Хегсет даде оправдување зошто американската војска ги уби преживеаните во чамецот со дрога: „Беше магла на војната, не ги видов“
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет ги оправда последователните воздушни удари врз чамец со дрога во Карипското Море, повикувајќи се на „маглата на војната“, објави „Асосиејтед прес“.
Препорачано
На седницата на кабинетот во Белата куќа во вторникот, Хегсет изјави дека не видел дека луѓе преживеале во водата кога бил нареден и извршен вториот удар на почетокот на септември, наведувајќи дека „чамецот беше во пламен“ и повикувајќи се на „магла на војната“ како оправдување за нападот.
Хегсет кажа и дека „не останал до крај“ да го надгледува остатокот од акцијата по првиот удар и дека адмиралот кој ја водел операцијата „донел правилна одлука“, за која „имал целосно овластување“.
Во понеделникот, Белата куќа изјави дека адмиралот Френк „Мич“ Бредли делувал „во рамките на своите овластувања и на законот“ кога го наредил вториот удар.
Пратениците најавија конгресни проверки за нападите на американската војска врз пловила под сомнение дека шверцуваат дрога, а се очекува Бредли в четврток да одржи доверливо брифирање за членовите на Конгресот задолжени за надзор на воените операции.
На прашање дали ја поддржува вторaта ракетна операција врз чамецот во Карипското Море во септември, претседателот Доналд Трамп рече дека „не знаел ништо“ и дека сè уште немал добиено многу информации бидејќи се потпирал на Пит, мислејќи на Хегсет.


