее, не се учи.“
„Мудроста не се пренесува. Кога мудар човек се обидува да ја пренесе својата мудрост, тоа секогаш звучи глупаво. Знаењето се пренесува, но не и мудроста. Таа се пронаоѓа, се живее, се прават чуда со неа, но не се пренесува и не се учи.“
„Љубовта не постои за да нè направи среќни, туку за да ни покаже колку можеме да издржиме.“
„Научи го тоа што сериозно вреди и насмеј се на останатото.“


