Граѓаните незадоволни од градскиот превоз: Џабе плаќаме месечни билети кога нема редовни автобуси, срамота за ЈСП!

Фото: ЈСП Скопје

Граѓаните прашуваат, негодуваат, реагираат, но никој не ги есапи. Јавното сообраќајно претпријатие што постои токму поради тоа да им обезбедува редовен јавен превоз на скопјани, не им дава никакво објаснување на корисниците на неговите услуги .

Зошто два дена го нема автобусот со број 63 во 5.40 часот наутро што трга од Мралино, пак ли немате нафта?
50-ка чекав 30 минути, дали е тоа нормално?
Да си ги менаџирате автобусите на линија 2 и 2А или пуштете точен распоред дека ги има на 50 минути или исклучете ја линијата како да не постои. Веќе со месеци возат секој ден по неделен возен ред!
А 32-ка ја укинавте?
Цел час чекав автобус, од 16 до 17 часот кај Мечкаров во Кисела Вода и не помина ни 24-ка ниедна 58-ца, а потоа дојдоа две 24-ки одеднаш.
За џабе вадиме месечни карти кога мора да одиме пеш или да плаќаме за такси, срамота!

Ова се само дел од реакциите на скопјани по социјалните мрежи, но и на официјалната страница на Фејсбук на ЈСП „Скопје“. Граѓаните прашуваат, негодуваат, реагираат, но никој не ги есапи. Јавното сообраќајно претпријатие што постои токму поради тоа да им обезбедува редовен јавен превоз на скопјани, не им дава никакво објаснување на корисниците на неговите услуги. Единствените соопштенија што стигнуваат од ЈСП се поврзани со известување дека на празник ќе возат по неделен возен ред, додека за сите други проблеми на граѓаните остануваат неми.

Скопјани измрзнаа по станиците чекајќи автобуси, од ЈСП си молчат

Граѓаните што секојдневно користат автобус за да стигнат на своите работни места, на факултет или на училиште или кои имаат некаква здравствена или друга потреба за која им е потребен јавен превоз, во изминатите две години истрпеа многу – штрајкови на приватните превозници, протести на вработените во ЈСП, долго чекање на нередовните автобуси, неиздржлива гужва во возилата. Не дочекаа ни подобри автобуси ни функционален превоз, ниту пак бесплатен превоз, како што им беше ветувано.

Во меѓувреме ЈСП „Скопје“ и натаму добива најголеми субвенции од Град Скопје, но тоа нималку не влијае врз условите што им ги нуди на патниците. Возниот парк е застарен, а последната набавка на нови автобуси беше во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, кога се купија 33 возила „ман“. По улиците се тркалаат автобуси стари и по три децении, двокатните возила крцкаат и тропаат.

Иако претпријатието никогаш јавно не потврди, според изјавите на возачите и на синдикалците нема ниту доволно возачи, а тешко наоѓа и нови. Сепак и од претпријатието и од Град Скопје, во сите нивни ретки досегашни изјави тврдат дека јавниот превоз непречено функционира.

Сѐ ним им се мали платите, немаат шофери, немаат нафта, ама нам на работа кога доцниме поради нив, не ги интересира какви проблеми има ЈСП. Срам голем за ЈСП на чело со нивната градоначалничка – коментира Дивна од Скопје.

Два дена не можеше да се дополни картичка ниту да се плати со телефон во автобус, од ЈСП премолчеа дека имаат проблем

Во нашата редакција вчера повторно реагираа граѓани од населбата Ченто за истиот проблем како пред еден месец, кога тврдеа дека наутро воопшто ги нема автобусите на линија 23 и 45. Тоа се случувало и во изминатите два дена. Овие две автобуски линии ги опслужуваат приватните превозници, па неофицијално се дознава дека тие не возеле затоа што ЈСП не им ги исплаќа средствата за превоз што им ги должи.

Од ЈСП Скопје цел месец нема одговор на прашањето за овој проблем, поточно дали навреме ги исполнува своите обврски кон приватните превозници, поточно дали им се исплатени средствата за превозот и последно за кој месец.

Проблем имаат и жителите на Пржино и на Припор, кои со градот се поврзани само со по една автобуска линија, едната населба со 16, а другата со 24. Тие се жалат дека автобусите доаѓаат на повеќе од половина час и дека тоа се повторува секое утро во изминатиот период.

 Наводно, автобусите биле редуцирани затоа што возачите користеле лански одмори, па нема доволно шофери да се опслужуваат линиите. Не знам колку е тоа точно, оти нема кој да информира, но знам дека секое утро најмалку половина час чекам 24-ка. До кога ќе биде вака со превозот? Навистина е срамно, секој ден нервози – вели Весна од Кисела Вода.

Јавното претпријатие молчи и за овие прашања. Нема одговор зошто не се почитува возниот ред на овие две линии и дали има вистина во тврдењето на граѓаните дека е намален бројот на возила поради одморите.

Молчењето и на ЈСП и на Град Скопје нема да ги реши проблемите со превозот, но кога граѓаните не добиваат ништо подобро, заслужуваат барем да добијат објаснувања за она со кое секојдневно се соочуваат.

Конечно изгласани субвенции за ЈСП, скопјани нема да останат без автобуси

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот