Хаос во Камерун пред Африканскиот куп на нации: Ето си направил свој список и го избркал селекторот
Репрезентацијата на Камерун се најде во вистинска бура само неколку дена пред стартот на Африканскиот куп на нации, откако односите меѓу претседателот на федерацијата Самуел Ето и селекторот Марк Брис целосно се нарушија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ето, кој вчера ја одбележа четвртата година од својот мандат на чело на Камерунската фудбалска федерација, влезе во отворен конфликт со белгискиот стратег Брис. Иако Ето му порачал дека повеќе не смета на него, Брис официјално останува под договор со Министерството за спорт до септември 2026 година и одбива да поднесе оставка.
Раздорoт предизвика вистински хаос во националниот тим, Камерун заврши со два различни состави за континенталниот собир. Федерацијата, предводена од Ето, на 1 декември објави список од 28 фудбалери и го назначи Давид Пагу како селектор за турнирот. Пагу веќе беше претставен и на официјалната страница на ФИФА, одржа прес-конференција и го формираше својот стручен штаб.
На тој список имаше и неколку изненадување, изоставени беа: голманот Андре Онана, напаѓачот Ерик Чупо-Мотинг и ветеранот Венсан Абубакар не се најдоа меѓу избраните. Според медиумите, Ето лично инсистирал Абубакар да биде исфрлен од составот за да не го загрози неговиот рекорд како најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата, а во воој момент Абубакар има 12 гола помалку од сегашниот претседател.
Ситуацијата дополнително се комплицира кога Брис во средата, одбивајќи да го признае своето отстранување, објави сопствен список во кој ги врати тројцата изоставени фудбалери. Видно револтиран, тој јавно го обвини Ето за целата ситуација.
„Од првиот ден се обидуваше да ме тргне. Ме навреди, јас возвратив. Бев премногу силна конкуренција за него. Ги исфрли лидерите од тимот само затоа што тој го правеше изборот. Како да одиш на Африкански куп без врвен голман? Или без Абубакар?“ изјави Брис.


