Гутереш повика на итен прекин на војната меѓу Израел и Хамас

Антонио Гутереш / Фото EPA-EFE/GIAN EHRENZELLER

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика на итен прекин на војната меѓу Израел и Хамас, враќање на заложниците и зголемување на хуманитарната помош на опколената палестинска територија.

-Го повторувам мојот апел, повикот на светот за итен прекин на огнот, безусловно ослободување на сите заложници и итно зголемување на хуманитарната помош. Но, прекинот на огнот ќе биде само почеток. Ќе биде тоа далечен пат од уништувањето и траумите на оваа војна – рече Гутереш во видео обраќањето на меѓународната конференција на донатори во Кувајт, пренесе Франс прес.

Американскиот претседател Џозеф Бајден синоќа оцени дека прекин на огнот во војната во Газа е можен уште утре, доколку Хамас ослободи 128 заложници, кои ги крие на своја територија по нападот на југот на Израел на 7 октомври.

-Утре би имало прекин на огнот доколку Хамас ги ослободи заложниците – рече Бајден на собирот на средства за кампањата пред Сиетл, откако ја избегна темата за време на три слични настани во петокот.

 

„Израел вели дека зависи од Хамас, ако тие сакаат да го направат тоа, можеме да го прекинеме утре. А прекинот на огнот би започнал утре“, рече американскиот претседател.

Во средата тој го предупреди Израел дека Америка ќе престане да го снабдува со артилериски гранати и друго оружје доколку израелските сили го нападнат градот Рафах во јужниот дел на Газа, поради загриженоста за цивилните жртви предизвикани од употребата на американски бомби, јавуваат израелските медиуми.

Последните индиректни разговори меѓу Израел и Хамас за договор за прекин на борбите во Газа и ослободување на заложниците пропаднаа без никаков забележлив напредок оваа недела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот