Скопјани измрзнаа по станиците чекајќи автобуси, од ЈСП си молчат

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Граѓаните се жалат и дека возниот ред е крајно неорганизиран, па така се случува еден по друг на поминат и три автобуси одеднаш на една линија, а наредниот час да нема ниту еден, па бараат одговорност од ЈСП и од Град Скопје и нормализирање на услугата за која редовно плаќаат.

По најмалку половина час чекаат граѓаните автобуси на одење и враќање од работа. Најпроблематични се автобусите на линиите 5, 15, 3, 19, 20, а повремено проблем има и на другите линии. Потоа, се разбира, кога конечно ќе стигне долгоочекуваното возило, внатре не се дише од гужва и не може да се стигне до валидаторите за картички. Единствената „предност“ на турканиците во автобус е што патниците не можат да го почувствуваат студот, затоа што ретко во некој од нив има греење.

Проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните во јавниот градски превоз, без оглед дали станува број за автобусите на ЈСП „Скопје“ или за оние на приватните превозници, кои згора на сѐ се валкани, се големи, но оние што треба да ги решат, едноставно ги игнорираат потребите на патниците. Ниту од ЈСП ниту од Град Скопје нема никаква информација дали и кога ќе се надмине ваквата состојба.

Патувањето со ЈСП претставува секојдневен предизвик за мене. Најпрво поради тоа што не знам кога ќе пристигне автобус со број 5 на станицата на којашто чекам, а потоа и дали безбедно ќе стигнам до работното место. Јас како адвокат по професија, според правилниците наидов на многу неправилности. Автобус со број 5 се чека и по 45 минути, а според Одлуката донесена на Град Скопје за линиски превоз од 2015 година по член 11 максимален интервал кај градските линии треба да изнесува 20 минути. На официјалната страница на ЈСП доколку се отвори во возен ред, видно е дека автобус со број 5 има на 10 минути, но во практика се чека и до 45 минути. Поради тоа луѓето се принудени да влегуваат во автобус и без разлика на тоа што внатре нема место да се свртиш, а не па да поминеш до апаратчето за куцање картица – вели Марија Б., редовен патник во јавниот градски превоз.

Таа објаснува дека во согласност со Законот за безбедност во сообраќајот, во автобусот мора да се превезува број патници за колку што е предвиден автобусот, што не е случај во практика. На ова се надоврзува и Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, односно доколку дојде до сообраќајна незгода, не ќе може да се обесштетат сите патници од причина што автобусот е осигурен во согласност со тоа колку патници законски смее да превезува.

Така што возењето во автобус со број 5 не само што е нелегално во период од 7-8 часот наутро и 16-17 часот попладне, туку е и небезбедно. Според член 77 од гореспоменатата Одлука, просторот во возилата за вршење на превозот мора да се проветрува, а температурата не смее да изнесува под +10 С ниту над +25 С: Морам да напоменам дека никогаш не е проветрено, а во зима ретко во автобусите е вклучено греењето. Така беше и минатиот петок, со доцнење, чекање, смрзнување, небезбедно и крајно нехумано за нас како корисници на јавниот превоз – реагира Марија.

Фото: Слободен печат/Ивана Николовска

Граѓаните се жалат и дека возниот ред е крајно неорганизиран, па така се случува еден по друг на поминат и три автобуси одеднаш на една линија, а наредниот час да нема ниту еден. Бараат одговори и одговорност од ЈСП и од Град Скопје, бараат нормализирање на услугата за која редовно плаќаат.

 Тотален хаос е возењето со ЈСП. Бесконечно е чекањето на „Рекорд“ од 15.30 до 17 часот. Поминуваат неколку автобуси со број 57 и 24 речиси еден по друг, а за Ѓорче нема ниту еден автобус повеќе од половина час, иако на возниот ред пишува дека има. По долго чекање стасува автобус бр. 5, кој има 4 врати, а само 2 апаратчиња за отчукување картички и толку метеж што нема шанса да ја отчукаш. Внатре е неподносливо преполно, но мораш да се качиш бидејќи не е хумано да чекаш уште 30-40 минути за да дојде друг автобус и да си одиш дома. Сите згмечени како сардини едвај стоиме и се бориме за воздух во задушливиот автобус, а згора на сѐ шоферот преку микрофон нè опоменува да не се допираме до вратите. Дали некој има решение за овие маки на корисниците на ЈСП? – прашува Ивана од Ѓорче Петров.

Од ЈСП „Скопје“ до овој момент нема одговор на прашањата што ги мачат скопјани. Не кажуваат што е проблемот за секојдневните маки на граѓаните – дали нема доволно автобуси и возачи или возачите едноставно не се придржуваат кон возниот ред.

Молчи и Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска, која сигурно е информирана за проблемите со јавниот градски превоз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот