Ахмети заглавен меѓу црвените линии на Мицкоски

Христијан Мицкоски/ Фото „Слободен печат“, Драган Митрески

Економски силна држава, преку реформи кои ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард, фронт против криминалот и корупцијата, реализација на стратешкиот интерес за евроинтеграции преку дијалог и исполнување принципи, се појдовната основа во преговорите на партијата што убедливо победи на изборите.

Економски силна држава, фронт против криминалот и корупцијата, како и реализација на стратешкиот интерес за евроинтеграција се трите црвени линии кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе ги стави на маса пред потенцијалните партнери „Вреди“, ЗНАМ и Левица за влез во владина коалиција. По огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на парламентарните и на претседателските избори, Мицкоски најави дека ќе ги исцрта условите за преговори со можните владини партнери.

– На состанок ги поставивме контурите на рамката врз која ќе го градиме коалицискиот потенцијал со другите партии и каде фокусот ќе бидат луѓето на прво место. Економски силна држава, преку реформи и чекори кои ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард. Фронт против криминалот и корупцијата и постигнување на правда. Реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции, преку дијалог и исполнување на принципи. Очекувањата се големи, и одговорноста кон народот уште поголема – соопшти Мицкоски.

Мицкоски, Слијановска Давкова избори Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Мицкоски: Влада во најкус можен рок

Мицкоски прексиноќа рече дека е уверен дека ќе ја формира владата во најкус можен рок. Покрај со албанската коалиција „Вреди“, тој најави разговори и со другите опозициски партии но, како што рече, тоа не значи дека сите ќе бидат дел од идната влада.
Огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на двојните избори ѝ обезбезбедува апсолутна власт на партијата предводена од Мицкоски, имајќи го предвид фактот дека на последните локални избори освои 42 општини од вкупно 80, плус Град Скопје, што значи дека власта ја има и на централно и на локално ниво.

Останува енигма како ќе се позиционира и однесува ДУИ која победи во, условно кажано албанскиот политички блок, зашто Мицкоски јасно порача дека нема да ја игра во новата влада предводена од него.
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска-Давкова, според последните податоци од Државната изборна комисија (ДИК), во вториот круг од претседателските избори освои 308.632 гласа повеќе од противкандидатот Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ и коалицијата. Од обработени 99,09 отсто од избирачките места и 99,82 отсто обработени избирачи, за неа гласале 560.173 граѓани, а Пендаровски доби 251.541 глас.

Димитар Ковачевски/Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

ВМРО-ДПМНЕ ја „згази“ СДСМ и на парламентарните избори и освои 58 пратенички мандати, наспроти 18 мандати колку што освоија социјалдемократите со коалициските партнери. СДСМ претрпе историски пораз и во мандати, зашто ДУИ со еден мандат повеќе и е втора партија во Собранието. Во однос на освоените гласови, ВМРО-ДПМНЕ има 431.251, додека за СДСМ гласале само 153.250 избирачи. Трета партија според гласовите е ДУИ со 137.486, наспроти опозициската коалиција „Вреди“ која освои 106.991 глас, или 13 мандати. По шест мандати освоија ЗНАМ на Максим Димитриевски и Левица, предводена од Димитар Апасиев.

Резултатот е и поради гневот на општеството

Политичките аналитичари сметаат дека апсолутната власт значи и голема одговорност за ВМРО-ДПМНЕ.

– Секако дека апсолутната моќ на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, и на централно и на локално ниво, ќе значи дека ќе треба да има многу повеќе одговорност кон граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ не ќе може да најде изговори за неисполнување на ветувањата, а исто така не ќе можат да најдат изговори за евентуалниот неуспех на државата. Победата на ВМРО-ДПМНЕ беше над очекувањата, уште повеќе под очекувањата беше извонредниот пораз на СДСМ и нивните коалициски партнери – вели за „Слободен печат“ аналитичарот Сефер Селими.

Сефер Селими/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Политичкиот аналитичар Иво Рангеловиќ смета дека огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ освен што се должи на волјата на граѓаните е резултат и на гневот на општеството за манипулациите врзани за евроинтеграциите.

– Резултатите, покрај волјата на народот, го обзнануваат и гневот на општеството кон сите сопки и манипулации на евроинтеграцискиот пат, но и сервилноста кон албанскиот фактор. Тоа е всушност поткрепата на бранот кој ја донесе победата за ВМРО-ДПМНЕ и во тој контекст ќе бидат очекувањата од новата влада – смета Рангеловиќ.

Во оваа насока, Мицкоски по победата се обрати и до членството и идните функционери од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

– Народот покажа дека ничија свеќа не гори до зори, и порано или подоцна следува одговорност. Да го запомниме тоа затоа што од судот на народот никој не избегал, како ни од судот на Бога. Не ги заборавјте овие луѓе, оставете бел образ, бидете одговорни и чесни. Паметните учат од туѓите грешки, немој ни на крај памет да ви падне да го потцените мудриот народ на Македонија. Имаме причина да се радуваме, да сме задоволни и длабоко благодарни, но и лекција да не влегуваме во еуфорија, ароганција и самобендисаност – рече Мицкоски.

За потезите што ќе следат, од партијата на Али Ахмети ако биде опозиција, Рангеловиќ смета дека било каква радикализација претставува спротивен чин на волјата на народот и дека не гледа ниту политичка логика за такво нешто.

– Од друга страна, ДУИ би бил сериозна опозиција во секоја смисла на зборот. На крајот, промената на власт е една од најздравите вредности на демократија и со тоа треба да се носат политичките елити и општеството – смета Рангеловиќ.

Иво Рангеловиќ – политиколог / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

Селими не е толку оптимист ако ДУИ остане во опозиција и, како што вели, наместо да впловиме во тивок океан, можно е да влеземе во матни води.

– Во делот на составување на влада беше јавно и јасно кажано од Мицкоски дека преферира и омилена му е коалицијата „Вреди“, но тој ќе треба да има предвид дека ако ја игнорира и не ја есапи волјата на втората по големина мнозинска заедница во Македонија, тоа секако нема да помине така лесно, а уште помалку стабилно. Мислам дека тоа беше пораката и од Ахмети дека Европскиот фронт е апсолутен победник во албанскиот блок и секако дека имаат право да бараат волјата на нивните гласачи да бидат претставени во извршната власт – вели Селими.

Ахмети откако прогласи победа на Европскиот фронт испрати порака да се почитуваат гласовите од граѓаните.

Али Ахмети во Изборниот штаб во Мала Речица/ Фото: Слободен печат/ Зоран Димовски

– Реков дека треба стабилност и мир. На државата ѝ треба добра комуникација меѓу заедниците, а не поделба меѓу заедниците. Треба да се почитуваат гласовите на мнозинската заедница во државата, за ова треба да сносиме одговорност сите – рече Ахмети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот